Економија
ЕЦБ нема да печати пари за да ја реши кризата
Европската централна банка (ECB) соопшти во вторникот дека нема едноставно да печати пари за да ја реши должничката криза во еврозоната, воедно истакнувајќи дека Грција постигнала значаен напредок во справувањето со големите финансиски проблеми.
„ЕCB не може да посегне по монетарното финансирање, ниту да го надомести она што би требал во оваа ситуација да го прават другите земји членки. Многу лесно се мисли дека ECB со печатењето пари може да ги надомести потезите на владите, поточно нивното изостанување“, изјави челникот на Европската централна банка, Марио Драги.
Во неговиот говор пред комисијата на Европскиот парламент за економска и монетарна политика, челникот на ECB уште еднаш предупреди дека мандатот на банката не дозволува едноставно да ги вклучи машините за печатење пари за да ги финансира огромните износи на долговите коишто ја турнаа еврозоната во најголемата криза во нејзината историја.
Иако многумина ECB ја сметаат за единствената европската институција којашто може доволно брзо да преземе мерки за надминување на кризата, од банката повторно порачаа и дека на владите остануваат да воведат во ред во своите финансии и економии.
Истата порака на минатомесечниот редовен состанок на раководството на банката го уапто Драги, предупредувајќи дека по најавите од ECB за програмата за откупување на државните обврзници на земјите членки од еврозоната западнати во должничката криза на ред се владите на земјите.
Истиот став Драги го имаше и на расправата во вторникот во Брисел.
„Евозната добро напредува во процесот на изградба на стабилни и цврсти темели, Верувам дека во октомври, а потоа и во декември, шефовите на држави и влади повторно ќе го потврдат ставот дека еврото е неотповикливо со усогласување на долгорочните визии на нашата економска и монетарна унија“, рече првиот човек на Европската централна банка
Во својот осврт на ситуацијата со Грција чиишто катастрофални финансиски проблеми се во центарот на кризата во еврозоната, Драги констатираше дека владата во Атина постигнала значителен и видлив напредок во спроведувањето на неопходните структурни реформи, но дека треба да се стори и повеќе од тоа.
„Многу е јасно дека напредокот на ниво на преземање на потребните структурни реформи е видлив и значителен, а јасно е и дека треба да се направи уште повеќе. Гледаме напредок и гледаме потреба од натамошен ангажман За конечна оцена мораме да го причекаме извештајот на ‘тројката’“, изјави Драги, мислејќи притоа на групата меѓународни кредитори на Грција, Европската централна банка, Европската комисија и Меѓународниот монетарен фонд со коишто владата на грчкиот премиер Антонис Самарас води преговори за отстапките во рамките на програмата за меѓуанросна финансиска помош на Грција.
Меѓународните заемодавачи во понеделникот и’ дадоа рок на Грција до 18-ти октомври, кога ќе се одржи самитот на Европската унија, да ги спроведе реформите во замена за новата транша од помошта во износ од 31 милион евра.
„Нагласивме дека пред следната исплата, Грција јасно и недвосмислено мора да ја покаже определеноста дека во целост ја спроведува програмата и најдоцна до 18-ти октомври треба да спроведи 89 мерки договорени во март“, изјави претседателот на еврогрупата (министрите за финансии на земјите членки на еврозоната), Жан-Клод Јункер на крајот од разговорот со министрите за финансии на 17-члената монетарна унија.
Споменатите мерки вклучуваат и масивна програма за приватизација, реформи на пазарот на трудот и укинување на бирократските оптоварувања за работење./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

