Економија
МГИС: Преку презентација на успешни примери до нови инвестиции
Македонија нуди многу можности за инвестиции, кои што треба да бидат правилно презентирани, а приказната за успешни примери на претставници на дијаспората што инвестирале во татковината, може да поттикне нови инвестиции.
Вакво мислење изнесе Членот на одборот на Директори на Македонија 2025 и сопственик на Емса Солар, Емил Христов, кој учествува на Глобалниот инвестициски самит за Македонија 2012 (МГИС) што деновиве се одржува во Охрид.
Тој истакна дека презентацијата на успешни примери добива повеќе на тежина кога тоа ќе биде извршено од приватни лица, кои се исто така бизнисмени, отколку тоа да го стори некоја државна институција.
„Машата цел е повеќе да одиме со специфични живи примери, по примерот на луѓе што веќе инвестирале во Македонија, примери на луѓе од дијаспората што веќе инвестирале, но тоа да не биде презентирано од страна на владата, туку од приватни лица кои се исто така бизнисмени“, рече Христов
Тој смета дека Глобалниот инвестициски самит што е организиран од невладината Македонија 2025 е добра можност за размена на информации и остварување на контакти.
Претседателот на Управниот одбор и Извршен директор на Алкалоид и член на одборот на директори на Македонија 2025, Живко Мукаетов оцени дека целта на овој самит, да гради мостови со нашата дијаспора, е одлична.
„Оптимист сум и сметам дека ова треба да прерасне во традиција и сите заедно да придонесеме за подобри резултати на македонската економија“, изјави Мукаетов на средба со новинарите.
На панел дискусијата за време на самитот Мукаетов истакна дека една од главните цели на Македонија 2025 е да стимулира бизнис соработка и да ги мотивира младите македонски претприемачи да креираат успешни бизниси.
Во сабота попладне се очекува да бидат донесени заклучоци од самитот и да се одржат завршните обраќања. /крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

