Економија
Намалени трошоци за ветеринарно фармацевтски препарат
Владата донесе одлука да ја намали цената за надоместокот за издавање на одобрение за ставање во промет на ветеринарно фармацевтски препарат.
„Претходниот износ од 1.300 евра ќе се намали, и тој ќе изнесува 500 евра во денарска противвредност и ќе паѓа на товар на подносителот на барањето за ставање на нов препарат во промет, a сумата ќе се плаќа еднаш, наместо како досега на секои пет години“, рече портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев .
Појасни дека, институцијата која ќе го издава одобрението е Агенцијата за храна и ветеринарство.
Висината на надоместокот е во висина на покривање на потребните трошоци за испитување на самиот препарат од надлежните институции, согласно светските стандарди, без заработка./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Ристова: Основните прехранбени производи, наместо да бидат достапни за сите, сега стануваат луксуз
Зголемените трошоци за живот стануваат неподнослив предизвик за сè поголем број семејства. Основните прехранбени производи, наместо да бидат достапни за сите, сега стануваат луксуз, кажа денеска на прес конференција Лолита Ристова, членка ИО на СДСМ.
„И власта на Мицкоски, наместо нешто да преземе, да се справи со овој сериозен проблем и да го поддржи стандардот на граѓаните, направи измама со така наречената новогодишна кошничка. Го видовме истото сценарио – трговците прво ги покачија цените, а потоа мерките стапија во сила“, вели таа.
Според Ристова, реалноста во маркетите и продавниците којашто граѓаните ја гледаат секој ден е дека цените не само што останаа високи, туку кај некои производи и дополнително се зголемија.
„СДСМ ги помина маркетите во текот на вчерашниот ден, и еве што покажува реалноста:
– Цената на зејтинот сега е 97 денари, а на 1 октомври се продаваше за 83 денари. Значи имаме зголемување а не намалување.
– Јајцата кои се продаваа од 75 до 85 денари сега се над 100 денари. Од 107 до 140 денари. Исто така покачување на цените.
– Кај мешаното сирење нема промени и цените се движи околу 450 денари – непроменето.
– Кашкавалот е поскапен и сега е над 600 денари за килограм.
– Јогуртот со 3,2% масленост, во некои маркети достигна и над 72 денари, исто така зголемена цена.
– Намалувањето кај кравјото сирење е минимално – само 5 денари, и сега е 398 денари за килограм.
Ова е реалноста, ова се фактите кои јасно ја покажуваат измамама која со кошничката им ја приреди власта на граѓаните. Тоа народот го гледа секој ден“, истакна Ристова.
Таа нагласи дека граѓаните заслужуваат решенија, а не лажни ветувања и манипулации.
„СДСМ веќе понуди конкретен предлог – укинување на ДДВ за основните прехранбени производи. Со оваа мерка, цените ќе се намалат реално, без простор за манипулации од трговците. Едно семејство би заштедило 2.000 денари месечно, или 24.000 денари годишно.Тоа што власта не ја прифати оваа мерка покажува дека Мицкоски им удоволи на трговците и дозволи тие да се богатат на грбот на граѓаните“, заклучи Ристова.
Економија
Се одржа 53. сесија на Клубот на истражувачите
Во Народната банка се одржа 53. сесија на Клубот на истражувачите на која беa презентирани научните трудови „Хиерархиска економска анализа на меѓународната трговија со услуги“ од авторите Филип Насковски, Мартин Бојковски, Димитар Пешевски и Димитар Трајанов и „Проценка на ефикасноста на јавните трошења во земјите од Југоисточна Европа – ДЕА техника за анализа на податоци“ од авторите Весна Гарванлиева Андонова и Борче Треновски.
Сесијата ја отвори директорката на Дирекцијата за монетарна политика и истражување Билјана Давидовска-Стојанова, која истакна дека придобивките од трудот на авторите Филип Насковски, Мартин Бојковски, Димитар Пешевски и Димитар Трајанов се значајни, поради фактот што овој труд става акцент на улогата на трговијата со услуги како битен фактор за економскиот раст и структурната трансформација, пред сѐ за помалите економии, процес којшто е зајакнат од развојот на дигитализацијата и ИТ-технологиите. Трудот од авторите Весна Гарванлиева Андонова и Борче Треновски е значаен со оглед на тоа што подобрувањето на ефикасноста на јавниот сектор може го подобри фискалниот простор и да има позитивни влијанија врз економскиот раст во земјите од Југоисточна Европа.
Во трудот „Хиерархиска економска анализа на меѓународната трговија со услуги“ авторите ја истражуваат динамиката на глобалната трговија со услуги, вклучувајќи 137 земји заради откривање на поврзаноста, тековите на трговијата со услуги, како и конкурентните предности на одделните земји, вклучително и нашата економија, во рамките на глобалните и регионалните трговски екосистеми. Според анализата, градежништвото, останатите транспортни услуги и компјутерските услуги се секторите каде што е увидена конкурентна предност на македонската економија. Притоа, компјутерските и ИТ-услугите бележат силен раст, особено во периодот од 2012 до 2022 година и се еден од најперспективните сектори коишто треба да се искористат за посилен економски раст, а можностите за регионална соработка и добро водење политики придонесуваат за унапредување и зајакнување и на останатите помалку конкурентни сектори во економијата.
Трудот „Проценка на ефикасноста на јавните трошења во земјите од Југоисточна Европа – ДЕА техника за анализа на податоци (Data envelopment analysis)“ од авторите Весна Гарванлиева Андонова и Борче Треновски ги истражува остварувањата на јавната потрошувачка на земјите од Југоисточна Европа, (ЈИЕ) за периодот 2010 – 2021 година, преку непараметриска анализа, односно оцена на границата на ефикасност. Авторите ја користат оваа техника и за оцена на ефикасноста на трошењата во образованието, здравството и инфраструктурата. Заклучокот на авторите е дека остварувањата на земјите се разликуваат од аспект на ефикасноста на нивните јавни расходи и дека за земјите во регионот постои простор за унапредување на ефикасноста во сите три сектори.
По презентацијата, следеше дискусија меѓу учесниците и презентерите поттикната од презентацијата на трудовите и од изнесените заклучоци. Со одржувањето на 53. сесија успешно се завршија активностите на Клубот предвидени за календарската 2024 година. Следната сесија е планирана за март следната година.
Економија
Големите синџир-маркети не ја поскапеле пакуваната вода, граѓаните да пријават поскапувања во маалските маркети, повика Пазарната инспекција
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, ги повика граѓаните да пријават доколку забележат поскапување на водата во Скопје во пресрет на најавениот прекин во водоснабдувањето, кој треба да почне утре во раните утрински часови. Пазарната инспекција, вчера, по добиените поплаки од граѓани за поскапена вода, направила контрола во големите синџир-маркети, но незаконско надминување на цената не утврдиле.
„Во текот на вчерашниот ден проверивме и кај поголемите правни субјекти нема надминување на цените. Кај помалите маалски маркети може да се оди по пријава. Ќе излеземе и ќе провериме. Зголемување на цената на пакуваната вода не е забележано вчера иако имаше поплаки за покачување“, рече Стојкоски.
Директорот Стојкоски уверува дека ќе постапат по секоја пријава од граѓани, а денес, министерот за економија, Бесар Дурмиши, ги повика и граѓаните да бидат инспектори. Тој апелира граѓаните да го пријават секое изигрување на цените на 1.100-те производи од новогодишната кошничка на бесплатниот број 191, а кои треба да бидат поевтини најмалку 10 проценти во споредба со најниската цена што ја имале во последните 30 дена.