Економија
Буџетот скратен за 123 млн. евра, прогнозата за раст спуштена на 2,5 отсто
Намалување на расходната страна на буџетот за 7,6 милијарди денари (123 милиони евра), надолна корекција на прогнозата за економски раст на 2,5 отсто и инфлација од 2,8 отсто.
Ова се главните карактеристики на ребалансот на државниот буџет, што вечерва беше усвоен на седница на македонската влада.Како што појасни вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески потребата за корекциите во буџетот се последица од кулминацијата на економската криза во еврозоната, а рецесијата во повеќе европски држави се одразила и врз буџетските приходи на Македонија.Надолната корекција на проекцијата за растот на БДП е извршена врз параметрите од првите три месеци од годината, кога е забележан пад на индустриското производство, што веројатно ќе предизвика негативна стапка на раст во првиот квартал од годината, појасни Ставрески.„Нашите очекување се дека во останатите три квартали од годината ќе има подобрување на економската состојба и со антиципираната негативна стапка на раст за првото тромесечје, вкупно за целата година очекуваме раст од 2,5 проценти“, изјави Ставрески.Тој додаде дека оваа бројка е сосема близу со предвидениот раст на ММФ, кој денеска потврди дека очекува македонската економија да се зголеми за два отсто.Проекциите за инфлацијата за 2012 година се пораст од 2,8 проценти, коишто истотака главно го рефлектира остварениот пораст на цените во првите месеци како последица на поскапувањето на нафтата на светските берзи, информираше Ставрески.Ресорниот министер посочи дека се очекува стабилизирање на цените до крајот на годината, поради што е направена наведената проценка за движењето на инфлацијата во текот на годината.Врз основа на двете клучни макроекономски проекции извршен е ребалансот на буџетот за 2012 година, кој предвидува намалување на буџетските расходи за 7,6 милијарди денари и на приходите за 7,39 милијарди денари, рече Ставрески.Ова претставува намалување за близу пет отсто од првичниот буџет, кој беше прокетиран на 169 милијарди денари (околу 2,75 милиони евра).Истакнувајќи дека ниту едно министерство нема да биде поштедено од кратењето на расходите, Ставрески рече дека ќе се штеди во три категории – стоки и услуги, трансфери и капиталните расходи.„Буквално се крати кај сите министерства и процентот е сличен. Таков и беше договорот сите министерства да учествуваат во штедењето, бидејќи времињата се такви и никој неможе да биде исклучен“, рече Ставрески.Тој истакна дека се настојувало со кратењето да не се наштети на динамиката на капиталните инвестиции, кои и покрај ребалансот ќе бидат за 20 отсто поголеми во споредба со лани.Ставрески информираше дека на денешната седница владата донела одлука да се задолжи кај најголемата европска комерцијална банка, Дојче банк за 250 милиони евра, кои ќе бидат вратени за пет години по камата од 6,83 отсто.Овие пари ќе бидат наменети за финансирање на буџетски проекти, но и за рефинансирање на еврообврзницата која доспева на почетокот на наредната година, рече Ставрески, додавајќи дека Македонија повеќе нема да има потреба да користи средства од кредитната линија за претпазливост на ММФ. /крај/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

