Економија
Турција на ММФ ќе му врати 1,3 милијарди долари
Турција ќе ги врати останатите 1,3 милијарди американски долари долг кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) до април идната година, изјави во неделата турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, на конгресот на неговата владејачка Партија на правдата и развојот во Анкара.
Во минатото турската влада се потпираше на кредитите од Меѓународниот монетарен фонд, за да ги надомести своите финансиски кусоци, меѓутоа од 2008 година успева тоа да го прави без помошта на ММФ. Постапно Турција го намалуваше својот долг кон ММФ, коишто кон крајот на мај 2012 година, изнесуваше 1,9 милијарди долари.
„Ние преземавме повеќе од 23,5 милијарди долари долг. Сега имаме долг од 1,3 милијарди долари, и тоа во април идната година ќе го сведеме на нула. Токму сега ги водиме техничките разговори за тоа“, изјави премиерот Реџе Таип Ердоган, на конгресот на неговата партија.
Ердоган е премиер на турската влада од 2003 година. Турција последниот стенд бај аранжман со ММФ го склучи 2005 година, а тој истекна во мај во 2008 година./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Koчо Анѓушев за „Економист“ – 2025: Работиме на енергетски решенија што ќе се бараат по пет години
Интервју на Кочо Анѓушев, сопственик и генерален директор на ФЕРОИНВЕСТ и БРАКО, за македонското издание на лондонскиот магазин Економист-Светот во 2025 година.
-Г-не Анѓушев, на прагот сме на новата година, кои се вашите очекувања за економска 2025?
2025 година поради состојбата во Европа ќе биде тешка за Македонија и македонската економија и за сите компании кои се врзани со европскиот пазар заради тоа што во Европа, за жал, станува рецесија во индустријата и голем број компании ја намалуваат својата активност од разни причини.
Во Македонија, на долг рок може да издржи индустрија која ќе прави производи со додадена вредност и производи со доволно голем квалитет за да може да се спротивстави на целиот свет.
– Како врз Вашите компании влијаеја инфлацијата, високите каматни стапки, економското забавување и геополитичките конфлитки во 2024г?
„Феро Инвест“ се занимава со две главни дејности, едната е метална индустрија , другата е енергетика, и во двете дејности влијанието беше-различно.Но најмногу негативно влијание се почувствува во металната индустрија односно во фабриката „Брако“ која е извозно ориентирана и тоа над 95% од своето производство.
Се почувствува дека во Европа економијата е значително забавена посебно во металната индустрија, машини, автоматизација, дека инвеститорите се многу воздржани така што наши клиенти кои се со генерации големи и познати фирми , нивната продажба се намали и над 50% во споредба со претходни години, а со тоа и нивните нарачки кон нас. Ние тоа се обидовме да го компензираме со зголемување на продажбата на возилата и да влегуваме на што повеќе пазари.
Но, се на се, успеваме да се справиме со предизвиците поради тоа што имаме дисперзирани производи, голем број на производи, различни производи,учество на голем број пазари, „Брако“ извезува во 60 држави, и на тој начин успеавме да одржиме континуитет во производството и овие услови да ги преживееме.
– Ако традиционалните европски пазари забавуваат, каде Вие ги гледате потенцијалите за поголем извоз?
Треба да се оди кон пазарите кои можат да купат.
„Брако“ со возилата за чистење ,„Грин Машинс“ претходната година влезе на два пазари што не се традиционални за македонската економија. Тоа е пазарот во Мексико, која е земја во развој, земја каде се пресели голем дел од производството од САД и од Канада. Исто така, Саудиска Арабија. Во главниот град Ријад продадовме над 40 возила.Тука се и Индонезија, Тајланд итн.
– Кој е вашиот пристап за да држите примат во областа на енергетиката и технолошките решенија?
Јас сум инженер, и во мојата работа секогаш го комбинирам инженерско знаење, мојата страст за иновации и страст да изнаоѓам нови решенија, и многу важно-ја согледувам големата слика, бидејќи ништо не важи само за една земја, особено во енергетиката.
Таа е работа која што е, јас би рекол, и континентална, зборувам за Европа, и во таа смисла морате да можете да ги предвидите трендовите.
Ние уште пред две години почнавме да работиме на батериските системи кои што сега стануваат актуелни.
А уште од сега најавуваме дека во иднина, во следните 5 – 6 години ќе треба да се размислува на интегрирани, вертикални, компактни енергетски решенија. Да речеме на закуп на складирање, закуп на фотоволтаици, на виртуелни производители, виртуелни електрани, сето тоа може да звучи малку апстрактно, но ние во Фероинвест сме поприлично сигурни дека работата ќе оди во тој правец.
-Кои се најновите проекти на Феро Инвест поврзани со обновливите извори на енергија?
Батериските системи за складирање на електрична енергија, и тоа на четири нивоа. Едно ниво за домаќинства, оние домаќинства кои што трошат во четвртата група каде цените се највисоки, а тоа се поголеми куќи, поголеми објекти. Втората група се фабрики, кои што имаат поставени фотоволтаици, или пак се уште немаат, но тие својата потрошувачка на електрична енергија ја оптимираат по цена и количина. Понатаму, фотоволтаични електрани изградени на земја, па да се надградат со батериски системи, или веднаш новите електрани што се градат да се изведуваат веќе со батериски системи во нив, и тоа е третата група. И последно, да се прават само сториџи, односно клиентот да прави енергетски сториџ (склад) за свои потреби. Последните две ќе ги почекаат законските решенија за да можат да се градат во Македонија.
