Економија
Распишан оглас за давање под закуп над 745 хектари земјоделско земјиште
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во петок објави втор јавен повик за давање на над 745 хектари земјоделско земјиште во државна сопственост на плодоуживање на социјално необезбедените лица корисници на социјална парична помош.
Повикот се однесува на 21 регион и тоа за Берово, Битола, Македонски Брод, Валандово, Гоостивар, Гевгелија, Дебар, Делчево и Демир Хисар.
Исто така на овој повик можат да аплицираат и заинтересираните лица кои спаѓаат во категоријата социјално необезбедени лица корисници на социјална парична помош и од регионите Кочани, Крушево, Кратово, Кавадарци, Струга, Струмица, Пробиштип, Ресен, како и заинтересираните за добивање на државни ниви во плодоуживање од Велес, Штип и од скопските општини Гази Баба и Чаир.
Со овој повик, од над 745 хектари државно земјоделско земјиште кое е наменето да се даде во плодоуживање, најголемиот дел, односно скоро 285 хектари е во Струмичко, над 95 хектари во Кратовско, 92 хектари во Дебар и повеќе од 78 хектари во Валандовско.
Во Пробиштип, во плодоуживање со овој повик се огласени скоро 62 хектари, а во Кавадарци приближно 41. Времетраењето на плодоуживањето за кое се издава земјоделското земјиште изнесува пет години.
Зависно од намената на земјоделското земјиште, односно дали површината е под систем за наводнување или не, земјиштето може да се додели на плодоуживање најмногу до 4 хектари ако е во систем за наводнување, односно до 8 хектари ако е надвор од систем за наводнување.
За одгледување на житни, фуражни и индустриски култури, поединец – плодоуживател може да му се доделат најмногу 4 хектари во систем за наводнување, а за здружени двајца плодоуживатели до 8 хектари државно земјоделско земјиште кое е во систем за наводнување. За производство на градинарски култури, поединец плодоуживател може да добие најмногу 0,6 хектари државно земјоделско земјиште кое е во систем за наводнување, а здружени двајца плодоуживатели максимум 1,2 хектари во систем за наводнување.
Согласно дефинираниот концепт за плодоуживање, корисниците на оваа Програма, по добивањето на земјоделското земјиште, ќе имаат право да користат и финансиска помош за отпочнување на земјоделската дејност, и тоа: за корисниците кои ќе одгледуваат житни, фуражни и индустриски култури ќе им следува еднократна парична помош во висина од 20 илјади денари по хектар, но не повеќе од 120 илјади денари, за одгледувачите на градинарски култури 55 илјади денари за хектар .
Покрај оваа помош, согласно Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2012-2013 година, Пилот Програма за субвенционирање на плодоуживатели на државно земјоделско земјиште, на корисникот на плодоуживањето за првата година на плодоуживањето месечно ќе му се исплаќа надоместок во висина на социјална парична помош што ја земал до тогаш, исплата на придонеси за пензиско инвалидско осигурување и здравствено осигурување и исплата на надоместок за регистрација во регистарот на индивидуални земјоделци.
Во втората година, на регистрираниот индивидуален земјоделец ќе продолжи да му се исплаќаат придонесите за пензиско инвалидско осигурување и здравствено осигурување а износот на надоместокот од средствата на социјалната парична помош што ја земал до тогаш ќе се намали за 50 проценти. Во третата година плодоуживателот нема да биде корисник на овие мерки.
Плодоуживателите по склучувањето на договорите за плодоуживање, треба да се регистрирани преку Фондот на Пензиско и инвалидско осигурување како индивидуални земјоделци на кои земјоделството им е основна дејност.
Комисијата врши избор на најповолен понудувач врз основа на критериумите утврдени во Програмата за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост на плодоуживање на одредена категорија социјално необезбедени лица.
На корисниците на социјална парична помош, им се доделува земјоделско земјиште во државна сопственост на плодоуживање по основ на времетраењето на користење на правото на социјална парична помош, бројот на членови во заедничко домаќинство, по основ на тоа дали член во заедничко домаќинство кое е инвалидно лице, самохран родител, по основ на згрижување или старателство на дете без родители и родителска грижа или возрасно лице со одземена деловна способност.
Образецот за учество на јавниот повик (барање), може да се подигне во подрачните единици на Министерството за земјоделство и со сите потребни податоци и документи да се достави до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Скопје во рок од 30 дена од објавувањето на повикот во дневниот печат. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Штедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
Резолуција што носи сигурност
Почетокот на годината е период кога многумина прават пресек на досегашните финансиски навики и размислуваат за начини како да внесат поголема стабилност и поголема контрола во секојдневието. Во таков контекст, вниманието сè почесто се насочува кон долгорочно планирање и одговорно управување со личните средства. Меѓу најчестите и најразумни одлуки е штедењето, бидејќи овозможува финансиска сигурност и подобра организација на буџетот на подолг рок. За да прерасне во навика со реални резултати, потребен е јасен план и решение на кое може да се потпрете.
