Економија
Македонија ги претстави туристичките потенцијали на саем во Италија
Македонија, во периодот од 14-17 февруари 2013 година, за првпат беше присутна на саемот за туризам Bit 2013 во Милано, Италија.
Македонските туристички потенцијали беа презентирани на италијанскиот пазар со штанд на кој исто така земаа учество и туристички агенции од нашата земја, кои италијанскиот пазар го одредиле како таргет.
Во текот на четиридневното промовирање беше организирана презентација на туристичкиот потенцијал на Македонија пред туроператори и новинари од Италија, како и пред потенцијални туристи, проследена со дегустација на традиционална македонска храна и вино.
Презентацијата беше отворена од страна на генералниот конзул на Република Македонија во Италија, Амон Бајрамовски кој истакна дека позитивните билатерални односи помеѓу двете земји и одличните дипломатски, економски и политички односи преставуваат добра основа за проширување на соработката и во туристичкиот сектор.
Презентацијата на туристичкиот потенцијал на нашата земја проследена со видео материјал од промотивната кампања Macedonia Timeless, ги покани присутните да ја посетат нашата земја и лично да се запознаат со богатата историја, култура, религија, архитектура, природа и секако вкусна храна и вино на кои ниту еден посетител не останува рамнодушен.
Комбинирајќи ги познавањата на туристичките потенцијали и регулативите во нашата земја од страна на преставниците на АППТ и туристичките агенции, со контактите на нашиот конзулат, ангажираност на македонскиот економски промотор во Италија Иван Илиев, како и на почесниот конзул на Република Македонија во Италија Франко Пилато, направена е уште една успешна промоција која претставува почеток на низа планирани промотивни активности во правец на зголемување на бројот на туристи од овој исклучително значаен европски пазар кој покажува интерес за религиозниот туризам и кружните тури низ Балканот, вклучувајќи ја и нашата земја.
Саемот Bit 2013 имаше над 2.000 излагачи, од повеќе од 120 земји кои ги промовираат своите потенцијали на површина од 86.000м2.
Бројот на посетители од 90.000, како и присуството на 60.000 професионалци во туризмот од кои 44% се туристички агенции и 3.500 новинари преставуваат причина повеќе за одлуката за промовирање на нашата земја во рамки на овој реномиран саем од областа на туризмот. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

