Економија
Општина Чаир, модел на имплементација на мерки за енергетска ефикасност

Министерот за економија Ваљон Сараќини денеска ја посети општина Чаир и заедно со градоначалникот Изет Меџити го пушти во службена употреба модерниот систем за јавно осветлување, изграден со мерки за енергетска ефикасност.
Министерот упати честитки до градоначалникот Изет Меџити за успешното спроведување на проектот, со кој чаирчани добија квалитетно осветлување на целата територија на општината, но апелираше и до сите општини да го следат примерот на општина Чаир.
„Денеска сме сведоци на реализација на еден од проектите кој овозможува рационализација на потрошувачката на електрична енергија во услови кога цените на енергенсите постојано растат. Само со замената на постојните светилки со LED светилки, општината ќе ја намали потрошувачката на енергија за најмалку 60 отсто“, изјави министерот Сараќини.
Покрај тоа, додаде Сараќини, општина Чаир има имплементирано визионерски чекор во служба на граѓаните, а тоа е воспоставување на информативен центар (Call Center), со што се воспоставува автоматски систем за надзор на осветлувањето, како и примање на информации за надзор за степенот на нивната инволвираност и потребата за замена на светилки или било кој друг вид на интервенција, што ќе придонесе за отстранување на дефектите во најкус можен рок.
Градоначалникот на Чаир Изет Меџити рече дека проектот се спроведува со моделот на јавно-приватно партнерство, чини 1 милион евра како целосна инвестиција на приватниот партнер, што значи дека не е потрошен ниту еден денар од џебот на граѓаните.
„Заменивме и инсталиравме вкупно 2.000 светилки, градејќи на овој начин модерен систем за јавно осветлување, со кој ги покриваме сите улици и улички кои се под наша ингеренција. Ова е европски тренд, од кој не е исклучена ниту нашата општина, туку напротив, Чаир е во чекор со европските метрополи. Целосната вредност на инвестицијата е спроведена од страна на приватниот партнер, без средства од граѓаните“, рече Меџити.
Модерниот систем за јавно осветлување во Чаир го спроведе компанијата KMГ КВАЗАР, која во текот на следните 14 години, колку што ја има концесијата, ќе го одржува системот за осветлување, а граѓаните ќе можат да ги пријават дефектите во системот на три начини: со повикување на центарот за повици, кој е во просториите на општината, со испраќање на SMS или e-mail./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Трипуновски од Прилеп: Заложбата е на нашите полици да се продаваат македонски преработки од земјоделски производи

Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, присуствуваше на манифестацијата организирана од Slow Food – Прилеп, која се реализираше со поддршка на Министерството.
„Интенцијата и заложбата на Министерството е преку финансирање на ваков вид настани да се промовираат домашните преработки на земјоделски производи, да се развие локалниот туризам и да се поддржат здруженијата кои постојат на ниво на државата”, истакна министерот Трипуновски.
Министерот објави дека финансиската поддршка кон сите здруженија е зголемена на 200.000 денари по корисник.
„Сточарите на овој настан можат да ги промовираат своите преработки. Кога зборуваме за сточарството, изминативе 15 месеци покажавме дека земјоделството е во фокусот на приоритетите и работењето на Владата”, додаде тој.
Министерот Трипуновски истакна дека оваа година поддршката за македонските сточари од Програмата за финансиска поддршка е зголемена за околу 50%.
„Сакаме на нашите полици да се продава македонско млеко и македонски преработки од земјоделски производи”, појасни министерот.
Економија
„Еуроимпекс“ прослави јубилеј од 35 години

