Економија
Целите на монетарната политика во 2012 г. успешно остварени
Водењето на монетарната политика во текот на 2012 година беше соодветно, а поставените цели беа успешно остварени. Вкупната просечна годишна инфлација во 2012 година од 3,3% претставува инфлациска динамика којашто е прифатлива и е во контролирани рамки.
Ова во четвртокот го констатираше Советот на Народната банка на Република Македонија кој го усвои Годишниот извештај за 2012 година и Извештајот за банкарскиот систем на Република Македонија во 2012.Амбиентот за спроведување на домашната монетарна политика беше релативно поволен од монетарен аспект, но со изразени ризици, коишто беа поврзани со можното влошување на надворешното окружување, се вели во заклучокот. Сепак, во текот на 2012 година, движењата во домашната економија и проекциите за наредниот период укажаа на простор за олабавување на монетарните услови.Олабавувањето на монетарната политика беше направено во првата половина од годината, што меѓу другото придонесе и за ослободување дополнителна ликвидност во системот. Мерките имаа за цел да обезбедат стимул за поголемо раздвижување на кредитниот пазар и поддршка на слабата економска активност, во услови на одржување на девизните резерви на адекватно ниво, постојано висока склоност на субјектите за располагање со домашна валута и стабилна инфлација. Слабото темпо на закрепнување на домашната економија се одрази и во надворешната позиција на економијата, предизвикувајќи умерено влошување на дефицитот во тековната сметка којшто изнесуваше 3,9% од БДП, при мало влошување на трговскиот дефицит и натамошен раст на приватните трансфери, во услови на висока доверба во домашната валута. И покрај скромните нето-приливи преку странските директни инвестиции, во услови на одливи на капитал кон матичните компании, надворешното задолжување, девизните приливи на пензиските фондови, како и намалувањето на нето девизната позиција на домашните банки обезбедија финансирање на тековната сметка, но и дополнителен раст на девизните резерви. На крајот на годината, девизните резерви изнесуваат 2.193 милиони евра и се уште се околу адекватното ниво. Во вакви услови, а при постојан нето-откуп на девизи и раст на девизните резерви над очекувањата, на почетокот на 2013 година, Народната банка донесе одлука за дополнително намалување на основната каматна стапка. Истовремено, на почетокот на годината стапија на сила и измените кај задолжителната резерва, коишто се однесуваат на дополнително монетарно олабавување, но пред се целно и насочено кон сектори што ја намалуваат надворешната ранливост на економијата.Во Извештајот за банкарскиот систем на Република Македонија во 2012 е укажано на истите предизвици содржани во Годишниот извештај. Утврдено е дека економските услови во земјата и надвор од неа не беа поволно опкружување за вршење на банкарските активности. Економските услови во земјата главно беа под влијание на растечките ризици со кои се соочуваше реалниот сектор. Слабата побарувачка за стоките и услугите на корпорациите во традиционалните сектори, заедно со капиталните одливи што ги извршија дел од домашните компании со странски капитал, придонесоа за големата претпазливост на деловните банки при кредитирањето. Најзначаен позитивен развој во 2012 година беше зголемената склоност на клиентите на банките за чување на своите средства во домашна валута, што овозможи подобрување на валутната структура на депозитите. Како резултат на промените, почнувајќи од јуни 2012 година денарските депозити ја презедоа главната позиција во валутната структура на депозитите на нефинансиските субјекти. Најзначаен предизвик во 2012 година беше растот на нефункционалните кредити како последица на неповолното опкружување, како и на ослабнатата кредитоспособност на корпоративниот сектор. Сепак, целосната покриеност на нефункционалните кредити со вкупната издвоена исправка на вредноста го покрива ризикот за намалување на сопствените средства на банките, при хипотетичка целосна ненаплатливост на овие кредити. Останатите ризици, пред се валутниот ризик и ризикот од промена на каматните стапки во портфолиото на банкарските активности, се се уште на ниско ниво. Банкарскиот систем во 2012 година и натаму е солвентен, мерено преку основната мерка за солвентноста, стапката на адекватност на капиталот, којашто изнесува 17,1% и е повисока за повеќе од двојно од законскиот минимум од 8%. Проекциите на Народната банка упатуваат на умерено забрзување на растот на кредитите во 2013 и 2014 година, поттикнати од очекувањата за зајакнување на глобалната економија, како и на промените на монетарната политика на Народната банка. Воедно, во текот на 2013 и 2014 година, се очекува и натамошно зајакнување на капиталната база на деловните банки, а со тоа и на солвентноста, главно заради макропрудентните регулаторни мерки преземени од Народната банка./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонски производи во износ од 15,5 милиони евра извезени преку мрежата на Лидл во 2025 година
Извозот на македонски производи во 2025 година преку продажната мрежа на Лидл достигна 15,5 милиони евра, што е јасен показател за извозниот потенцијал на домашните производи и можноста за пласман на европските пазари што ја нуди Лидл. Ова претставува огромен раст, во споредба со 5 милиони евра извоз во 2024 година и 570 илјади евра во 2023 година.
Странските пазари најголем интерес покажаа за трпезното грозје, од кое беа реализирани приходи од 3,3 милиони евра, а имаше најголем пласман во Полска. Одлични резултати имаше и од извозот на јагнешко месо во Бугарија, чија продажба донесе прилив од 2,2 милиони евра.
