Економија
Се′ поголема заинтересираност за сончеви колектори
Се′ повеќе граѓаните се заинтересирани за вградување сончеви колектори во нивните домови. Годинава за оваа намена во Министерството за економија се одвоени шест милиони денари за субвенционирање.
„Радува фактот што секоја година се повеќе граѓани аплицираат во Министерството за економија за добивање субвенции. Тоа е добро и се надевам дека во иднина интересот ќе расне и Министерството ќе може да ја прошири програмата, изјави министерот за економија Ваљон Сараќини.
Огласот за добивање субвенција е веќе објавен и трае до 31 мај, додека пак анализите направени во Министерството за економија покажуваат дека инвестицијата се враќа за три до четири години.
„Со инсталирање на сончев колектор којшто чини 36 илјади денари, месечната заштеда е 1.000 денари. Тоа значи дека годишно се заштедува околу 12 илјади денари што значи дека инвестицијата се враќа за околу три години. Во Република Македонија постојат од 500 до 600 илјади домаќинства и доколку сите инсталираат сончеви колектори тогаш како држава би заштедиле до една милијарда евра долгорочно“, посочи Сарачини.
Според професорот Константин Димитров од Машинскиот факултет, во Македонија има квалитетни сончеви колектори кои ги исполнуваат и најстрогите европски критериуми.
При купувањето препорачува секогаш да се побара сертификат за испробаноста и да се праша дали има сервис за одржување. Сето ова, вели Димитров, нуди производ којшто треба во континуитет да се користи 15 години.
Министерството за економија во соработка со Центарот за енергетска ефикасност на Македонија – МАЦЕФ денеска на Плоштадот „Скеднербег“ во Старата чаршија во Скопје, организираше Отворен ден под мотото „Купи сончев колектор- аплицирај за субвенција“.
Целта на овој промотивен настан е промоција на употребата на сончеви колектори во домаќинствата и искористување на сончевиот потенцијал на нашата земја, како обновлив извор на енергија, како и информирање и промовирање на поволностите од употребата на термалните сончеви колектори.
На настанот, неколку македонски производители на сончеви колектори ги претставија своите производи, со што на граѓаните им се овозможи да добијат бесплатни совети за тоа како работат сончевите колектори, за заштедата на енергија што се постигнува со нив и како максимално да се искористи македонското сонце./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

