Економија
Повик за давање во закуп на државно земјоделско земјиште во светиниколско
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во петок објави јавен повик за давање во закуп на државно земјоделско земјиште во регионот Свети Николе.
Огласот се однесува за вкупна површина од над 5353ха 95ар 46м2 за катастарските општини Пеширово, Амзабегово, Кнежје, Црнилиште, Аџиматово, Сарамзалино, Ѓуземелци, Милино, Лозово, Каратманово, Дорфулија, Ќоселери, Аџи Бегово и Делисинци.
Земјоделското земјиште предмет на огласот се дава под закуп како целина. Земјоделското земјиште предмет на огласот се дава под закуп за одгледување на други земјоделски култури (житни и фуражни). Времетраењето на закупот за кој се издава земјиштето е15 години.
Времетраењето на закупот по истекот на времетраењето на склучениот договор за закуп, може да се продолжи со непосредна спогодба за закуп за следниот период од 15 години, под истите услови кои се наведени во претходниот договор, доколку закупецот во целост ги исполнил обврските од претходниот договор за закуп.
Право на учество на јавниот оглас за доставување на понуди за давање во закуп на земјоделското земјиште во државна сопственост, имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица.
Физичките лица, треба да се регистрирани вршители на земјоделска дејност и/или запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства и/или да се трговец поединец на кои земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи да им е претежна дејност.
Странските правни лица, имаат право да учествуваат на јавен оглас доколку имаат регистрирано подружници во Република Македонија.
На домашните и странските правни лица или нивните подружници земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи да им е претежна дејност или земјоделското земјиште им е потребно за вршење на научно-истражувачки дејности.
Право на учество на јавниот оглас и на поднесување на понуди во постапка со прибирање на понуди немаат лицата, кои ги немаат намирено обврските по основ на закупнина по претходно склучени договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Право на учество на јавниот оглас немаат правни лица за кои е отворена стечајна постапка, како и непрофитните организации.
Образецот за учество на јавниот оглас (понуда), може да се подигне во подрачните единици на Министерството и истиот мора да се пополни со сите потребни податоци и да се достави со потребната документација во затворениот коверт, во спротивно понудата нема да биде разгледувана.Образецот за учество на јавниот оглас се доставува во еден оригинален примерок заверен и потпишан од понудувачот.
Секој понудувач може да достави само еден оригинален образец.
Еден понудувач може да аплицира на површините предмет на огласот исклучиво како една целина.Понудите се поднесуваат во рок од 30 дена од денот на објавувањето на јавниот оглас во дневниот печат, до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Скопје
Минималните услови во однос на материјално техничка опременост (планирани инвестиции и средства за обработка на земјиштето) и планираниот број на вработени кои треба да ги исполнуваат Понудувачите, како и останатите потребни услови и документи предвидени согласно Законот за земјоделско земјиште се дефинирани во Јавниот оглас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

