Економија
Инвестицискиот самит во Охрид – можност за споделување на искуствата
„Учеството на Глобалниот инвестициски самит организиран од Македонија 2025 е одлична можност да се сумираат сите досегашни успеси, како и да се искористи претприемачкиот дух на македонската дијаспора кој го видов и искусив дома во Торонто и Виндзор, но и преку проектите овде во Скопје и пошироко“.
Ова го порачува Амбасадорот на Канада за Македонија, Роман Вашчук, претставник на една од најголемите и најактивните македонски заедници во светот, во пресрет на одржувањето на Глобалниот инвестициски самит за Македонија од 18 до 21 октомври во Охрид.
Самитот доби широка владина и институционална поддршка. Во соработка со Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони на чело со Виктор Мизо, на самитот се поканети да говорат постоечки странски инвеститори кои ќе го споделат своето досегашно искуство и бизнис резултати.
„Успешно реализираните инвестиции и позитивното искуство на странските компании кои веќе инвестирале во Македонија, а особено случаите кога истите компании реинвестираат во земјава се најдобар показател за поволноста на бизнис климата, условите за работа и потенцијалите во Македонија.“ – изјави Мизо.
Според него, Инвестицискиот самит во Охрид ќе биде одлична можност за презентација на овие позитивни искуства на странските инвеститори и воопшто, на можностите за создавање профит во Македонија пред претставниците на македонската дијаспора.
„Во дијаспората имаме голем број успешни Македонци кои високо котираат во глобалната бизнис заедница и евентуалната идна соработка со нив за нас ќе претставува особена чест и задоволство“, дополнува тој.
Еден од панелистите на Глобалниот Инвестициски Самит, во улога на претставник на странските инвеститори, Џатин Такрар, генерален директор на Џонсон Мети за Македонија, вели:
„Очекувам дека Самитот ќе биде место каде панелистите ќе ги споделат своите позитивни искуства, како и некои од предизвиците кои треба да се надминат во однос на водењето бизнис во Македонија.“
Досегашното искуство на Џонсон Мети од Македонија е позитивно, но секако дека постојат области каде би можело да има подобрувања.
„Многу сме задоволни од локалната работна сила, која иако со мало искуство, брзо се прилагоди на нашите потреби и покажа континуирана посветеност и ангажираност во работата.“- вели Такрар.
Покрај Џонсон Мети, на Самитот ќе учествуваат врвни менаџери на други странски инвеститори како Џонсон Контролс, Кемет Електроникс, Триглав Осигурување, Ван Хол, итн.
Од особена важност е и присуството на претставниците на интернационални финансиски институции. Свои обраќања ќе имаат Зоран Мартиновски, менаџер на македонската канцеларија на Меѓународната Финансиска Корпорација, Елена Урумовска, шеф на канцеларијата на Европската Банка за Обнова и Развој и Александар Тиман, Резидентен претставник на ММФ во Македонија.
На Самитот ќе земат учество странски компании од различни земји кои се заинтересирани за инвестирање во различни области. Најавено е учеството на делегација од повеќе компании од скандинавските земји на чело со македонскиот Амбасадор за Шведска и Финска господинот Кире Илиоски. Тие се заинтересирани за инвестиции во секторот за обновливи извори на енергија, системи за складирање на енергија и развој на зелена технологија. Интерес за присуство на Самитот покажаа и повеќе земји од Европа и регионот, кои се заинтересирани за соработка во земјоделството, текстилната индустрија, градежништвото, како и метална и петрохемиската индустрија. Американски и австралиски компании пак се заинтересирани за склучување партнерства во индустријата за обработка и дистрибуција на месо и сувомеснати производи, пакување на свежа и замрзната храна за широка потрошувачка и извоз на македонски алкохолни пијалаци и храна. Од големо значење е и присуството на успешна канадска компанија која работи на големи инфраструктурни проекти во повеќе од 100 земји и е заинтересирана за можности за соработка во енергетика, инфраструктура и градежништво.
Учество ќе земе и венчр капитал компанија од САД која е идеален инвестициски партнер во претприемнички бизниси. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