Јасна рамка за стабилен почеток
Кога условите се однапред познати, штедењето станува едноставно и без грижи. Токму во таков контекст, Халкбанк го нуди Промо депозитот како сигурен почеток на финансиската резолуција за 2026 година. Со рок на орочување од 13 месеци и фиксни каматни стапки oд 3,00% за МКД, 2,00% за ЕУР и 2,00% за УСД овој депозит создава стабилна временска рамка што овозможува планирање со јасна насока.
Фиксна камата и јасен принос
Промо депозитот се темели на фиксна каматна стапка, која обезбедува целосна предвидливост на приносот а каматата се исплаќа на крајот од периодот на орочување.
Мал чекор денес, стабилност утре
Додека годината се заокружува, а празничните денови нè потсетуваат на важноста на сигурноста и грижата за иднината, штедењето добива поинакво значење. Тоа станува вредна одлука – подарок што си го даваме сами на себе. Со Промо депозитот на Халкбанк, новата година не започнува само со желби, туку со конкретен чекор што носи стабилност, доверба и чувство на сигурен почеток.
Промо депозитот е достапен во филијалите и експозитурите на Халкбанк, каде клиентите можат да добијат дополнителни информации и професионален совет.
(ПР)
Економија
Николоски: Апелирам до ЕУ македонските превозници да бидат ослободени од новите правила за влез во шенген зоната
Министерот за транспорт, Александар Николоски, упати апел до ЕУ македонските превозници да бидат ослободени од новите правила за влез во шенген зоната со цел македонската економија да не трпи удари.
„Јас и Владата го разбираме револтот на транспортерите и протестот кој ќе го направат превозниците од понеделник, не само од Македонија туку од цел регион од Западен Балкан поради новите правила за електронска евиденција во земјите од шенген зоната. Новите правила и штетат на домашната економија, драстично ќе ја намалат работата на транспортерите, а на удар директно ќе биде транспортниот сектор и челичната индустрија“, одговори Николоски на пратеничко прашање на собраниската седница.
Тој истакна дека Владата веќе една година разговара со претставници на Европската Комисија за надминување на овој сериозен проблем, но ЕУ заесега нема слух за надминување на проблемот, не само за Македонија туку и за целиот Западен Балкан.
„Повеќе од една година разговараме со ЕУ, но слабо се разбираме и не наидуваме на разбирање. Последно разговарав во декември во Брисел со еврокомесарот за транспорт Цицикостас и со генералната директорка за мобилнoст и транспорт при Европската Комисија, Магда Копцинска, при што се обидов најпластично да им пренесам дека ова што го прават ќе значи смрт за економијата во регионот и ќе значи затворање на бројни странски инвестиции во регионот, а кои доаѓаат од земји членки на ЕУ. Намерно користам регионот, бидејќи се однесува за цел Западен Балкан и не се однесува само за Македонија. Формалниот одговор кој го даде портпаролот на ЕК за кој не се слагам е дека нема разлика меѓу она што до сега биле правила и новите правила, затоа што според него еден патник може да остане 90 дена во рамки на 180 дена во шенген зоните останува и сега. Формално тоа е точно, но практично не е точно, од причина што превозниците не се туристи, не одат за туризам, ниту се луѓе кои одат на посета, туку се луѓе кои што работат. Истите не можат да извадат работни визи бидејќи немаат работодавач во конкретна земја членка на ЕУ, а најчесто проблемот е тоа што само транзитираат” истакна вицепремиерот.
Тој додаде дека во континуитет одржува средби со бизнис коморите, со транспортните асоцијации и странските инвеститори со цел заедничи да се изнајдат најсоодветни решенија и да апелира до ЕУ за промена на правилата. Владата го задолжила и Министерството за надворешни работи да се обрати до ЕУ за одложување на новите правила за влез.
„Проблемот е подлабок. Ова ќе влијае врз извозните компании. Теротески да го уништиме транспортниот сектор и бизнис во Македонија, не само што директно ќе влијаеме врз транспортот, мислам дека ни ЕУ не се свесни со каков проблем се соочуваме. Имаме уште два проблеми, а тоа е со карго сертификатите и вториот е со квотите со извоз на челик. Не може регионот од Западен Блакан да се третира како трети земји, не може за извоз на челик да сме во иста квота со Кина. Квотите кои сега ќе ги постави ЕУ на кои сериозно работат, веројатно од Кина и Индија ќе ги исполнат во првите два месеци од годината. После тоа ќе има 50 % царина и практично ќе значи нема да има увоз на челик во ЕУ затоа што е неконкурентен и тоа значи дека челичната индустрија ќе колабира. Фени се затвори, со вакви линерани политики на ЕУ можеме да заклучиме само што ќе се случува со големи производители на челик од земјава”, додаде вицепремиерот Николоски.
Најави дека Владата сериозно ќе работи на надминување на овој предизвик со цел стабилизација на транспортниот сектор во земјава и регионот.
Економија
НБРМ: Годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 13,0 проценти на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти НБРМ.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/%D0%9CD/2025/Soopstenie_za_pecat_monetarni_dvizenja_2025_dekemvri_mk.pdf

