Економија
Митцубиши заинтересиран да инвестира во македонското земјоделство
Јапонската корпорација Митцубиши пројави голем интерес за вложување во земјоделскиот сектор во Македонија, а вниманието е насочено кон млечната индустрија, преработувачката индустрија и откупно дистрибутивните центри.
За таа цел претставници на јапонската компанија во средата ја посетија Македонија со цел одблизу се запознаат со условите за инвестирање во млечната индустрија, откупно дистрибутивните центри, како и во преработувачката индустрија, во сушење на земјоделски производи, сечење и брзо замрзнување на истите.Како што соопшти министерството за земјоделство, во посета на македонија престојуваат Генералниот менаџер на Корпорацијата Митцубиши – Јапонија, Хирохару Окамото, задолжен за Европа, Африка и Средниот Исток, кои остварија средба со ресорниот министер, Љупчо Димовски Притоа Димовски истакнал дека Македонија е солиден произведувач на земјоделски производи и дека бележи континуиран пораст на производството и извозот на земјоделски производи. Поради поволните климатски и почвени услови, истакна Димовски, во Македонија за разлика од другите земји во регионот се произведуваат раноградинарски производи кои се препознатливи и на Европските пазари, а тоа пред се се должи на строгата фитосанитарна контрола и на употребата на современи агротехнолошки мерки. Исто така нашата земја е голем произведувач и на јаболка, праски, кајсии и цреши, производи кои во најголем дел се извезуваат на пазарите на ЕУ, а во последните неколку години и на Рускиот пазар.„Во последните години активно работиме и на подигнување на преработувачкиот сектор кој претставува катализатор за вишокот на земјоделски производи, а исто така и на отварањето на нови откупно дистрибутивни центри, кои се потребни кај нас, затоа што во Македонија земјоделските стопанства во просек се мали и немаат доволни количина за сами да излезат на пазарот. Затоа ние како Влада и министерство каниме компании кои би отвориле откупно дистрибутивни центри, а тоа е добро и за самите фармери бидејки ќе можат да го договорат и да го продадат своето производство“, истакна Димовски.Корпорацијата Митцубиши претставува глобално интегрирана бизнис компанија што развива и работи бизниси во речиси секоја индустрија, вклучувајќи индустриски финансии, енергија, метали, машини, хемикалии, храна и бизниси кои вклучуваат заштита на животната средина. Со повеќе од 200 канцеларии и филијали во околу 90 земји во светот и мрежа од над 500 компании од групата, Корпорацијата Митцубиши вработува мултинационална работна сила од околу 60.000 луѓе. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

