Економија
Промовирана државната енергетска стратегија за периодот 2013-2017 година
Програмата за реализација на Стратегијата за развој на енергетиката на Република Македонија за периодот 2013-2017 година, беше промовирана во петок во Министерството за економија.
Документот го промовираа министерот за економија Ваљон Сараќини заедно со академиците Абдулменаф Беџети и Глигор Каневче.
„Со програмата се утврдуваат мерките, условите, начинот и динамиката на реализација на Стратегијата за развој на енергетиката на Република Македонија до 2030 година, потребните финансиски средства за реализација на активностите предвидени во Програмата во наредните пет години, изворите и начинот на обезбедување на средствата, како и носителите на предвидените активности”, информираше министерот Сараќини, додавајќи дека меѓу мерките во програмата се вбројуваат изградба на инфраструктурни објекти, изготвување на идејни проекти, студии, градење на институционални капацитети, изготвување и донесување на законска и подзаконска регулатива, ценовна политика во енергетиката, истражување и развој, јавно приватно партнерство и други.
Во Програмта за реализација на Стратегијата, за утврдување на потребите од енергија разгледувани се две сценарија и тоа, според основното сценарио потребите од финална енергија во 2017 година се планира да изнесуваат 2354 ktoe (килотони еквивалентни), додека финалната енергија во сценариото со енергетска ефикасност во 2017 година се планира да изнесува 2224 ktoe .
„Во 2017 година потребите од електрична енергија се планира да изнесуваат 10010 GWh за сценариото со мерки за енергетска ефикасност и 10620 GWh за основното сценарио”, истакна министерот.
Како позначајни проекти во овој период министерот Сараќини посочи дека во 2014 година се планира да заврши ревитализацијата на големите хидроелектрани, со што ќе се зголеми инсталираната моќност на постојните, ќе се инсталира нова модерна опрема, ќе се превземат активности за заштита и подобрување на состојбата на браните, во 2017 година се планира да се пушти во употреба ХЕЦ Бошков мост, во 2014 година се планира да се изгради Ветерната електрана во Богданци, а се планира да отпочнат со изградба ХЕЦ Чебрен, Луково поле, како и уште две термоелектрани топлани на природен гас .
За реализација на мерките предвидени се околу 1.260 милијарди евра од кои 467 милиони евра за проекти на АД ЕЛЕМ, за јавно приватни партнерства 400 милиони евра, од приватни инвеститори 160 милиони евра, за проекти на АД МЕПСО 110 милиони евра, од државни средства, пред се’ за развој на гасификациониот систем, околу 60 милиони евра, за проекти на АД ГА-МА 4 милиони евра и од локална самоуправа 15 милиони евра.
Академикот Абдулменаф Беџети го поздрави донесувањето на Програмата, не само поради значењето на енергетиката која претставува база на индустријата и економијата, воопшто, туку и поради тоа што енергетски сме се’ уште зависни од увозот, а самите инвестиции во енергетиката се најисплатливи за државата.
Академик Глигор Каневче додаде дека, иако програмата се оценува како многу амбициозна, сепак е реално остварлива и дека во последниве неколку години навистина се посветува оправдано огромно внимание на енергетскиот сектор, што не било случај во претходниот период. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

