Економија
Македонија и Косово за интензивирање на економската соработка
Интензивирањето на економската соработката помеѓу Македонија и Косово е од големо значење за двете земји. Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Македонија и е на осмото место по обем на извоз.
Ова во петокот во скопје го изјави македонскиот министер за економија Ваљон Сараќини за време на Вториот состанок на Мешовитиот комитет по Договорот за економска соработка меѓу владите на двете земји.Вредноста на трговската размена со Косово во првите шест месеци од годината е околу 200 милиони евра, со суфицит на македонска страна од 186,7 милиони евра, што е доволен мотив за натамошно унапредување на соработката, појасни Сараќини. „На денешниот состанок се дискутираше за конкретни проекти како што е изградба на интерконективен високонапонски далновод, проект во кој Македонија ќе вложи околу 6,4 милиони евра, кој ќе придонесе за поголема енергетска стабилност, а се разгледа и можноста за продлабочување на соработката во сегментот на заедничко искористување на јагленот од Косово за производство на електричната енергија, како и унапредување на енергетската ефикасност. Важно е да се спомене и изградбата на магистралниот гасовод, инвестиција од 320 милиони евра, при што е предвидено дел од гасот во иднина да транзитира за Косово, што е значајно за двете земји“, изјави Сараќини.Постои иницијативата за формирање на билатерално експертско тело преку кое ќе се креираат проекти за заедничко искористување на ЕУ – фондовите, што претставува приоритет на двете земји. Во насока на унапредување на туризмот помеѓу двете земји, се разговараше за склучување на Договор за соработка и можни даночни ослободувања, со што дополнително ќе се интензивира соработката во оваа област. „По консултации со бизнис заедниците од двете земји, дискутиравме и за доследна примена на ЦЕФТА договорот, со што во иднина треба да се избегне воведувањето на протекционистички тарифи, како и за што побрзо потпишување на Спогодба за заштита на инвестициите, како и подобрување на патната и железничката инфраструктура, во насока на полесен транзит на стоки и услуги“, информираше Сараќини.Косовскиот министер за економија Бесим Беќај нагласи дека се прават обиди што повеќе да се развие соработката во енергетиката, да се подобри патната инфраструктура и да се зголеми размената. „Сакаме трговската размена со Македонија што повеќе да се развие и тоа да не остане на ниво на едноставна размена, туку да биде многу поконзистентна. И политичките односи и економските меѓу двете земји се многу добри, но треба да се ангажира и приватниот сектор со цел овие односи да добијат уште повеќе на содржина и придобивки за економскиот развој на двете земји“, рече Беќај. Меѓу инфраструктурните проекти на кои работи косовската страна актуелна е изградбата на патните правци кон Тирана и кон Скопје. Во тој контекст министерот Беќај потенцираше дека за Косово е многу значајна сообраќајната поврзаност кон Македонија.„Имаме оформено Комитет со пет министри, коишто се задолжени за работите околу овој проект. Веќе се усвоени условите за отпочнување и објавување повик за реализација на овој проект, имаме добиено и зелено светло од Меѓународниот монетарен фонд за искористување средства за реализиација на овој проект, парарлелно со зачувувањето на макрофинансиската стабилност“, посочи косовскиот министер. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

