Економија
Трговскиот дефицит за 2012 г. изнесува 2,5 милијарди долари
Република Македонија во надворешно-трговската размена за цела 2012 година бележи дефицит од 2,5 милијарди долари, што претставува намалување за околу 50 милиони долари во споредба со 2011 година.
Според податоци на Државниот завод за статистика, вкупниот обем на трговската размена лани изнесувал 10,5 милијарди долари, што е речиси за милијарда долари помалку во однос на 2001 година, кога обемот изнесувал 11,4 милијарди долари.Намалување бележи и извозот, кој лани изнесувал четири милијарди долари, наспроти 4,45 милијарди во 2011 година, како и увозот кој во 2012 година изнесувал 6,5 милијарди долари, а во претходната година достигнал седум милијарди долари.Покриеноста на увозот со извоз лани изнесувала 61,5 отсто, додека во претходната година била 63,6 отсто.Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта. Во увозот најмногу се застапени суровата нафта, платината и легурите на платина, необработени или во прав, моторните возила за превоз на лица и електричната енергија. Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Србија, Бугарија и Италија, со кои обавува 47,1 отсто од вкупната надворешно- трговска размена се врши со овие пет земји. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ристески: Потребата од зелената трансформација е неопходна
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, се обрати на стручна конференција на тема „Создавање на зелени работни места во Македонија – Можности за вработување во контекст на управување со отпад, национални паркови, одржлив туризам и зелена грижа во рурални средини“, која е во организација на амбасадата на Австрија и австриското федерално министерство на за труд, социјални работи, здравствена заштита и заштита на потрошувачите.
На конференцијата ќе се обратат голем број на претставници на министерствата и државни тела и институции од областа на трудот од двете држави, каде ќе се разменат искуства и позитивни примери за мерките и активностите од областа на зелената економија, транзиција и креирањето на нови зелени работни места, управување со отпад, одржлив туризам и зелена грижа во руралните региони.
„Потребата од зелената трансформација денес е неопходна, климатските промени веќе влијаат врз нашата економија, енергетика и секојдневие. Затоа, да ја прифатиме не само како обврска, туку и како можност за економски развој, нови инвестиции и нови вработувања. Како Министерство за економија и труд силно сме посветени на процесот на зелената транзиција поточно транзиција во зелена економија, која е систем чии приоритети се еколошка одржливост, социјална правда и економски раст, која подразбира раст кој ќе ги задоволи потребите на сегашните без да се загрозат идните генерации“, рече Ристески.
Ристески во своето обраќање се осврна на активностите на Владата и министерството за економија и труд преку кои се промовира и поддржува процесот на зелената транзиција на домашните компании и креирањето на зелени работни места.
„Во рамки на Оперативниот план за вработување, преку мерката „Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции“ обезбедуваме поддршка на домашните компании кои инвестираат во зелени технологии и практики со цел отворање нови работни места. Со ова го поттикнуваме создавањето на нови вработувања во приватниот сектор преку воведување на зелени производи, услуги, технологии или процеси во претпријатијата, а во четирите години од кога заедно со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ја спроведуваме, резултира со околу 400 нови зелени работни места во 228 компании“, додаде Ристески.
Овој настан има за цел да ја промовира институционална размена и споделување на добри практики од Австрија во областите на управување со отпад, национални паркови, одржлив туризам и зелена грижа во руралните региони.
Економија
Гувернерот Славески на конференција во Тирана: Водиме претпазлива монетарна политика и подготвени сме да им одговориме на сите потенцијални ризици
„Народната банка дејствуваше одлучно за да ja зачува макроекономската и финансиската стабилност во економијата. Како и повеќето централни банки во регионот и пошироко, беа преземени сеопфатни пакет-мерки насочени кон стабилизирање на инфлацијата, зачувување на стабилноста на девизниот курс и зајакнување на финансиската стабилност.“ Ова го истакна гувернерот д-р Трајко Славески на конференцијата којашто се одржа во Тирана, Албанија, во организација на Банката на Албанија и Комитетот за преобразување на Бретон Вудс, по повод 100-годишнината од нејзиното основање. На конференцијата присуствуваше и вицегувернерот Фадил Бајрами.
На панел-дискусијата на којашто учествуваа и гувернерите на Ерменија, Малта, Литванија и Португалија, а којашто ја водеше првата заменик-гувернерка на Банката на Албанија, Лулјета Минџози, гувернерот Славески посочи дека внимателно осмислената монетарна политика и мерките преземени на девизниот пазар придонесоа за зацврстување на инфлациските очекувања и за постепено намалување на инфлацијата.
„Инфлацијата значително се намали во однос на нејзиниот максимум од крајот на 2022 година и повторно се сведе на едноцифрено ниво. Врз основа на преземените мерки, како и претпоставките за надворешниот и домашниот контекст, очекуваме нејзино натамошно забавување и враќање на нивото на историскиот просек во периодот што следува“, истакна Славески, додавајќи дека Народната банка и натаму е внимателна и ја води својата политика врз основа на темелни анализи и податоци, при што секоја одлука ќе се носи со разгледување на сите достапни информации и на потенцијалните ризици.

