Економија
Британија влезе во рецесија

Британската економија влезе по втор пат во рецесија од избивањето на финансиската криза во 2008 година, покажаа најновите податоци на Националниот завод за статистика.
Економските активности на Велика Британија очекувано бележат пад од 0,2 отсто во првите три месеци од годината.Претходно, во последниот квартал од минатата година беше забележана негативна стапка на раст од минус 0,3 отсто. Британската економија прв пат западна во рецесија во есента 2008 година, кога економската активност се намали за 1,7 отсто. Оттогаш економијата не успеа целосно да закрепне и покрај бројните владини мерки. /крај/х/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Премиерот Мицкоски го посети логистичкиот центар на Лидл – инвестиција од 115 милиони евра со поддршка за локалните компании

Премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, заменик министерот за економија Марјан Ристески, директорот на Царинската управа Бобан Николовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов, како и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски денеска во Куманово извршија увид и обиколка на логистичкиот центар на Лидл Северна Македонија, кој е во завршна фаза.
Станува збор за најголемата логистичка инвестиција во земјата и клучен проект за развој на малопродажната мрежа.
Инвестицијата е вредна 115 милиони евра и се протега на површина од 63 илјади метри квадратни. Со изградбата на логистичкиот центар ќе се овозможи побрзо снабдување на продавниците, отворање на 230 нови работни места и создавање нови можности за домашните компании и фармери да станат дел од синџирот на Лидл. Првата пратка на производи се очекува да биде кон средината на 2026 година.
Милена Драгијска-Денчева, извршна претставничка на Лидл, изрази благодарност за соработката до Владата и до Општина Куманово, во кои, како што рече „гледаат големи партнери“.
„Овој логистички центар подразбира свежи производи за македонските потрошувачи во секоја продавница, секој ден. Не два, не три, не четири дена подоцна, туку буквално секој ден. Ова е можност и за македонските производители да ги намалат трошоците, односно да ги складираат своите производи овде како централна точка, а дополнително ние располагаме со контрола на квалитет, што е многу важно за Агенцијата за храна и ветеринарство, бидејќи гарантираме за свежината и за квалитетот на производите“, изјави Драгијска-Денчева.
Лидл веќе соработува со повеќе од 75 локални производители, а оваа соработка ќе се проширува со секое ново отворено продажно место.
Логистичкиот центар ќе биде основната точка за снабдување на сите идни Лидл продавници во државата, што ќе овозможи поефикасна дистрибуција и постојана достапност на производи за граѓаните. Со автоматизираните системи и дигиталните процеси, ќе се намалат загубите на храна и ќе се зголеми енергетската ефикасност.
Со изградбата на овој центар се поставува нов стандард за логистичка инфраструктура во Северна Македонија. Лидл ја интегрира својата глобална стратегија за одржливост преку LED осветлување, системи за заштеда на енергија и оптимизирани транспортни рути со цел значително намалување на емисиите на CO₂. На покривот на зградата ќе има фотоволтаичен систем со капацитет од 1 MW, а отпадната топлина од системот за ладење ќе се користи како извор на топлина низ целата зграда, со што ќе се постигне максимална енергетска ефикасност. Центарот ќе биде опремен со повеќе од 110 електрични виљушкари, ќе има 274 паркинг места за автомобили, 100 паркинг места за камиони и 2 станици за полнење на електрични возила, а во иднина се планира и поставување на станица за полнење на електрични возила.
Како дел од групацијата Schwarz, Лидл планира континуирано проширување на својата мрежа во Северна Македонија со инвестиции од над 300 милиони евра и отворање над 1.000 работни места на национално ниво во следните години.
***
За Лидл
Лидл Северна Македонија е дел од компанијата за малопродажба Лидл, која е една од водечките компании во прехранбената индустрија во Германија и Европа. Лидл моментално работи со над 12 200 продавници и повеќе од 220 логистички центри и магацини во 31 земја.
Како супермаркет со пониски цени, Лидл го вреднува оптималниот сооднос цена-квалитет за своите потрошувачи. Едноставноста и посветеноста кон процесот ги одредуваат секојдневните делувања во продавниците, регионалните дистрибутивни центри и услугите на компанијата. Lidl Stiftung, како даватели на системски услуги, со седиште во Некарсулм, е одговорен за креирање и структурата на стандардизираните процеси.
Лидл моментално има околу 376 000 вработени на меѓународно ниво. Динамичноста во секојдневното работење, силата и правичноста во меѓусебните односи го карактеризираат функционирањето на компанијата низ целиот свет. Лидл Северна Македонија досега вработува околу 100 лица и континуирано регрутира нови квалификувани профили од различни области и за различни работни позиции.
Од своето постоење, Лидл презема одговорност за луѓето, општеството и околината. Во Лидл, одржливоста е исполнување на ветувањето за квалитетни производи, достапни секој ден.
ПР
Економија
Мицкоски: Трговијата во индустријата е зголемена за 13-14 отсто во јули, споредено со истиот месец лани

Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека економијата се опоравува и какви се макроекономските показатели во индустријата, изјави:
„Државниот завод за статистика објави параметар вчера, во којшто вели дека трговијата во индустријата е зголемена за 13-14% во јули, споредено со истиот месец претходната година. И тоа е тренд кој што нѐ следи цела година, но она кое што за мене е забележливо, е фактот што таа трговија во индустријата, во делот на размена со странство е дури и повеќе зголемена, отколку трговијата во индустријата дома.
Кога зборувам повеќе надвор, зборувам за повеќе од 15% и тоа е единствен резултат во Европа каде што имаме толку силна, зголемена трговија во индустријата. И тоа е добар показател, бидејќи јули е првиот месец од третиот квартал. Во првиот квартал имавме 3,2% раст на БДП, во вториот квартал 3,4 иако номиналниот е 7,8. Очекувам во третиот и четвртиот квартал тој раст да продолжи до крајот на годината. Така што ова се сѐ индикатори коишто ние со години наназад, не сме биле ни блиску да ги постигнеме, а камо ли пак да ги коментираме.“
Економија
Дурмиши на „Бизнис Лидер“: Владата и стопанството се партнери во градење на модерна и одржлива економија

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати како почесен гостин на најголемата бизнис конференција во земјава – „Бизнис Лидер“, која ги обединува најуспешните претприемачи, визионери и компании што ја движат македонската економија напред.
Во своето обраќање, министерот истакна дека оваа конференција претставува симбол на волјата, капацитетот и одговорноста за зајакнување на темелите на економијата и за создавање подобра иднина за граѓаните.
„Нашата визија е јасна – Македонија да стане зелена, дигитална и иновативна економија, со силно претприемништво и со култура на иновации во секоја компанија. Само преку партнерство помеѓу јавниот и приватниот сектор можеме да обезбедиме стабилен раст, нови работни места и подобар животен стандард за сите граѓани“, рече Дурмиши.