Економија
Нови 100.000 евра субвенции за вградување на соларни колекторски системи
Министерството за економија, за 2013 година обезбеди дополнителни шест милиони денари за субвенции за корисниците кои ќе вградат соларни колекторски системи во домаќинствата..
„Климатските карактеристики на Македонија овозможуваат поволни услови за успешно искористување на сончевата енергија што не’ поттикна да го објавиме петтиот по ред јавен повик за надоместување на дел од трошоците за купување и вградување на соларни колекторски системи во домаќинства за 2013 година“, информираше министерот за економија Ваљон Сараќини.
Во буџетот на Министерството за економија, за оваа година, обезбедени се вкупно 6 милиони денари односно 100 илјади евра, за реализација на Програмата за надоместување на дел од трошоците за купување и вградување на сончеви термални колектори.
„Министерството за економија, на 25 јануари, го објави јавниот повик за оваа намена и истиот трае до 31 мај 2013 година“, информираше Сараќини.
Според него, процедурата за аплицирање е многу едноставна, потребно е само да се достави пополнет образец за барање и доказ во оригинал дека е извршено купувањето на сончев термален колекторски систем фискална сметка или фактура .
На 8 јуни, ќе следува јавното извлекување на добитниците, кои што ќе добијат субвенции во вредност од 30 отсто од вкупниот износ на вградениот сончев колектор, односно до 18.000 денари.
„Ако се инсталира сончев колектор, кој што чини 36.000 денари, месечно се заштедува околу 1.000 денари, додека годишната заштеда изнесува 12.000 денари. што практично покажува дека инвестицијата се враќа за период од 3 години,“ истакна Сараќини.
Поголемото вклучување на обновливите извори на енергија во енергетската потрошувачка се една од главните стратешки цели на Владата на Република Македонија во енергетскиот сектор. Вклучувањето на обновливите извори на енергија е значајно од аспект на создавање услови за безбедно снабдување со енергија и креирање на услови за одржлив развој во земјата.
Владата ги мотивира и пред се ги подржува сите мерки и активности кои придонесуваат за промоција на обновливите извори на енергија како и заштитата на животната средина, и стимулирањето на користењето на соларните колектори во домаќинствата е една од мерките кои се планираат да се реализираат и во иднина на годишно ниво.
Доколку сите домаќинства во Република Македонија, околу 600.000 домаќинства инсталираат соларен термален колектор во свoјот дом годишно ќе се заштедат 144.000 MWh, односно 5 милијарди и 40 милиони денари./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

