Економија
Македонците најмногу штедат во денари
Интересот на домаќинствата за штедење во денари во последно време континуирано расте, а на крајот од вториот квартал од годината депозитите во домашна валута и официјално станаа најбројни.
Како што информираше во четвртокот Народната банка на Македонија на крајот од вториот квартал од 2012 година депозитите во денари ја зазедоа главната позиција во валутната структура на депозитите, со учество од 50,7 отсто. Ваквата состојба се должи на растот на довербата кај граѓаните во домашната валута, но и на повисоките каматни стапки што ги нудат комерцијалните банки за штедење во денари.Советот на Народната банка на денешната седница го разгледа и усвои Извештајот за банкарскиот систем на Република Македонија за вториот квартал, при што беше заклучено дека банкарскиот сектор е стабилен.Остварената добивка е повисока за 70,8 отсто во однос на добивката остварена во истиот период од претходната година, за што придонесе не само поголемиот износ на ослободената исправка на вредноста, туку и повисокиот нето каматен приход и подобрувањето на оперативната ефикасност на банките, стои во соопштението.Кредитите кон приватниот сектор на квартално ниво бележат пораст, што условило само за умерено намалување на ликвидната актива со која располагаат банките. Ликвидната актива го задржа високото учество во вкупната актива од 30,2 отсто. Зголемувањето на кредитите кон приватниот сектор и зголемувањето на вложувањата во државни хартии од вредност придонесоа за пад на вложувањата во благајнички записи.Кредитниот ризик на кој се изложени банките, искажан преку стапката на нефункционални кредити, се намали во вториот квартал, поради зголемената наплата преку преземање на обезбедувањата. Солвентноста на банкарскиот систем, изнесуваше 17,4 отсто.Советот на Народната банка беше информиран и за најновите макроекономски движења, при што беше заклучено дека продолжувањето на неизвесноста во однос на кризата во евро-зоната услови продолжување на неповолните тенденции кај економската активност. Со оглед на високата трговска интегрираност на македонската економија во евро-зоната, слабите економски остварувања и полошите прогнози за евро-зоната и понатаму упатуваат на намалена странска ефективна побарувачка за македонски производи и релативно послаба економска активност. Показателот за инфлациските движења во септември е повисок во однос на проекцијата, во услови на побрз раст на цените на храната од очекуваниот. Имајќи предвид дека растот на инфлацијата произлегува од фактори од страната на понудата, не се очекува дека тој ќе делува врз движењата на девизниот пазар. Народната банка најавува дека редовно ги следи економските движења и доколку оцени дека има потреба, соодветно ќе реагира. НБМ информира дека изврши либерализација во однос на доставувањето на документацијата потребна за издавање дозвола за менувачки работи и во однос на дополнителните услови коишто треба да ги исполни менувачот за да започне со вршење менувачки работи. Се предвидува дека олеснувањата за овластените менувачи ќе овозможат поголема ефикасност на оваа дејност на посредување. /кра/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

