Економија
Извозот од Македонија кон Германија двојно поголем од увозот
Претставништвото на германска стопанска комора во Македонија соопшти дека трговската размена помеѓу Македонија и Германија во 2012 постигна вредност во висина од 1.476,10 милиони евра.
Според најновите податоци од германското Сојузно Министерство за економија и технологија, Германија во 2012 има увезено од Македонија стока во висина од 963,71 милиони евра, а пак извезени за Македонија се стоки и услуги во висина од 512,39 милиони евра.
Македонија во 2012 го има постигнато најголемиот извоз со Германија во споредба со изминатите пет години.
Директорот на германската стопанската комора во Македонија, Михаел Шмит, посочува дека Германија во 2012 е најголем трговски партнер на Македонија.
„Во извозот најголемо учеството заземаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, производите од железо и челик и облеката. Во изминатата година имаше значајни инвестиции во Македонија во секторот на автомобилската индустрија, чиешто производство првичните резултати ќе ги покаже во тековнaта 2013. Овие инвестиции ќе донесат нови работни места, што позитивно ќе влијае на македонскиот извоз”, рече Шмит.
Германија во 2012 забележа рекорден извоз, што достигна 1.097,4 милијарди евра, а увозот на стоки беше во висина од 909,2 милијарди евра. Во споредба со 2011, германскиот извоз во 2012 се зголемил за 3,4 отсто, а увозот се зголемил во однос на 2011 за 0,7 отсто.
Анкетата за прогнозата на стопанскиот развој во Германија за 2013 година направена од страна на Стопанската комора на Германија со седиште во Берлин, која беше спроведена помеѓу 28.000 компании во Германија покажа дека Германија може да очекува во 2013 економски раст во висина од 0,7 отсто.
Се очекува раст на увозот за 4,0 отсто (2012: 4,1%) и раст на извозот за 4,3 отсто (2012: 2,3%).
„Ние сме убедени дека германско- македонската трговија исто и во 2013 ќе профитира од овој позитивен развој во Германија”, изјави Михаел Шмит, Директор на германската стопанската комора во Македонија./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

