Економија
Акцискиот план за вработување на младите до 2015 година е во тек
Повеќе разработени мерки вклучува акцискиот план за вработување на младите до 2015 година, во кој целна група се лицата од 15 до 29 години, што во сабота беше промовиран во Министерството за труд и социјална политика.
Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски рече дека стратешки цели на Акцискиот план се подобрување на ефикасноста на институциите на пазарот на трудот и поттикнување на вработеноста на младите преку развој на приватниот сектор.
Со планот се предвидува околу илјада млади со завршено средно или високо образование да бидат вклучени три месеци во програмите за практикантство, 500 млади да бидат обучени за почнување сопствен бизнис, тестирање на сите полуматуранти од март до мај за нивно навремено кариерно насочување, како и пилот-тестирање во неколку средни училишта.
Од министерството планираат на овој начин до 2015 година бројот на неформално самовработени млади да се зголеми за 20 отсто.
„Имплементацијата на Акцискиот план е во тек. Во 2012 од вкупниот број опфатени (7.590) лица од различните активни програми за вработување, 20 отсто се млади лица (1.486)“, рече Ристовски.
Акцискиот план ќе се спроведува во соработка со Министерството за образование и наука.
„МОН работи и на формирање центри за кариера во средните училишта и на сите факултети на државните универзитети. Во средните училишта центрите ќе вршат професионално насочување на ученикот кон област на студии соодветна на неговите афинитети, додека центрите за кариера на универзитетите претставуваат врска меѓу студентите и корпоративниот бизнис-сектор“, рече Панче Кралев, министер за образование и наука.
Акцискиот план ќе се спроведува три години, со 27 милиони евра обезбедени најголем дел од Буџетот, но и од ИПА-фондовите на ЕУ.
Според евиденцијата на Агенцијата за вработување, во јануари 2013 без работа се регистрирани 58.147 лица на возраст од 15 до 29 години, од кои најмногу се во Скопје и во други поголеми градови./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

