Економија
Ќе се градат ски и сноубординг патеки, хотели и одмаралишта
Владата одлучи да се започне со реализација на нов проект за развој на планински туризам, кој опфаќа инвестиции во планинските туристички центри, како и изградба на нови сместувачки капацитети, најави владиниот портпарол.
Со проектот ќе бидат опфатени Пониква-Кочани, Етно-парк – Берово и Беровско Езеро-Берово, Крушево, Голак-Делчево, Јанков Камен-Вевчани, и Лазарополе, Галичник и Тресонче во Маврово и Ростуше.
„Во првата напредна фаза од проектот се опфатени четири туристички планински центри, Пониква-Кочани, Етно-парк – Берово и Беровско Езеро-Берово, Крушево и Голак-Делчево за кои ќе се распише постапка за отуѓување на земјиште за изградба на нови сместувачки капацитети во соодветни туристички комплекси, а во два од нив Пониква и Крушево ќе се инвестираат и 140 милиони денари за изградба на нови атрактивни спортски содржини“, рече портпаролот Александар Ѓорѓиев, во недела.
Со цел успешност на проектот Владата и општините ќе инвестираат во урбанизација, сообраќајно поврзување, електрификација, водовод и канализациски систем.
„За Пониква на конкретната локација се предвидени 135 викенд куќи и 12 комерцијални објекти и спортски терени (игралишта и ски патеки со лифтови). Комплексот е на површина од 20.000 метри квадратни, опкружен со шуми и пасишта. До локацијата веќе е изграден пристапен асфалтен пат и таа е обезбедена со вода и електрична струја, и се наоѓа на надморска височина од 1.580 метри, во близина на ловниот резерват Осогово“, рече Ѓорѓиев.
Во Берово ќе се гради на две локации, и тоа „Етно Парк – Етно Село“, на површина од 53.500 м2, од кои 30 отсто се наменети за градби.
„Туристички комплекс е наменет за рекреативен и здравствен туризам, со можност за изградба на хотели изградени како автентични селски објекти со малешевска архитектура, со користење на автентични материјали, и со пропратна инфраструктура како спортски терени, спа центри, забавни паркови“, рече Ѓорѓиев
Втората локација е Беровско езеро и е наменето за хотелски комплекс, но и викенд населба и терени за спорт и рекреација. Земјиштето е со површината од 30.000 м2, од кои 21.000 м2 се наменети за градба.
За Крушево се определени три локации за мали хотели во викенд населба до езерото, на површината од 2.300 m2.
„До самата локација е изграден асфалтен пат, а во нејзина близина е предвидена и викенд населба, каде што најголем дел од локациите се отуѓени по пат на јавно наддавање и се очекува отпочнување со изградба на објектите. Во близина на локациите веќе има изградено комунална инфраструктура“, рече Ѓорѓиев.
За Голак Делчево локацијата е со површина за градење од 15.143 м2, а се планира изградба на ски лифтови, зона на комерцијално услужни објекти и зона на викенд населба, хотели, одморалишта, друштвен центар, комерцијално услужни дејности и спортско рекреативни површини.
Во рок од 30 дена од денеска општините Кочани, Берово, Крушево и Делчево, треба да распишат постапки за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија по пат на јавно наддавање, за сите наведни локалитети.
„Во насока на развој на планинскиот и зимски туризам, Владата одлучи да започнат инвестиции во спортско туристички содржини во туристичките центри Крушево и Пониква-Кочани“, рече Ѓорѓиев.
Таму ќе бидат изградени најмодерни сноу борд паркови по сите светски стандарди, кои ќе опфаќаат изградба на специјализирани долги и кратки патеки, со соодветни препреки карактеристични за сноубордингот, сноу борд патеки и рампи.
Ќе се изградат резервоари за создавање на вештачки снег кој ќе овозможи користење на патеките независно од климатските услови, а во лето резервоарите ќе може да се користат како извор на техничка вода за граѓаните и компаниите, а ќе се инвестира и во осветлување за да се овозможи ноќно скијање и сноубординг.
„За оваа цел се обезбедени и ќе бидат ангажирани 140 милиони денари, од кои 80 милиони за Крушево и 60 милиони денари за Пониква. Постапката за проектирање е веќе завршена, а во тек е постапката за избор на економски оператор за градба“, рече Ѓорѓиев.
Следната недела ќе почне градбата на сноуборд паркот и патеката на Пониква и градба во Крушево, кои се очекува да бидат завршени пред оваа зимска сезона.
Владата препорача, во наредните 15 дена општините Маврово и Ростуше за локалитетите кај село Галичник, Лазарополе и Тресонче, Радовиш за Плачковица, и Вевчани за Јанков Камен, да почнат со постапка за донесување на урбанистичко планска документација со која ќе предвидат локации за нови сместувачки капацитети со планинска конотација, со која ќе предвидат локации за туристички центри, спорт и рекреација, забавни паркови, спортски терени, нови хотелски комплекси и други сместувачки капацитети. /крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

