Економија
Сараќини: Придобивките од евроатланската интеграција на Македонија се двонасочни
Интенција на македонската економска и трговска политика е создавање хоризонтална рамка, која треба да ги поврзе постојаното подобрување на деловната клима, привлекувањето на инвестиции и зголемувањето иновации, преку програми и мерки насочени кон развој на мали и средни претпријатија; имплементација на индустриска политика; развој на кластери, зголемување на извозот, рече во средата министерот за економија Ваљон Сараќини на конференцијата на евроинтеграциите
„За Владата на Република Македонија, еден од клучните стратешки приоритети за 2013 година, покрај интеграцијата во ЕУ и НАТО, останува зголемување на економскиот раст и конкурентноста на трајна основа, повисока стапка на вработеност, пораст на животниот стандард и квалитетот на живеење”, рече министерот за економија Ваљон Сараќини.
Интегрирањето на Република Македонија во светската економија е неопходно за економскиот просперитет на земјата, каде влијанието на евроатланските интеграции врз економијата на Република Македонија е повеќеслојно , нагласи министерот .
Силната регионална насоченост и зависност на економијата на Македонија од земјите-членки на ЕУ и НАТО, рече Сараќини, упатува на висока условеност на трансакциските трошоци на македонските претпријатија од тие што важат во ЕУ, а тоа значи дека евроатлантската интеграција на Република Македонија ќе води кон отстранување на најголемиот дел од постојните пречки и кон приспособување на уште поголем број домашни административни и деловни процедури кон тие што важат во ЕУ.
„Интензивирањето на трговските односи на Република Македонија со земјите-членки на ЕУ и НАТО ќе придонесе за зголемување на таканаречената ‘економија на обем’, со директно влијание врз зголемувањето на обемот на домашното производство, извозот и вработеноста во земјата”, рече Сараќини.
Притоа македонскиот министер за економија потенцираше дека во ток правец ќе дејствуваат субвенциите кои редовно се составен дел на Буџетот на Европската унија, а кои се наменети за поттикнување на економијата на новопримените членки и за постепено израмнување на нивниот степен на економски развој со просечниот во земјите – членки на евро-атланската алијанса.
Министерот за економија, меѓу другото, заклучи дека зачленувањето на Република Македонија во ЕУ и НАТО ќе го поткрене меѓународниот рејтинг на земјата, ќе ги поттикне и инвеститорите да ги реализираат планираните и најавените инвестиции, со што ќе се зголеми економскиот раст на земјата што ќе резултира со подигање на животниот стандард на среден и на долг рок на населението во РМ и негово доближување до просечниот животен стандард во ЕУ и НАТО.
„Конечно, да не заборавиме дека и Република Македонија им е потребна на ЕУ и на НАТО, како потврда за реализацијата на нивните политики и принципите врз кои се формирани. Тоа се демократија и владеење на правото, почитување на фундаменталните права, економска интеграција на земјите во функција на развој на единствениот пазар, а со цел зачувување и промовирање на стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион кој е во непосредното соседство на ЕУ”, рече министерот Ваљон Сараќини.
Вицепремиерот за европски интеграции, Фатмир Бесими претходно истакна дека регионот е типичен пример за крајности, од конфликти и војни до стабилизација. Тој посочи дека не е важно да се воспостави мирот, туки и тој да стане одржлив.
„За тоа да се оствари потребни се четири работи – мир и стабилност во регионот, либерализација на пазарите за слободно движење на стоки услуги и човечки капитал, функционирање на правната држава и предвидливоста на системот”, рече Бесими во своето воведно обраќање.
Конференцијата под мотото „Влијанието на евро-атланските интеграции врз економијата во Република Македонија”, организирана од Евро-атланскиот совет на Македонија, Стопанската комора на Македонија и Факултетот за безбедност Скопје, на која беше продискутирано влијанието на евроатланските интеграции врз националната економија од граѓански, истражувачки, деловен, академски и политички аспект. На конференцијата свои обраќања имаа вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими, државниот секретар во Министерство за одбрана Сашо Стефановски, потпретседателот на Стопанската комора на Македонија Горан Рафајловски, деканот на Факултетот за безбедност Скопје, Борис Мургоски и потпретседателот на Евро-атланскиот совет на Македонија, Исмeт Рамадани./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