(ПР)
Економија
Континуиран растечки тренд на користењето на дигиталните канали за извршување на електронските плаќања
Народната банка на Република Северна Македонија ги објави податоците од доменот на платежната статистика за третиот квартал од 2024 година, кои покажуваат постојан тренд на зголемена употреба на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата.
Овие податоци се особено значајни, бидејќи ја истакнуваат промената во навиките на граѓаните во насока на сѐ поголема употреба на платежните картички при иницирање на плаќањата, како и користење на решенијата за мобилно плаќање кај електронските кредитни трансфери (платните налози).
Во третиот квартал од 2024 година се забележува значителен годишен раст кај бројот и вредноста на платежните трансакции на граѓаните во трговијата во земјата. Трансакциите со картички, издадени од домашните даватели на платежните услуги, пораснале за 10,2% по број и за 13,6% по вредност. Овој раст најмногу се должи на високиот годишен раст на бројот на плаќањата во е-трговијата во земјата, кој изнесува 29,2%, како и растот од 8,8% на плаќањата преку терминалските уред ПОС.
Покрај тоа, забележан е и годишен раст во бројот на плаќањата на граѓаните со платни налози. Бројот на платежните трансакции се зголемил за 9,9%, а вредноста на остварените трансакции пораснала за 22,2%. Ова укажува на натамошно зголемување на употребата на дигиталните канали за иницирање на овие плаќања. Најзначајни се резултатите од употребата на апликациите за мобилно плаќање, кои покажуваат годишен раст од 50,2% во бројот на платежните трансакции споредено со истиот период од 2023 година. Во рамките на овие податоци, се истакнува податокот дека граѓаните извршиле 65% од вкупниот број електронски иницирани платни налози преку мобилните платежни апликации, што покажува дека мобилните апликации за плаќање стануваат сѐ попопуларни, бидејќи нудат побрзи и поедноставни решенија за иницирање на платежните трансакции.
Податоците од доменот на платежната статистика за третиот квартал од 2024 година, освен што ги опфаќаат платежните трансакции на граѓаните во земјата, вклучуваат и податоци за платежните трансакции на правните лица во земјата. За повеќе информации, податоците се достапни на следнава врска.
Економија
ВЕРО со поддршка на згрижувачките семејства – новогодишни подароци за секое згрижено дете
Како дел од платформата #ВЕРОзаТЕБЕ, ВЕРО во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади на Македонија, оддава признание на згрижувачките семејства и носи празнична радост за децата под нивна грижа.
(Скопје, 29.12.2024) – Ланецот на супермаркети, ВЕРО, денеска официјално ја започна кампањата „Поддршка за згрижувачките семејства“, иницијатива на национално ниво, со цел да донесе радост кај децата од овие семејства за време на празниците. Настанот се одржа во ВЕРО Центар во Скопје, каде голем број деца добија новогодишни подароци од Џамбо маркети и учествуваа во активности со Дедо Мраз.
Кампањата, која се спроведува под платформата #ВЕРОзаТЕБЕ, има за цел да го нагласи значењето на згрижувачките семејства и центрите за лица со попреченост, додека овозможува секое дете да ја доживее радоста на празниците. Овие иницијативи нудат дополнителна поддршка и создаваат празнична атмосфера што ја истакнува важноста на љубовта, грижата и вниманието за секое дете.
„Празниците се време на љубов, надеж и дарување. Згрижувачките семејства и центрите за лица со попреченост се вистинските херои на нашето општество, а преку оваа кампања имаме можност да ги поддржиме и да внесеме насмевки на лицата на децата под нивна грижа. Не станува збор само за подароците, туку и за создавање моменти на заедништво, радост и потсетување дека сите сме дел од истата заедница,” истакна во своето обраќање Петар Денковски, директор на ВЕРО.
Во Македонија, многу деца живеат во згрижувачки семејства, додека други добиваат поддршка од центри за лица со попреченост, кои играат клучна улога во нивниот личен развој и инклузија во општеството. Министерство за социјална политика, демографија и млади на Македонија игра значајна улога во обезбедувањето на соодветни услуги за нив, помагајќи да се исполнат нивните емоционални, социјални и физички потреби.
„Згрижувачките семејства обезбедуваат многу повеќе од дом – тие се извор на љубов и стабилност за децата кои се соочуваат со животни предизвици. Истовремено, центрите за лица со попреченост претставуваат соодветно место каде овие лица добиваат поддршка, стручна грижа и можност да ги развиваат своите вештини. Оваа иницијатива покажува како сите заедно можеме да направиме разлика и да донесеме радост и топлина за време на празниците,“ изјави Ѓоко Велковски, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади на Македонија.
Преку оваа кампања, во соработка со Министерство за социјална политика, демографија и млади на Македонија, ВЕРО ќе обезбеди новогодишни подароци за децата од згрижувачките семејства низ целата држава. Дополнително, дел од донациите ќе бидат насочени и кон центрите за лица со попреченост, како израз на поддршка за нивната важна мисија во подобрување на квалитетот на живот на овие лица. Со ова, ВЕРО ја нагласува својата посветеност кон создавање подобра и поинклузивна заедница.
(ПР)