Економија
Продолжен рокот за увоз на камиони со ЕУРО 3 стандарди
Владата одлучи рокот за увоз на камиони за превоз што ги исполнуваат ЕУРО 3 стандардите да се продолжи до 1 јуни 2013 година.
Оттаму информираат дека мерката е во насока на дополнителна поддршка на бизнис заедницата, особено во делот на транспортниот сектор.
„Ова е прифаќање на барање на бизнис заедницата, и оваа мерка дополнително ќе го олесни работењето на фирмите кои товарните возила ги користат за превоз на стоки, односно ги користат како основни средства за работа, што посебно ќе се одрази на оваа гранка, во состојба на европска економска криза, во време кога најголем дел од фирмите не се во можност да набават возила кои би исполнувале ЕУРО 4 стандарди“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
„На овој начин директно ќе се поддржат транспортните компании, но и градежните компании кои користат ваков вид на возила, а општо и целиот бизнис сектор кој ќе има корист од транспортот со ваквиот вид на возила, а ќе се подобри и безбедноста во сообраќајот на патиштата во државата, како и условите за обнова на возниот парк во стопанскиот сектор“, рече Ѓорѓиев.
„Ваквата мерка е во корелација со увозот на другите категории на возила, односно увoзот на возилата од категорија М1 (патничките возила) кои го исполнуваат ЕУРО 2 стандардот во период до август 2016 година, и возилата од категорија М2 и М3 (минибуси и автобуси) кои го исполнуваат ЕУРО 2 стандардот кои може да се увезуваат до 28 февруари 2013 година, мерки кои даваат значителни резултати бидејќи последните податоци покажуваат дека возниот парк е обновен“, објасни портпаролот Ѓорѓиев. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Меморандум за соработка во полето на гасниот сектор помеѓу Македонија и Србија: ќе се испитува можноста за развој на нова директна врска меѓу двата системи за гас
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија склучи Меморандум за соработка во полето на гасниот сектор со Министерството за рударство и енергетика на Република Србија, во просториите на Владата.
Гасниот интерконектор Северна Македонија – Србија е означен како Водечки проект за енергетиски мрежи во рамки на ЕУСАИР (EU Strategy for the Adriatic and Ionian Region) со што ќе се обезбеди сигурност во снабдувањето за регионот на Југоисточна Европа и ЕУ по пат на имплементација на проектите од Јужниот гасен коридор на ЕУ и Трансбалканскиот гасен прстен, преку диверзификација на рутите и изворите за снабдување со гас.
Со меморандумот се предвидува испитување на можноста за развој на нова директна врска меѓу двата системи за гас. Во рок од 9 месеци ќе се изработи Физибилити студија и Студија за оценка на влијание на проектот врз животната и социјалната средина за новата гасна интерконекција помеѓу државите.
Врз основа на резултатите од техничките и пазарни истражување и земајќи ја во предвид постојната инфраструктура за пренос на гас кај двете страни, Страните ќе ги анализираат и ќе превземат соодветни одлуки за реализација на проектот и координирање на понатамошни дејствија.
Економија
Зголемување на цената на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,81% во однос на одлуката од 30.9.2024 година.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,108 ден/кг и сега ќе изнесува 42,780 ден/кг.
Економија
Претседателката на ММФ: Живееме во свет на бавен економски раст и високи долгови
Меѓународниот монетарен фонд може да им помогне на земјите да се приспособат на бавниот економски раст и високиот долг бидејќи ова е светот во кој моментно живееме, изјави денеска претседателката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, на конференцијата за одржливост во Хамбург.
Според неа, тоа значи дека реформите што придонесуваат за раст, подобрување на инвестициската клима и напредок на пазарот на трудот треба безмилосно да се одложат.
„Меѓународниот монетарен фонд може да им помогне на своите членки да ги спроведат неопходните реформи, со што овие земји ќе имаат потенцијал да го зголемат растот на БДП во текот на четири години за осум отсто“, додаде Георгиева, пренесува „Танјуг“.
Конференцијата беше отворена со говорот на германскиот канцелар, Олаф Шолц.