Гувернерот исто така посочи и на низата макропрудентни мерки што Народната банка ги презеде во изминатиов период како втора „линија на одбрана“, со коишто се поддржа поставеноста на монетарната политика и дополнително се зајакна финансиската отпорност и стабилноста на системот. Притоа, сите активности беа придружени со засилена и проактивна комуникација со јавноста, којашто одигра важна улога во стабилизирањето на пазарните очекувања и зачувувањето на довербата и кредибилитетот на Народната банка.
На конференцијата на која учествуваа гувернери на централни банки, како и претставници на меѓународни институции и академската заедница, се зборуваше за начинот на кој централните банки можат да го задржат кредибилитетот, да ги зацврстат очекувањата и да постигнат ценовна стабилност во услови на непредвидливо ценовно окружување, зголемена геополитичка неизвесност и постојани светски шокови.
Економија
P2P.mk на e-Commerce конференцијата: Нови пари, нова филозофија
Да се биде дел од е-Commerce конференцијата, значи да се биде таму каде што се дефинира иднината на дигиталната економија.
Над 800 учесници, десетици стартапи, инвеститори и визионери и една заедничка мисла: дека финтекот не е само технологија, туку култура на доверба.
Во рамките на програмскиот блок „How to Get Funded – the Smart Way“, публиката имаше прилика да го слушне Гого Рафајловски и Теодор Тодоровски од кои на многу различен, но комплементарен начин ја раскажаа приказната за паметните инвестиции и фер системите.

Гого Рафајловски, претставник на Zephyr Angels, ја отвори сесијата со јасна порака:
„Кешот е кислород, не насока.“
Со таа реченица го постави темелот на дискусијата, дека капиталот сам по себе не е решение ако нема стратегија, фокус и интегритет.
„Smart money е секогаш подобро од easy money. Тракцијата вреди повеќе од трансакцијата. Финансирањето не е крајна цел, тоа е стартна линија.“
Веднаш потоа, Теодор Тодоровски, извршен директор на P2P.mk, донесе поинаков агол, оној на човекот кој ја гради платформата што ја редефинира довербата во финансискиот свет.

„Понекогаш најголемата иновација не е нова технологија, туку нов начин на однос. Во финансискиот свет, каде што сите зборуваат за проценти, ние решивме да зборуваме за принципи. Затоа што само кога системот е фер, бројките навистина имаат смисла.“
Со оваа порака, P2P.mk уште еднаш го потврди својот идентитет, платформа што не ветува чуда, туку создава фер услови: транспарентност, флексибилност и доверба што се заработува, не се купува.
По презентацијата, во рамки на P2P Networking Cocktail, се сретнаа стартапи, инвеститори и претставници на водечки компании од целиот регион.

Да се биде на е-Commerce Conference за P2P.mk значи дека новата генерација на финтек решенија од Македонија може да биде рамноправен играч на европската сцена.
И дека вистинската вредност не лежи во бројките, туку во принципите што ги прават тие бројки вистински.
ПР