Во средата на 10.9.2025 година, првата приватна македонска компанија со дејност од автомобилската индустрија „Еуроимпекс“, прослави јубилеј од 35 години успешно стопанисување. Свеченоста беше посветена на тимот вработени на компанијата, а забавата ќе остане долго да се зборува и да се памти…
„Еуроимпекс“ започнува со работа во 1990 година, кога во Македонија немаше ниту една приватна компанија за продажба на автомобили. Тие беа први. Семејството Воиновски. Започнуваат скромно со само тројца вработени, а денес се гордеат со компактен тим од 150 вработени во Скопје и Белград и застапуваат два сериозни автомобилски бренда на територија од 5 држави во регионот.
“Бележиме автомобилска традиција од 3 поколенија…. почнувајки од нашиот дедо, потоа нашиот татко, сега јас и брат ми, а веќе и следната, четврта генерација Воиновски е тука, подготвена да продолжи по истиот пат. Од тука потекнуваат и оние вистински семејни вредности кои се рефлектираат во целокупното работење, како кон клиентите така и кон нашиот тим.
Нашиот тим е компактен, постојан, кој секогаш се грижи за своите клиенти. Со таков пристап се градат нераскинливи врски помеѓу компанијата, клиентите и соработниците. Hие сите заедно – преку доверба, создаваме иднина. “ – изјави Кирил Воиновски, Генерален директор на „Еуроимпекс“.
„Еуроимпекс“ е првично позната по своето застапништво на еден од најпознатите автомобилски брендови – Peugeot во Македонија и регионот, но истовремено е и генерален увозник на брендовите: TotalEnergies, Milwaukee, Bahco, Irimo, се грижи за развојот на ловиштето Ниџе, а од 2020 година е генерален застапник и за германскиот блиц – Opel во Македонија, Србија, Косово, Албанија и Црна Гора.
„Горди сме на нашата 35 годишна традиција на раст и развој. Но, тука не застануваме. Чест ми е да најавам дека заедно со тимот на Еуроимпекс, работиме во насока на изградба на два нови репрезентативни деловни центари. Едниот во Скопје, другиот во Белград. Заедно целиме кон уште подобри 35 години!“ – – изјави Даниел Воиновски, Генерален директор на „Еуроимпекс“.
Ова беше еден од ретките настани обоени во кирилица. Гостите беа пречекани со лица во традиционални носии кои послужуваа македонски локум. Постоеше линк помеѓу минатото и иднината… Историски Peugeot возила блескаа крај црвениот килим, кои беа осветлени од најновите Peugeot и Opel модели, а по влезот во ресторанот беше искажано добредојде со шампањ и малини како симбол кој ги поведе гостите во иднината…
Гостите уживаа во македонска музика. Македонски шлагери ја преполнија просторијата со емоции. „За нас почнува живот“ и многу други, во изведба на Дина и The Ringtones. Нашата дива Калиопи, која воедно е и амбасадор на Peugeot брендот во Македонија, приреди маестрален настап, за време на кој гостите не стивнуваа од силни аплаузи и овации… Забавата продолжи на кирилица со Дина и The Ringtones, а гостите беа испратени со ракија и македонски домашен мед.
Ова не беше обична свеченост. Ова беше настан преполн со емоции, посветен на вредните колеги, соработниците и клиентите. Ова беше свеченост на која сопствениците и тимот на „Еуроимпекс“ покажаа како заеднички и тимски се гради и сака една компанија.
ПР
Економија
Божиновска: Стабилната грејна сезона е приоритет, институциите во редовна координација

На координациски состанок со претставници на сите надлежни институции од енергетскиот сектор беа разгледани тековните активности и подготвителните мерки за непречено снабдување со топлинска и електрична енергија во претстојната грејна сезона, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Редовниот ресорски состанок се одржа во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, каде покрај претставниците на Министерството од соодветните сектори, присуствуваа и претставници на компании и институции од енергетскиот сектор.
Во дискусијата активно учествуваа раководствата на ЕСМ, МЕПСО, НОМАГАС, како и претставници на НЕМО, кои ги изнесоа своите ставови, предизвици и предлози за натамошно унапредување на енергетскиот систем и зголемување на координацијата помеѓу институциите.
Разгледани беа: напредокот на проектите за енергетска инфраструктура; состојбата со обезбедувањето на потребните енергенси; плановите за работењето на берзата за електрична енергија и day-ahead пазарот; координацијата помеѓу институциите за одржување на стабилноста на системот.
Министерката Сања Божиновска беше информирана за досегашните подготовки и нагласи дека клучен приоритет останува сигурното и стабилно снабдување на граѓаните и индустријата во текот на целата грејна сезона.
За првпат по формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновска воведе пракса на редовни координациски состаноци со сите надлежни институции од секторот. Целта е навремено информирање и координирање на активностите – практика што досега не постоела, посочуваат од министерството.