Економија
Јанакиески во работна посета на Латвија

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во четврток и петок ќе биде во работна посета на Латвија, како дел од официјалната посета на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на оваа земја.
Во рамките на посетата, предвидено е да биде потпишан Договор меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Латвија за меѓународен патен сообраќај со кој ќе се воведе либерализација на билатералниот и транзитниот превоз на стоки помеѓу двете земји и истиот ќе се одвива без транспортни дозволи.
Договорот ќе биде потпишан во петок во Рига, а ќе го потпишат министерот Јанакиески и неговиот латвиски колега Аивис Ронис. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Усвоен Законот за енергетската ефикасност: пониски сметки, почист воздух и европски стандарди“, известува Министерството за енергетика

Собранието на Република Северна Македонија на последната седница го усвои Законот за енергетската ефикасност, подготвен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Со оваа одлука земјата добива уште една силна законска рамка, усогласена со европските стандарди, која директно ќе придонесе за пониски сметки за граѓаните, почиста животна средина и отворање нови зелени работни места, велат од Министерството за енергетика.
„Законот обезбедува суштински исчекор во намалување на потрошувачката на енергија, интеграција на обновливи извори и намалување на емисиите на стакленички гасови. Со неговото спроведување ќе се создаде стабилен систем, кој ќе ја приближи земјата до европските климатски цели и до концептот на зелена транзиција.
Клучни новини од Законот:
• Воведување на европскиот принцип ‘енергетската ефикасност на прво место’;
• Долгорочна стратегија за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални згради во енергетски ефикасни објекти;
• Тројно зголемена заштеда во јавниот сектор – задолжителна реконструкција на најмалку 3 % од јавните згради годишно;
• Задолжителни соларни колектори при изградба или реконструкција на училишта, градинки и јавни институции;
• Финансиска поддршка за инвестиции во соларни панели, геотермални системи и паметни технологии;
• Високи стандарди во јавните набавки, дигитална транспарентност и професионализација на енергетските контроли;
• Вклучување на сертификатите за енергетски карактеристики во Катастарот на недвижностите и поттик за меѓуопштинска соработка.
Со усвојувањето на овој закон се воспоставува правна, економска и социјална рамка, што ги намалува трошоците за граѓаните и бизнисите, ја забрзува интеграцијата на обновливите извори и овозможува креирање одржлив енергетски систем.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на целосната реализација на реформите во енергетскиот сектор и на усогласување со европското законодавство. Законот за енергетска ефикасност е дел од пакетот реформски закони, кои го поставуваат темелот за стабилен, одржлив и конкурентен енергетски сектор – со енергетска сигурност, подобар квалитет на живот за граѓаните и забрзано приближување кон Европската Унија“, се додава во соопштението на Министерството за енергетика.
Економија
Народната банка: Се задржува внимателниот пристап на централната банка – каматните стапки остануваат исти, поддржани со макропрудентните мерки

На 16 септември 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата беше одлучено каматните стапки да останат исти, односно каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на седум дена се задржуваат на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција ќе биде исто така непроменета, односно ќе изнесува 10 милијарди денари. Со ваквата одлука се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, во согласност со економските услови и ризиците коишто произлегуваат од домашното и надворешното окружување. Овој пристап на монетарната политика е поддржан и со неодамнешните промени кај задолжителната резерва, затегнувањето на макропрудентните мерки во делот на критериумите на кредитната побарувачка, како и со зголемувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот за дополнителни 0,25 процентни поени[1]. Комбинацијата на овие мерки е насочена кон одржување на ценовната стабилност на среден рок и стабилноста на девизниот курс, како и кон заштита од можни идни системски ризици. Во однос на монетарната поставеност во еврозоната, ЕЦБ на септемврискиот состанок донесе одлука за задржување на каматните стапки на досегашното ниво, извести НБ.
Годишната стапка на инфлација во август забави и изнесуваше 4,4%, под влијание на базичната и прехранбената компонента, при натамошен пад на цените на енергентите. Сепак, остварената инфлација е над проектираното ниво, со што таа и понатаму останува во фокусот и потребна е внимателност. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани во надолна насока, што укажува на помали увозни ценовни притисоци во споредба со очекувањата. И покрај тоа, сѐ уште постои неизвесност околу идните движења на светските цени на примарните производи поради геополитичките тензии и климатските промени. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат, а се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз побарувачката.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна, при што од почетокот на годината Народната банка интервенира со нето-откуп на девизи. На крајот на август, нивото на девизните резерви изнесува 4.754,4 милиони евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со август упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто се малку повисоки од очекувањата за третиот квартал. Проценетиот трговски дефицит за третиот квартал од годината, во согласност со податоците за надворешнотрговската размена во јули, е малку повисок од очекувањата, иако периодот е сѐ уште краток за попрецизна оцена. Во вториот квартал од 2025 година, остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања е повисок од очекувањата, при истовремени нето-приливи во финансиската сметка, коишто се минимално пониски од очекувањата според априлската проекција, соопшти НБ.
Во вториот квартал од 2025 година, растот на економската активност забрза и изнесува 3,4% на годишна основа. Ваквото остварување е малку повисоко во однос на оцената за вториот квартал во рамките на априлскиот циклус проекции. Економскиот раст целосно произлегува од позитивниот придонес на домашната побарувачка, во услови на раст на личната потрошувачка и бруто-инвестициите, додека нето-извозот бележи мал негативен придонес, во услови на забрзан раст и на извозот и на увозот. Светската неизвесност, особено поради трговските и геополитичките тензии, и натаму претставува најголемиот надворешен ризик за домашната економија. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката со коишто ќе се остваруваат домашните инфраструктурни проекти се едни од најважните фактори што ќе влијаат врз темпото на економскиот раст.
Остварувањата во монетарниот сектор покажуваат натамошна солидна кредитна поддршка на економијата, што е над очекувањата. Во јули, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто се повисоки во однос на априлските проекции.
Општо земено, со последната одлука се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, во согласност со најновите движења кај најважните макроекономски показатели и процените за ризиците. Надворешните ризици и понатаму се изразени, но внимателно се следат и домашните фактори коишто влијаат врз побарувачката. Народната банка и во иднина ќе биде подготвена да ги користи сите расположливи инструменти и да преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок, се додава во соопштението на НБ.
Економија
Горан Ѓорѓиевски избран за нов претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија

Со одлука на Собранието на Сојузот на стопански комори на Македонија, за нов претседател е избран Горан Ѓорѓиевски.
„Ова е специфичен момент затоа што треба многу да се направи за брендот Сојуз на стопански комори повторно да го добие реномето од пред десетина, петнаесет години. Влегуваме во нови времиња во кои ќе придонесеме за посилно деловно застапување, дигитална трансформација, раст на продуктивноста и транспарентноста на домашните компании“, изјави новоизбраниот претседател Ѓорѓиевски.
Во својата програма тој најави неколку приоритети: унапредување на деловната клима преку континуиран дијалог со институциите, поддршка на малите и средните претпријатија, поттикнување на иновациите и дигитализацијата, јакнење на регионалната и меѓународната соработка, како и инвестирање во образование и човечки капитал.