Економија
Економскиот дел од извештајот на ЕК најпозитивен до сега
Дел од извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, кој што се однесува на економијата, е еден од најпозитивните, а можеби е и најпозитивниот што Македонија го добила досега.
Ова беше констатирано на Тркалезната маса што во вторникот во Скопје на организираше Европската бизнис асоцијација, со цел да се отвори дебата за економскиот напредок.
Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, можеби главната причина за позитивниот извештај се должи на фактот што Македонија покажа поголема дисциплина на фискален план од поголем број на членки на ЕУ.
„Македонија, која не е членка на ЕУ, успеа со добрите политики што ги спроведуваше, поуспешно да се справи со кризата, отколку некои членки на ЕУ. Тоа е доказ дека Македонија ако стане членка на ЕУ, ќе биде фактор на стабилност внатре, наместо фактор на нестабилност“, рече Пешевски.
Тој истакна дека Македонија во моменти на европска должничка криза, одржува ниска инфлација, надворешниот долг е на релативно ниско ниво и е меѓу најниско задолжени држави, што веројатно е една од причините за промена во гледањето од страна ЕУ.
„Тоа е она што и дава на Македонија за право да биде малку погласна во своите барања, да биде малку поубедлива и нашиот збор да тежи малку повеќе, отколку порано, бидејќи покажуваме дека зрелоста на државата да се справи со вакви состојба дури и кога не е членка на ЕУ, е поголема, отколку способноста на некои држави и влади кој што се членки да се справат со сопствената криза“, рече Пешевски.
Тој се согласи со констатациите дека е нормално да има и негативни забелешки, но изрази уверување доколку некои постоечки членки на ЕУ поминат низ ваков извештај, ќе добијат понегативни оценки од Македонија.
„Тоа секако не треба да ни биде утеха, туку укажува дека имаме уште работа. Тоа го знаеме сите добро. Невработеноста останува највисок приоритет или најгорлив проблем“, изјави Пешевски.
На дебатата присуствува и претставниците на трите стопански комори во Македонија кои истакнаа дека имаат дадено свој придонес за тоа извештајот да биде позитивен.
Извршниот директор на Сојузот на стопански на Македонија, Митко Алексов предложи, како што рече, три носечки столба, за кои смета дека ќе придонесат за подобар амбиент.
„Продолжување со активностите и реформите за подобрување на деловната клима во земјата, иако имаме постигнато значителен напредок во овој дел, сметаме дека тоа не е категорија, туку дека состојбите се менуваат со тек на време и мора да бидеме постојано фокусирани во овој дел“, рече Алексов.
„Вториот дел, кој е многу битен пред се за малите и средените претпријатија е креирање на Македонија во пазар сам за себе. Преку самиот раст на малите и средни претпријатија ќе се овозможи пораст на потрошувачката. Преку ова ќе се обезбеди намалување на невработеноста, која е едно од негативно оценетите сегменти, а ќе се придонесе и за подобрување на стандардот на населението“, рече Алексов.
Тој појасни дека третиот столб е подобрување на производствениот и извозниот капацитет преку окрупнување на компаниите, формирање на разни видови на кластерско здружување на претпријатија, со што ќе подобри нивната конкурентност и иновативност.
Претставник на Стопанската комора на Македонија Љубица Нури оцени дека извештајот генерално покажува сумарно е напредок, но кога ќе се анализираат поглавјата, за четири од нив не се воопшто задоволни, во шест е постигнат напредок, а останатите се со умерен напредок.
„Потребно е да се направи преиспитување на стратегијата на приоритетите и да се размислува регионално, односно да се обезбедат оние поглавја што ќе обезбедат слободен проток на стоки, капиталот и работна сила. Земјите во регионот да направат скрининг и да тргнеме паралелно во трансформација на тие области дури и со Црна Гора, за да дојдеме до единствен економски пазар, што би поттикнало и инвестиции и трансфер на технологија, технички развој и вработувања“, изјави Нури.
Претседател на Комората на северозападна Македонија, Мендерес Кучи смета дека фокусот не треба да биде на тоа колку закони донесуваме, туку колку тие се применливи во пракса и се почитуваат од страна на институциите и тие на кои се однесуваат.
„Иако добиваме редовно позитивни оценки од ЕК во пракса работите не ни се такви како на хартија. И тоа автоматски генерира нешто што е за сомнеж зошто покрај позитивните вреднувања што би требало да значи прогрес, од друга страна економијата во државата не е аналогна на тоа што се презема, изјави Кучи.
Вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи, повеќе се осврна на политичкиот дел од извештајот и побара целиот овој елан и ентузијазам кој го покажуваме сега како општество да биде поддржан не само од страна на Комисијата на ЕУ, туку и од земјите членки на ЕУ. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

