Економија
Јанакиески на работна вечера со камионските трапортери
Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески присуствуваше на работната вечера со претставници на превозните компании, која ја организира Асоцијацијата на камионски транспортери МАКАМТРАНС, на која се разговараше за актуелните состојби во врска со дејноста превоз во патниот сообраќај.
Во рамките на средбата, министерот за транспорт и врски најави дека аплицирањето за годишните ЦЕМТ дозволи за 2013 година за превозниците кои вршат превоз на стока ќе се врши електронски во периодот од 10 октомври до 15 октомври. На огласот ќе можат да аплицираат сите транспортни компании кои поседуваат важечка лиценца за јавен превоз на стока за меѓународен превоз на стока. Исто така, беше истакнато дека за 2013 година согласно расположивиот контингент на дозволи кои ги има Република Македонија добиени од седиштето на ЦЕМТ Конференцијата во Париз, министерството за транспорт и врски на располагање ќе има 1200 годишни ЦЕМТ дозволи за возила со Еуро 5 стандард како и 800 месечни ЦЕМТ дозволи за возила со Еуро 4 и Еуро 3 стандард. Процентот на покриеност со годишни ЦЕМТ дозволи на возилата со Еуро 5 стандард ќе биде од 78 отсто на ниво на цела Македонија.
Министерот потенцираше дека покриеноста со дозволи на одредена фирма зависи исклучиво од самата фирма односно од исполнувањето на критериумите кои се бодираат, како што се број на возила, број на возачи, големина на приход, големина на добивка, искористеност на ЦЕМТ дозволи и сл. Споредбено со минатата година, во 2012 година беа распределени 1188 годишни ЦЕМТ дозволи од кои 1100 дозволи за возила со еуро 5 стандард и 88 годишни ЦЕМТ дозволи со возила за еуро 4 стандард. Покриеноста на возниот парк со годишни ЦЕМТ дозволи за 2012 година беше 85%, а оваа година планирано е дека по 78%. Во 2012 година година во распределбата учествуваа 1378 возила еуро 5 стандард, а досега во базата на министерството за распределбата за 2013 година се евидентирани 1600 возила со еуро 5 стандард. Значи, споредбено со минатата година фондот на годишни ЦЕМТ дозволи е скоро ист како минатата година, а бројот на возила кои ќе учествуваат во распределба заклучно до денес е поголем од 220 возила.
На средбата, меѓу останатото се најави дека почнувајќи од 1 октомври 2012 година во соработка со Царинската управа на Македонија ќе започне проектот со воведување на EXIM системот за евиденција на превозот на стоки и патници преку граничните премини на Република Македонија. Царинските службеници по извршената контрола во електронскиот систем треба да евидентираат број на извод од лиценца со кој е вршен превозот, број на сертификатот за учество на возачот во меѓународниот патен сообраќај, бројот на дозвола за соодветниот вид на превоз за стока што се врши и сл. Министерството за транспорт и врски и државниот инспекторат за транспорт ќе имаат континуиран увид во системот. Со воведувањето на овој систем ќе се постигне целосна евиденција за вршење на превозот на стока и од домашните и од странските превозници, како и ќе придонесе за намалување на нелегалниот превоз на стока, ќе се разбие злоупотребата на користењето на дозволите за превоз и сл.
Исто така, превозниците беа информирани дека од август оваа година воведена е посебна електронска архива на секторот за патен сообраќај и инфраструктура при министерството за транспорт и врски односно влезните и излезните предмети кои се заведуваат во архивата на секторот се скенираат и се распределуваат за работа. За околу една недела ќе започне и електронска распределба за работа на предметите и помеѓу вработените во секторот при што ќе се овозможи непречена и континуирана контрола за работата на секторот од страна на министерот и државниот секретар. Со воведувањето на посебната архива и електронската распределба за работа на предметите ќе се постигне уште побрза и поефикасна распределба и решавање на предметите, што всушност е и најголема придобивка за превозниците. Дополнително на ова, од 1 септември е започнато издавањето на лиценца за организација на превоз на стока и патници, со што фирмите кои немаат во сопственост возила ќе можат да ја извадат оваа лиценца за организација на превоз при што задолжително треба да ја потврдат својата финансиска стабилност. Со воведувањето на оваа лиценца ќе се намали нелојалната конкуренција и ќе се спречи намалување на нелегално намалување на превозните цени од нелиценцирани превозници.
Претседателот на Асоцијацијата на камионски транспортери МАКАМТРАНС, Билјана Муратовска ја изрази својата благодарност кон Министерството за транспорт и врски и министерот Јанакиески за добрата комуникација со работниците во овој сектор и истакна дека редовните средби меѓу превозниците и претставници на министерството се веќе добро воспоставена пракса која е од големо значење за дополнително подобрување на условите во кои се одвива оваа дејност. Таа ги поздрави реформите кои во изминатиот период се направија во делот на превозот во патниот сообраќај и изрази надеж дека соработката меѓу транспортниот сектор и ресорното министерство и понатаму ќе се продлабочува./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

