Економија
Ристовски: Буџетот за 2013 година е проектиран за да се справи со последиците од светската криза
Буџетот за 2013 година е проектиран за да одговори на последиците од светската економска и европската должничка криза коишто имаат силно влијание и врз Република Македонија.
Ова во интервјуто за државната агенција МИА го изјави министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, при тоа додавајќи дека за следната година МТСП доби поголем износ на средства за околу 4 милијарди денари во однос на оваа година, како резултат на веќе усвоените зголемувања на социјалните трансфери, пред се на пензиите, социјалната помош, средствата коишто директно ќе влијаат на намалувањето на невработеноста…
„ Обидот за создавање хаос во државата заврши со контраефект за тотално деструктивната опозиција. Народот го крена гласот и застана на страната на оние коишто навистина и мислат добро на државата и се грижат за интересите на сите граѓани на Република Македонија. Народот застана на страната на оние коишто власта ја добија на легитимни демократски парламентарни избори. Поддршката што ја добивме беше евидентна, а тоа е доказ дека граѓаните на оваа земја препознаваат неправдини и обиди за насилно преземање позиции и создавање анархија. Но, тоа е веќе минато коешто сигурно нема да биде заборавено од гласачкото тело. Буџетот е усвоен, а тоа значи дека се обезбедени средства за нормален тек и функционирање на сите општествени сфери. Замислете до недоглед да беше блокирана исплатата на плати, пензии, социјални помошти, субвенции, функционирањето и изградбата на детските градинки, училиштата, капитални инвестиции и сето останато? За среќа мнозинството во Република Македонија не го дозволи тоа“, рече Ристовски.
Тој додаде дека Македонија веќе има преземено мерки за да се обезбеди социјалната сигурност на граѓаните.
„Во Република Македонија уште во 2000 година се започна со пензиските реформи заради обезбедување стабилен и одржлив пензиски систем на долг рок. Реформата ги балансира интересите на идните генерации на пензионери со интересите на сегашните генерации на пензионери, осигурувајќи соодветни пензии и за денешните и за утрешните стари лица. Споредено со останатите држави од регионот каде што соодносот на вработени и корисници на пензија драстично се намалува, во Република Македонија тоа не е случај. Но морам да напоменам дека соодносот 1,74 осигуреници на 1 корисник на пензија не ме радува и покрај тоа што овој сооднос не го доведува во прашање фукционирањето на пензискиот систем“, вели Ристовски.
Додава дека како Влада воопшто не размислувале за зголемување на старосната граница за пензионирање.
Министерот Ристовски говори и за мерките што се преземаат за намалување на невработеноста и за резултатите што ги даваат.
„Резултатите од она што оваа Влада го нуди како политика за намалување на невработеноста се евидентни. Податок којшто неодамна го објави и Државниот завод за статистика. Од една страна нудиме Оперативни планови за активни програми и мерки за вработување коишто секоја наредна година ги содржат мерките коишто дале најголем ефект во претходната година. Досега со шестте Оперативни планови беа опфатени повеќе од 42.000 лица, дел од нив преку директни вработувања и работни ангажмани, дел преку обуки и практики за подобрување на нивните работни вештини и способности, со што стануваат поконкурентни на пазарот на трудот и им се олеснува пристапот до работно место“, вели Ристовски. /крај/миа/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

