Економија
30 години OPEL ASTRA – Најпродавано компактно возило и амбасадор на промени
• Ново име, иста мисија: Аstra ја продолжува Kadett-традицијата на пионерска иновација
• Пет генерации на успех: Речиси 15 милиони Аstra F -К продадени до денес
• Омилена кај луѓето: Секоја генерација Аstra е хит кај импортерите и авто-саемите
• Сериска демократизација: моделите на Аstra се опремени со врвни технологии во компактна класа
• Целосно нова Astra како plug-in хибридно возило: Со електричен погон, како и со дизел и бензински мотор
Во 1991 година, Opel Astra ја наследи традицијата на пионерски иновации во сегментот на компактни автомобили и ги направи достапни за пошироката јавност од Opel Kadett. Заедно со својот претходник, и повеќе од кој било друг модел, Astra стана амбасадор на промените на брендот Opel, пренесувајќи важни пораки од производителот на автомобили до јавноста. Тие вклучуваат експресивен дизајн, разновидност и динамично возење, како и возбуда, пристапност и германска прецизност.
Во склад со времето: Името Astra дебитираше во 1991 година
Кога Opel Astra прв пат ја доживеа својата светска премиера во 1991 година, светот беше во период на транзиција. Новата генерација на компактниот модел на Opel целосно го отелотвори духот на промената. Се здоби со ново име – Аstra, како и нејзиниот британски Vauxhall – и богатство од новоразвиени безбедносни системи, како што се затегнувачи на предните појаси. Интерно познат како Astra F, тој исто така се фокусираше на еколошката компатибилност, со високо ниво на рециклирање. Купувачите се собраа во продажните салони кај импортерите и дилерите. Со тоа што Оpel произведува околу 4,13 милиони единици помеѓу 1991 и 1997 година, Аstra F е најпродаваниот модел на брендот досега.
1997: Холивуд доаѓа во Rüsselsheim со Астра G
Успехот на Astra F беше тешко да се надмине, па кога дојде до следната генерација, Брендот мораше да создаде нешто поразлично од другите. На пример, тимот за стајлинг ја создаде Astra G со помош на филмот “Jurassic Park”. Што не значи дека моделот е клониран од DNK на диносаурус. Наместо тоа, дизајнерите користеа компјутерска програма за помош при дизајнирање (CAD) наречена АLIAS, која првично беше развиена за компјутерски анимирани филмови, како што беше холивудскиот блокбастер. Софтверот му овозможи на тимот да работи на новиот модел во виртуелна, тродимензионална средина.
Самата Astra H постигна скоро блокбастер статус во 2003 година. За време на премиерата на третата генерација на моделот во Франкфурт IAA, угледниот германски автомобилски магазин „auto motor und sport“ ги праша читателите кој компактен автомобил им се допадна најмногу на саемот. Новиот Opel победи убедливо со 52 проценти од гласовите.
Со четвртата генерација, Opel ја прескокна буквата „I“ за да избегне забуна со бројката „1“. Така, Astra J беше таа што во 2009 година превзема напредни технологии од успешната Opel Insignia со средна големина и за прв пат ги донесе во компактната класа. Благодарение на предните светла AFL+, Astra можеше да се забележи на свиоци, додека предната камера Opel Еye не само што ги препозна сообраќајните знаци, туку можеше да ги предупреди возачите доколку се изложени на ризик да преминат од лентата.
Осветлување на патот: Со Intellilux LED® matrix предни светла до наградата „автомобил на годината“
Продолжувајќи ја долгогодишната традиција, Astra K исто така се истакна со својата технологија за осветлување. „Европски автомобил на годината за 2016“ кој беше првиот што воведе адаптивни IntelliLux LED® предни светла кај возилата од компактниот сегмент кои можевте да ги пронајдете кај луксузните и премиум модели од повисоките класи. Покрај тоа, кај новата Astra K уште еднаш е докажана грижата за Вашето здравје со воведување на ергономски предни седишта сертифицирани од AGR (Aktion Gesunder Rücken/Кампања за поздрав грб). Седиштата може дури и да се подобрат со функции за вентилација и масажа, слично на денешната сосема нова Astra.
