Економија
Павлески: Македонија нуди пристап до пазар од 650 милиони луѓе
Македонија како крстосница во Југоисточна Европа е идеален производствен и дистрибутивен центар до европските пазари, која нуди пристап до повеќе од 650 милиони луѓе, порача министерот за странски инвестиции, Бил Павлески на Глобалниот партнерски самит во Агра, Утар Прадеш.
На Самитот, кој е еден од најголемите по економскиот форум во Давос, министерот Павлески како главен излагач се обрати пред повеќе од 5.000 компании.
Во рамки на Самитот, министерот Павлески се обрати на пленарната сесија насловена: „Брзорастечки глобален синџир на вредности: Каде се вклопуваат економиите во развој?“.
Во своето обраќање тој рече дека Македонија како земја која се наоѓа на крстосница во Југоисточна Европа, претставува идеален производствен и дистрибутивен центар до европските пазари. Сето тоа произлегува од севкупните конкурентни производствени трошоци, даночните ослободувања кои ги нуди нашата земја, како и потпишаните договори за слободна трговија кои на интернационалните компании им овозможуваат влез на пазар од повеќе од 650 милиони луѓе.
Годинешниот Самит е во организација на Министерството за трговија и индустрија, Владата на Индија и Конфедерацијата на индиската индустрија (CII).
На Самитот се дискутираше за неколку клучни прашања, меѓу кои враќање на макроекономската стабилност преку обезбедување фискална дисциплина, финансиска стабилност и поттикнување на развој и раст преку создавање на подобра конкурентска основа за инвестиции во областа на образованието, технологијата и иновациите.
Во владината делегација предводена од министерот Павлески се и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Македонија, Висар Фида, директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Виктор Мизо и економскиот промотор во Индија, Тони Атанасовски.
На маргините на самитот, министерот Павлески оствари средба со премиерот на Утар Прадеш, Шри Б. Л. Јоши и министерот за трговија, индустрија и текстил, Ананд Шарма. На средбите беа истакнати добрите односи помеѓу Република Македонија и Индија, како и взаемниот интерес за понатамошно унапредување на економските односи со Индија и привлекување на индиски инвестиции во Македонија.
Воедно, министерот Павлески и директорот Фида остварија деловни средби со повеќе индиски компании од автомобилската и ИТ индустријата, а исто така, се сретнаа и со претседателот на индиската Асоцијација на производители на автомобилски компоненти во Њу Делхи, Арвин Капур.
Покрај многубројните средби со интернационални компании, министерот Павлески имаше средба и со претседателот на Бордот на директори и извршен директор на Инфосис (Infossys), Крис Гопалакришнан, поранешниот претседател на Конфедерацијата на индиската индустрија (CII) и претседател на Бордoт на директори на НИКО финансиски системи (Nicco Financial Services Ltd.), Рајиве Каул, претседателот на Бордoт на директори на Годреј груп (Godrej Group) и претседател на Бордoт на директори на Конфедерацијата на индиската индустрија (CII), Ади Годреј, поранешниот претседател на Конфедерацијата на индиската индустрија (CII) и директор на TFR Ltd., Субод Баргава./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

