Економија
Нов магистрален пат Радовиш-Струмица на кој ќе се вози 100 километри на час

Новиот магистрален пат Радовиш Струмица во сабота официјално ќе биде пуштен во употреба.
Со новиот патен правец во должина од 10 километри ќе се овозможи брзина на движење од 100 километри на час, наместо досегашните 40 километри.
Во изградбата на патот Радовиш-Струмица се вложени 445 милиони денари, обезбедени од државниот Буџет.
Градежните работи ги изврши компанијата „Гранит“, откако претходно беше раскинат договорот со хрватска ИНГРА заради доцнење со роковите.
На свеченоста ќе присуствуваат вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Трипуновски: Над 130 милиони евра легнаа на сметките на земјоделците

Со самото влегување во Владата, во Министерството, наследивме една хаотична состојба, значи празна каса, неисплатени субвенции, недонесени законски и подзаконски акти, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски одговарајќи на новинарско прашање.
„Со сите заостанати обврски кои што ги наследивме, можам слободно да кажам дека се исплатени околу 8 милијарди денари по основ на заостанати и тековни исплати на субвенции. Тоа се речиси 130 милиони евра кои што легнале на сметка на земјоделците од сите групи на производители“, нагласи министерот.
Тој додаде дека ова е уште еден показател дека кога се работи домаќински, посветено, одговорно, се вреднува трудот на македонскиот земјоделец.
„На вистинската патека сме за да ја вратиме довербата на земјоделците спрема Владата и институциите. Тоа ние заедно со премиерот Мицкоски го докажавме изминативе 10 месеци и така ќе продолжиме во следниот период“, посочи министерот Трипуновски.
Економија
Народната банка доби признание од ММФ за економската отпорност на Македонија

И покрај периодот на сериозни глобални кризи, Народната банка на Македонија одигра клучна улога во зачувувањето на економската стабилност и во зајакнувањето на отпорноста на домашната економија, беше истакнато на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка.
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и нивните тимови, учествува на средбите во Вашингтон каде беше нагласено дека девизните резерви на земјата се зголемени за околу 40% во однос на преткризниот период. Овој пораст, според неа, е главно резултат на солидниот прилив на странски директни инвестиции кои во 2024 година достигнаа 7,1% од БДП – едно од највисоките нивоа досега.
„Повеќе од кога било е важно да се одржи стабилноста во вакво непредвидливо глобално окружување. Нашата цел останува стабилен девизен курс и ценовна стабилност како темел за долгорочен економски раст“, изјави гувернерката Ангеловска-Бежоска.
На средбите со високи претставници на ММФ, како директорот за Европа Алфред Камер, извршниот директор Јерон Клик и шефицата на мисијата Анет Кјобе, беше истакнато и значајното подобрување на банкарскиот систем во земјата. Македонија, според анализите, бележи најголем раст на адекватноста на капиталот во регионот, но и во однос на земјите од Европската Унија, што овозможува солиден кредитен раст.
Дополнително, беше разгледан и најновиот Светски економски преглед на ММФ, според кој се предвидува натамошно намалување на глобалната инфлација – до 4,3% во 2025 и 3,6% во 2026 година. Сепак, ММФ предупредува дека ризиците и понатаму се присутни поради трговските војни и нестабилните глобални политики.
Во рамки на македонската делегација на пролетните средби учествуваат и вицегувернерот Фадил Бајрами и вицегувернерката Ана Митреска.
Економија
„Алкалоид“ отвори нови хоризонти во третманот на ГЕРБ со течниот „омепразол“

Како носител на првиот меѓународен патент за лек со додадена вредност – Омепразол во течна форма: готов за употреба – „Алкалоид“ беше покровител на Првата меѓународна конференција за современ пристап во третманот на ГЕРБ кај педијатриските пациенти, организирана во Загреб, Хрватска.
Повеќе од 200 здравствени професионалци од областа на педијатријата, гастроентерохепатологијата, нутриционизмот, експерти од фармацијата и од фармакологијата, претставници на академската заедница, како и претставници на „Алкалоид“ учествуваа на првиот глобален настан под покровителство на компанијата посветен на најновите достигнувања во третманот на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај доенчињата и кај малите деца.
Настанот во фокусот го имаше првиот патентиран течен Омепразол, иновација која носи значителни подобрувања во педијатрискиот третман на ова често заболување. Омепразолот ѝ припаѓа на групата инхибитори на протонска пумпа и претставува терапија од прв избор при лекувањето на ГЕРБ, традиционално достапен во форма на гастрорезистентни таблети, капсули или прашок за растворање, што ја отежнува неговата примена кај доенчињата постари од еден месец, малите деца, кај пациентите со тешкотии при голтањето, пациентите со гастрични сонди за хранење, како и кај геријатриските пациенти.
„Алкалоид“ за првпат во историјата успеа да го развие омепразолот во патентирана течна форма, овозможувајќи нов, практичен и ефикасен пристап во третманот кај овие чувствителни групи пациенти.
„Овој производ ја потенцира посветеноста на ’Алкалоид’ кон врвни достигнувања во сферата на фармацијата и поставува нови стандарди во генеричкото производство на лекови, со фокус на иновацијата и пазарната диференцијација. Иновативниот лек со додадена вредност на ’Алкалоид’ веќе отвора нови хоризонти во третманот на ГЕРБ кај педијатриските пациенти, пред сè, во поглед на достапноста на терапијата, што претходно не беше случај, прикажувајќи позитивни резултати во третманот на овие чувствителни групи на пациенти и подобрувајќи го квалитетот на живот на семејствата кои се соочуваат со ова често заболување“, истакна Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на УО на „Алкалоид“.
По патентирањето во септември 2023 година, течниот Омепразол за првпат беше пуштен во употреба во февруари 2024 година на пазарите во Македонија и во Обединетото Кралство, а оваа меѓународна конференција претставуваше извонредна можност за размена на клинички искуства, како и за споделување добри практики и иновативни пристапи во педијатриската пракса.
Здравствените професионалци од Македонија, Обединетото Кралство, Белгија, од Словенија, Хрватска, БиХ, Бугарија, Романија, Србија и од Косово дискутираа за предизвиците со кои се соочуваат во третманот на ГЕРБ, како и за придобивките од воведувањето на оваа иновативна формулација на Омепразол, укажувајќи на неговата ефикасност, безбедност и на подобрената подносливост кај најмалите пациенти.
Тим од експерти од разни области во „Алкалоид“ 6 години работеше на развојот на течниот Омепразол.
Иновативниот концепт на овој лек вклучува двокоморно шише за еднократна употреба, кое одделно содржи два раствора – еден со висока pH и еден дилуент.
Со мешање на растворите непосредно пред употребата се добива стабилна формулација со оптимална pH-вредност, која ја заштитува активната супстанција од деградација при контакт со желудочната киселина, овозможувајќи соодветна, безбедна и ефикасна примена на терапијата кај педијатриските пациенти, како и кај другите чувствителни групи на пациенти.
За да се задоволат специфичните барања во процесот на производство на овој лек, „Алкалоид“ инвестираше во наменски изработена машина, соодветна за овој иновативен производ, осигурувајќи ефикасен и одржлив синџир на негова испорака низ светот. Омепразол растворот е достапен на пазарите во Македонија, Велика Британија, Ирска, Романија и Хрватска. Во моментов, производот се наоѓа во постапка за добивање на маркетиншка авторизација во повеќе други земји.