Шеста генерација од најдобриот возило: Аstra од 1991 до 2021 година
Со објавувањето на моделот во 2021 година, Opel Astra влегува во својата шеста генерација и започнува уште една нова ера. За прв пат, автомобилот од компактна класа ќе биде достапен со електричен погон, како plug-in хибрид во две нивоа на изведби. Покрај тоа, ќе има и верзии со високо ефикасни бензински и дизел мотори. Целосно новата Opel Astra го прикажува новиот дизајн на германскиот производител на автомобили- смел и чист, со новото лице на брендот Opel визирот и дигиталниот кокпит Pure Panel.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност направи измени на тарифникот, Предлог-одлуката е доставена до Владата
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност денеска одржа нова седница на која ја разгледа Анализата за оправданоста и исправноста на донесените одлуки на друштвата за осигурување, подготвена и доставена до Комисијата од страна на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, како регулатор на работењето на осигурителниот пазар.
По разгледување на Анализата, а врз основа на наодите, Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност одржа седница и утврди потреба од измени на Тарифата за премии за осигурување и подготви Предлог-измени и дополнувања на Тарифата на премии со кои се доуредува член 3 во насока на заштита на корисниците, извести Министерството за финансии.
Предложените измени се насока на утврдување на опсег од 15% до 30% во кој друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност, а за секој износ на овие трошоци над 30% да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување. Ова значи враќање на цената на осигурувањето од автоодговорност на ниво од пред 25 април 2024 година.
Дополнително беше утврдено дека Комисијата најдоцна до 30 септември секоја година до Владата да доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година.
Одлуката за донесување нова тарифа се заснова на Анализата на АСО со која се укажува дека на 23.04.2024 година, 11 друштва за осигурување кои вршат работи на осигурување во групата на неживотно осигурување доставиле известувања до Агенцијата за супервизија на осигурување за донесени одлуки на нивните органи на управување за зголемување на премиите за задолжително осигурување од АО, при што се повикуваат на одредбите од Тарифата на премии за осигурување од АО, објавена во „Службен весник на РМ“ бр. 191/2018, според кои одредби имаат можност самостојно да одлучат за висината на делот од премијата за спроведување на дејноста, односно т.н режиски додаток при одредувањето на крајната премија по договор за осигурување (член 3 од Тарифата). Притоа известувањата на друштвата до АСО не содржат финансиски анализи за изминати периоди, ниту пак конкретни проекции за очекуван развој на ризиците кои ги преземаат во осигурување. Единствен аргумент на кој се повикуваат друштвата за осигурување се растечките трошоци од работење, кои не се непосредно поврзани со настанување на ризиците, односно со настанатите и очекуваните штети, соопшти Министерството за финансии.
Дополнително, ставот на Комисијата е поткрепен со мислењето на АСО како регулатор дека ваквото постапување на Друштвата за осигурување влијае врз стабилноста, сигурноста и предвидливоста на функционирање на целиот систем на осигурување во насока на штета на осигурениците, односно сопствениците на моторни возила.
Предлог-одлуката што ја усвои Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница е доставена на усвојување до Владата на РС Македонија.
Состојбите на пазарот ќе се следат и во наредниот период и ќе се преземаат соодветни одлуки, врз основа на анализи и во еден отворен и транспарентен процес. Во врска со донесените одлуки од страна на осигурителните компании за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност во втората половина од април 2024 година, Министерството за финансии ја свика Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која одржа седници на 26, 29 и 30 април и 02 мај 2024 година со цел да ги разгледа сите аспекти од носењето на овие одлуки, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Ковачевски: Поддршката за домашните компании продолжува, СДСМ нема да се откаже од подобра и европска иднина за државата
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска оствари средба со претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Менди Ќура, и со членовите на комората, на која што се разговараше за ефектите од досегашните економски мерки, за идните мерки на СДСМ, како и за нивните предлози, за тоа што е потребно да се направи во следниот период за развој на приватниот сектор и економијата.
