Економија
Рој за проектот во Љубаништа ќе инвестира стотици милиони евра
Дојдов во Охрид да ја потврдам намерата на мојата компанија „Сахара Индија Паривар“ за изградба на суперлуксузниот туристички комплекс на брегот на Охридското езеро. Мојата компанија не гради мали проекти, туку големи како што ќе биде и овој комплекс.
Ова во четвртокот во Охрид го изјави индискиот милијардер Субрата Рој кој придружуван од вицепремиерот Зоран Ставрески, ги обиколи локациите каде е предвидено да се гради во Љубаништа, пренесе порталот Ohridnews. Субрата Рој не откри колку ќе чини проектот, но рече дека станува збор за комплексен и навистина голем проект во кој сигурно ќе бидат вложени неколку стотици милиони евра, а конечната цена и изглед ќе се знае откако проектот ќе биде завршен.Индискиот милијардер истакна дека целна група на ресортот „Сахаријан Македонија“ ќе бидат туристи од Кина, Индија, Русија и Европа и дека покрај неговата компанија, економска придобивка ќе има и македонското стопанство. Рој најави дека туристичкиот комплекс во Љубаништа ќе биде меѓу 10- те најубави во светот и дека ќе се рекламира глобално како планетарна туристичка дестинација. Министерот Ставрески информираше дека е формиран државен експертски тим, составен од повеќе претставници на државни институции кои заедно со тимот на „Сахара Индија Паривар“ ќе работаат на сите прашања за реализација на проектот.Посебен акцент ќе биде ставен на заштитата на животната средина. Ставрески уште истакна дека по финализирањето на проектот ќе биде направена проценка во врска со имотно- правните прашања на просторот каде е предвидена изградбата и дека сите сопственици на имоти ќе бидат обештетени согласно позитивните законски прописи.Субрата Рој потврди дека неговата компанија стана сопственик на хотелот „Славија Спектар“, кој ќе се користи за опслужување на екипите кои ќе работаат на проектот. /крај/ох/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

