Економија
Најголем пад на нарачките во американската индустрија од јануари 2009 година
Нарачките на трајни добра во американската индустрија во март потонаа по највисока стапка во изминатите три години, најмногу заради падот на побарувачката за авиони.
Според податоците објавени во среда од страна на американското Министерство за трговија, нарачките на трајни добра во американската индустрија се намалени во март за 4,2 отсто, што е нивен најостар пад од јануари 2009 година.
Падот на нарачките на авиони достигна речиси 50 отсто. Но, намалени се и нарачките во машинската индустрија, што би можело да биде знак за слабеење на индустриската активност во САД.
Кога ќе се исклучи транспортниот сектор, нарачките во март се намалени за 1,1 отсто.
Економистите, анкетирани од Ројтерс, очекувале пад на вкупните нарачки минатиот месец за 1,7 отсто.
Трајните добра претставуваат стока чиј век на траење е најмалку три години, а се однесува на редица производи, од бела техника, автомобили и тешки машини, до авиони.
По објавата на вие податоци, американските термински индекси ги намалија претходните добивки, додека курсот на доларот продолжи да слабее спрема најважните валути.
Американската влада во петок ќе објави податок за бруто домашниот производ на САД во првото овогодишно тромесечје. /крај/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Електродистрибуција го имплементира најновиот систем SIEMENS SCADA за дигитално управување со мрежа – Скопје
Во финална фаза на имплементација е најновиот SIEMENS SCADA систем за дигитално управување со среднонапонска и високонапонска мрежа, со што значително ќе се унапреди дигиталната трансформација и системите за далечинско управување и мониторинг, соопштија од компанијата.
Со помош на најновиот SCADA систем, како што е појаснето, ќе се оствари меѓусебно поврзување на диспечерските центри на ЕВН и МЕПСО со цел поквалитетно водење на целата електроенергетска мрежа во државата.
„Со инвестиција од еден милион евра, најсовремениот SCADA систем овозможува повисоко ниво на автоматизација, сигурност и оперативна контрола, што претставува клучен предуслов за ефикасна енергетска транзиција и поголема диверзификација на изворите на електрична енергија во земјата. Системот има особено значење во периоди кога сѐ поголем број фотонапонски централи се приклучуваат на дистрибутивната мрежа. Досега се регистрирани 2.963 нови приклучоци од обновливи извори, со вкупна инсталирана моќност од 860 MW, што во одредени ситуации може да претставува предизвик за стабилноста на енергетскиот систем. Со ваквите инвестиции во дигитализација на клучните процеси, Електродистрибуција обезбедува поквалитетни, доверливи и поефикасни услуги за своите корисници и ја зацврстува сигурноста и ефикасноста на мрежата, потврдувајќи ја својата заложба за модерна, транспарентна и дигитална енергетска инфраструктура“.
Економија
Божиновска меѓу енергетските лидери на P-TEC форумот во Атина: фокус на новата трансатлантска соработка
Во Атина денес официјално започна Шестото партнерство за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC)– глобален форум што ги обединува енергетските министри од 25 земји од Европа и Северна Америка, посветен на унапредување на енергетската безбедност и стратешките инфраструктурни проекти.
По покана од американскиот секретар за енергетика Крис Рајт и грчкиот министер за енергетика Ставрос Папастравру, министерката Божиновска присуствуваше на свеченото отворање на форумот и потпишувањето на новиот договор за соработка меѓу САД и Грција.
Форумот, кој ги обединува енергетските министри од 25 земји од Европа и Северна Америка, претставува водечка платформа за дијалог за енергетската безбедност, диверзификацијата на изворите и стратешките инвестиции во регионот.
На настанот беше потпишан стратешки енергетски договор меѓу ExxonMobil, Energean и Helleniq Energy, кој предвидува 60% инвестициски удел во истражувањето на гасното подрачје „Block 2“во Јонското Море, северозападно од Крф.
Со овој потег, САД и Грција ја отворија новата фаза на билатерална енергетска соработка, вредна меѓу 50 и 100 милиони долари, насочена кон засилување на регионалната безбедност и диверзификација на европскиот пазар.
Во своето обраќање, грчкиот министер за енергетика Папастравру ја спомена Северна Македонија како пример за успешна и стабилна регионална соработка, истакнувајќи дека заедничките енергетски проекти со Македонија се модел за доверба и интеграција во југоисточна Европа.
Вчера вечер, министерката Божиновска по посебна покана на новоименуваната амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Атина, Кимберли Гилфојл, присуствуваше и на приемот во чест на американскиот секретар за енергетика Крис Рајт и секретарот за внатрешна безбедност Даг Бургам, организиран во Амбасадата на САД во Атина.
Настанот беше од висок дипломатски карактер, на кој присуствуваа американската делегација, европски министри и претставници на водечки енергетски компании, со цел зајакнување на трансатлантското партнерство и инвестициите во чиста енергија и инфраструктура.
Форумот P-TEC, кој се одржува во Zappeion Megaron, оваа година собра над 400 високи претставници од 25 држави, и потврди дека енергетската соработка меѓу Европа и САД станува стратешка оска на стабилност и развој во регионот.
Присуството на Македонија на вакви форуми е потврда дека нашата земја се движи рамноправно со европските и трансатлантските партнери во новата енергетска ера, соопштија од министерството.
Економија
Бизнис-форумот Грција – Северна Македонија ги поттикнува економските врски
Повеќе од 60 компании од Грција и од Северна Македонија се собраа денес во Стопанската комора на Северна Македонија на бизнис-форум на високо ниво наменет за продлабочување на економската соработка. Настанот, коорганизиран од грчката амбасада во Скопје и од Стопанската комора на Северна Македонија, овозможи повеќе од 200 B2B (бизнис-до-бизнис) средби.
Форумот го отворија Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, и Софија Филипиду, амбасадорка на Грција. Во своето воведно обраќање амбасадорката Филипиду нагласи дека овој форум претставува извонреден пример за тоа како две соседни земји, кои имаат толку многу заедничко, може да ги развиваат и продлабочуваат економските врски во корист на двете економии.
Високата посетеност и значајниот број на денешните B2B средби јасно укажуваат на интересот да се премине од дискусија кон конкретни акции.
Делегацијата ја сочинуваа високи претставници од Атинската стопанска и индустриска комора (ACCI), Хеленската федерација на претпријатијата (SEV), Асоцијацијата на грчките извозници (SEVE) и Enterprise Greece. Грчките компании што учествуваа на форумот претставуваа клучни економски сектори, меѓу кои градежништво и градежни материјали, енергетика, фармацевтски производи, храна и информатичка технологија.

