Економија
Договорот за помош и намалување на грчкиот долг
Министрите за финанси и 17-те земји членки на еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд по повеќе од 13-часови преговори ноќта кон вторникот постигнаа договор за исплата на следната транша помош за Грција.
Исто така, договорени беа и низа мерки со коишто ќе се овозможи во следните десет години значително намалување на јавниот долг на Грција.
„Постигнавме политички договор. Не станува само збор за пари, туку и за подобра иднина за Грција и еврозоната во целина“, изјави шефот на Еврогрупата (советот на 17-те министри за финансии на земјите членки на еврозоната), Жан-Клод Јанкер по завршувањето на состанокот.
Сега останува земјите членки нa еврозоната да ги донесат потребните одлуки на национално ниво за одобрување на следната транша до вториот пакет голема странска финансиска помош од привремениот кризен фонд EFSF во висина од 43,7 милијарди евра. Првите 34,4 милијарди евра, од кои 10,6 милијарди евра се наменети за финансирање на грчкиот буџет а 23,8 милијарди евра за докапитализација на банките, треба да бидат исплатени на 13-ти декември. Преостанатиот дел ќе биде исплатен во три рати во текот на првиот квартал од идната 2013 година.
Членките на еврозната се согласија и околу мерките коишто би требало да овозможат намалување на грчкиот долг до 2016 година на 175 отсто од бруто домашниот производ (БДП) , 2020 година на 124 отсто, а во 2022 година значително под 110 отсто до БДП-то. Тие мерки вклучуваат намалување на каматите на веќе одобрените кредити од EFSF, продолжување за 15 години рокот на отплаќање на кредитите, одложување за 10 години за плаќање на каматите на позајмиците од EFSF, како и отстапување на делот од заработката на националните централни банки на грчките обврзници.
Само десетгодишниот мораториум на плаќањето камати на зајмувањата од EFSF го олеснува должничкиот товар за 44 милијарди евра.
Грција, исто рака, може да собере дел до својот долг, но деталите на оваа операција не се објавени за да се избегне растот на цените на грчките обврзници поради шпекулациите. „Колку помалку зборуваме за тоа, толку подобро“, изјави извршната директорка на ММФ, Кристин Лагард.
Сите наведени мерки го намалуваат долгот со кастрење на трошоците на задолжувањето, но не и главнината. Сé почесто се споменува можноста и јавните доверители да отпишат дел од своите побарувања, откако приватните претходно пролетта 2012 година банки беа принудени да отпишат 107 милијарди евра грчки долг.
Германскиот весник Welt am Sontag, претходно во неделата пишуваше дека минатата седмица во Париз бил одржан состанок на кој се зборувало за отпишувањето ан грчкиот долг до 2015 година, да во 2020 година тој да се намали на 70 отсто од БДП-то. На тој состанок биле министрите за финансии на Франција, Германија, Италија и Шпанија, претставници на Европската комисија, на Европскиот совет, на Европската централна банка и на Меѓународниот монетарен фонд.
На отпишување на долгот најмногу инсистира челничката на ММФ, Кристин Лагард, која истакнува дека земјите доверители ќе мора да отпишат дел од своите побарувања од Грција, бидејќи „поинаку нема да оди“.
На ова најмногу се спротиставува Германија. Магазинот Der Spiegel наведува дека простувањето на дел од долгот на Грција би значело и дека Германија мора да отпише милијарди евра од своите заеми, кои се пари на германските даночни обврзници, а тоа канцеларката Ангела Меркел и министерот за финансии Волфганг Шојбле сакаат да го избегнат пред парламентарните избори коишто ќе се одржат во септември идната година./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

