Економија
Ќе се вработуваат млади од социјално загрозени семејства
Владата осмисли програма за поддршка на вработувањето со која ќе се субвенционира вработувањето на млади лица на возраст помеѓу 19 и 29 години кои потекнуваат од социјално ранливи семејства, односно од семејства кои се корисници на социјална парична помош.
„Приоритет за поддршка при субвенционирањето на вработувањето ќе имаат лицата кои во текот на оформувањето на своето средно образование го користеле Условниот паричен трансфер кој им го овозможувала Владата во висина од 12.000 денари на годишно ниво, но Програмата ќе важи и за оние кои не го користеле трансферот, а имаат помеѓу 19 и 29 години и потекнуваат од семејства кои се корисници на социјална парична помош”, појасни владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Предвидениот износ на субвенција кој ќе го обезбеди државата изнесува 14.000 денари бруто плата по вработен месечно, која ќе се исплаќа на нововработеното лице во период од шест месеци, како и 3.000 денари месечно кои ќе се исплаќаат на фирмата која ќе го ангажира лицето, за истиот период од шест месеци, како надомест за трошокот за обука за ново вработеното лице.
По завршувањето на шесте месеци за кои трошоците на новото вработување паѓаат на товар на државата, фирмата има обврска работникот да го задржи на работа уште најмалку шест месеци, за што претходно ќе потпише договор со Агенцијата за вработување.
За имплементација на оваа програма Владата има наменето околу 3.000.000 евра, во тек на првите три години на нејзината предвидена имплементација, што значи обезбедување на можности за работа за околу 1.500 до 1.800 лица, или на годишно ниво помеѓу 500 и 600 лица, се разбира во зависност од интересот на лицата кои бараат работа и работодавците.
Мерката ќе се имплементира на ниво на целата држава, а за нејзина имплементација ќе бидат задолжени подрачните канцеларии на Агенцијата за вработување и Центрите за социјална работа.
Во првата половина на мај Агенцијата за вработување ќе објави јавен оглас на кој што сите заинтересирани работодавачи ќе може да истакнат барање и да ги пријават своите потреби за кадар кој им е потребен, квалификации на кадар, негови знаења и вештини.
На тој јавен оглас ќе може да аплицираат и лицата кои бараат работа, а се од претходно наведената целна група на граѓани.
Во понатамошниот тек на секои два месеца, Агенцијата за вработување ќе распишува вакви јавни огласи со што ќе даде континуитет на процесот и на можностите. /крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