Ковачевски по средбата, во изјава за медиуми, речедека со сите стопански комори досега имало успешна соработка, потенцирајќи дека и во време на најтешки кризи се Владата предводена од СДСМ, носеше правилни мерки за заштита на економијата, ликвидноста на компаниите и стандардот на граѓаните.
„Во тоа време направивме девет пакети антикризни мерки, во кои што учествуваа секогаш и претставниците на Стопанските комори, вклучително и Стопанската комората на Северозападна Мкаедонија. На тој начин успеавме да спасиме 80.000 работни места во 20.000 компании. Подоцна продолживме со зголемување на минималната плата, за која што секогаш имаше поддршка од оваа комора меѓутоа и од другите, и до зголемување дојде и на просечната плата“, рече Ковачевски.
Во однос на поддршката за домашните компании, Ковачевски посочи дека тоа е еден од приоритети на СДСМ и дека преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, домашните компании за прв пат добија поддршка од држвата, која со новата четиригодишна програма на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, ќе се зголеми.
„Во текот на изминатите години, како Влада имаме обезбедено 100 милиони евра финансиска поддршка за домашните компании. За наредниот четиригодишен мандат, планираме над 180 милиони евра, што ќе отвори нов циклус на инвестиции кај домашните компании“, рече Ковачевски.
На средбата, како што кажа Ковачевски, се разговарало и за клучните реформи во државата кои што се поврзани со евроатлантските интеграции на Северна Македонија, при што Ковачевски потенцираше дека СДСМ како партија не се откажува од интегрирањето на државата во ЕУ, согласно со преговарачката рамка која што е усвоена.
„Веќе оваа недела ќе биде усвоена реформската агенда која што е дел од Планот за раст на Западен Балкан, во кој што точно ќе бидат наведени реформите кои што ќе треба да се прават со цел да се повлекуваат траншите за Македонија. Тоа ќе бидат реформи во сите области од економијата, јавната администрација до правосудството и добрососедските односи“, истакна Ковачевски.
При тоа, Ковачевски потенцираше дека најголем дел од предлозите на Стопанската комора на Северо-западна Македонија, кои што беа дадени уште пред изборите, се веќе имплементирани во четиригодишната програма на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.
„Значи тоа зголемување понатамошно на минималната плата, зголемување на просечната плата и секако поддршка нова на индустријата, особено на компании кои што се извозно ориентирани и определување на доволна сума на финансиски средства за капитални инвестиции во државата. Ние имаме предвидено 3,5 милијарди од кои што 2,7 милијарди се за инфраструктурни проекти во државата во наредниот четиригодишен период.Тука би го додал и земјоделството, предвидуваме поддршка во земјоделството во четиригодишниот период од 1,3 милијарди евра, што секако ќе значи зголемено производство на храна, зголемен извоз на храна и зголемен извоз на земјоделски производи“, исткана претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Економија
АСО: Владата преку измени на тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ја охрабрува Владата, согласно своите законски надлежности, да ги заштити правата на осигурениците и преку измени во Тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.
АСО како регулатор на пазарот на осигурување уште еднаш јавно информира дека е целосно неоправдан и без основа потегот со кој осигурителните компании ги зголемија цените на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност.
Клучните аргументи против зголемување на цената се наведени во анализата што е доставена до надлежната комисија при Министерството за финансии.
Зголемувањето на цената на осигурувањето не е во функција на јакнење на заштитата на осигурениците. Напротив, како што се додава, ова зголемување на цените е само и исклучиво во функција на покривање на трошоците за оперативно работење на компаниите за осигурување.