Дека свежото овошје и зеленчук се еден од домашните извозни адути покажа податокот според кој од вкупниот износ од 15,5 милиони евра, во минатата година беше реализиран извоз од 5 милиони евра. Преку мрежата на Лидл се извезени 15 вида од овие земјоделски култури, од преку десет добавувачи. Петте најизвезувани производи беа грозје, зелка, пиперка, моркови и домати, кои одлично поминаа во Бугарија, Германија, Романија, Полска, Словачка, Србија, Чешка и други земји. Во рамки на редовниот извоз од 7 милиони евра доминираа конзервираните производи, со остварени продажби во странство од 5,8 милиони евра, по што следуваат кондиторските, млечните производи, како и виното и пијалаците.
„Постои голем потенцијал за извоз на македонските производи. За нас во Лидл е успех што можеме да ги поддржиме и да бидеме мост за македонските производи кон европските пазари. Постојано соработуваме со производители од земјава и сме особено горди што на десетици компании можеме да им помогнеме во процесите на сертификација, зголемување и унапредување на капацитетите за производство и да овозможиме извоз на европските пазари“ изјави Стефан Георгиев, комерцијален директор на Лидл Северна Македонија.
Преку иницијативата „Македонска недела“, Лидл во претходните две години организираше 22 промоции во маркетите во Бугарија, Словенија, Србија и Хрватска, со понуда на над 70 македонски производи од 17 добавувачи и над 2.200 палети производи, правејќи ги многу повидливи и препознатливи за странските потрошувачи.
Лидл се позиционира како сериозен и значаен партнер на македонската економија, со мерливи резултати во извозот на домашни производи и конкретна поддршка на домашните компании. Со отворањето на маркети низ целата земја компанијата очекува зајакната соработка со домашните производители, со цел на потрошувачите да им понуди широк спектар на квалитетни производи по пристапни цени.
(ПР)
Економија
Забрзување на енергетската транзиција: Јасен план и координиран пристап – одржан состанок на JETIP Инвестициската платформа
Денеска се одржа четвртиот координациски состанок на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (JETIP – Just Energy Transition Investment Platform), на кој клучните актери разговараа за напредокот во политиките, планирањето и регулаторните реформи што ја поддржуваат праведната енергетска транзиција на Северна Македонија.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, истакна дека во изминатиот период Министерството е фокусирано на зајакнување на политичките и планските основи неопходни за ефективна имплементација на Инвестициската платформа.
Во таа насока, подготвени се два Годишни планови за развој на енергетскиот сектор за 2025 и 2026 година, усогласени со приоритетите на праведната транзиција, кои обезбедуваат јасна краткорочна рамка за реализација на проектите и подготвеност за инвестиции.
Паралелно, Националниот план за енергија и клима ја заврши фазата на јавни консултации и влезе во завршна фаза на финализација. НЕПК ги обединува целите за декарбонизација, развојот на обновливите извори на енергија и потребите за флексибилност на енергетскиот систем, со посебен фокус на регионите погодени од транзицијата од јаглен. По неговото усвојување, Планот ќе претставува стабилна основа за јавните и приватните инвестициски одлуки.
На регулаторен план, во завршна фаза е и подготовката на Законот за обновливи извори на енергија, со чијштоo усвојување ќе се создадат услови за значително забрзување на инвестициите и исполнување на целите за декарбонизација.
Овие активности не претставуваат изолирани реформи, туку овозможувачки чекори за реализација на проектната рамка на Инвестициската платформа.
Владата уште еднаш ја потврди својата силна посветеност на праведната енергетска транзиција, поддржувајќи ја Инвестициската платформа како клучен механизам за координација, инвестиции и забрзана имплементација на реформите.
Економија
НБРМ: Усвоен Кварталниот извештај, макроекономските движења во согласност со очекувањата на Народната банка
Советот на Народната банка, на седницата одржана на 3 февруари 2026 година, го усвои Кварталниот извештај, во кој се наведува дека макроекономските показатели упатуваат на стабилни остварувања во најважните сегменти на економијата и во најголем дел се во согласност со октомвриските проекции на Народната банка. Домашната инфлација очекувано забави под влијание на забавувањето на базичната инфлација, а домашната економската активност умерено забрза. Банкарскиот сектор и натаму остварува солиден раст на депозитната база и кредитната активност, а девизните резерви се задржуваат на соодветно и сигурно ниво.
Народната банка продолжи со унапредувањето на својот оперативен инструментариум заради поддршка на ефикасното спроведување на монетарната политика. Во последниот квартал од 2025 година, таа изврши приспособување на оперативната монетарна рамка заради подобрување на управувањето со ликвидноста и зајакнување на монетарната трансмисија. Со измените се става посилен акцент на инструментите со пократок рок на достасување и на почестите операции, што овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, без да се менува поставеноста на монетарната политика.
Во Кварталниот извештај се наведува дека во четвртото тримесечје од 2025 година годишната стапка на инфлација изнесуваше 4,2%, што претставува очекувано забавување. Инфлацијата за целата 2025 година, во просек, изнесува 4,1%, што е близу до октомвриските согледувања. Според октомвриските оцени, за 2026 година и на среден рок се очекува забавување на инфлацијата и постепено враќање кон историскиот просек. Сепак, и понатаму постојат одредени ризици, при што главните извори на неизвесност се поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, геополитичките тензии и процесите на трговска фрагментација, како и со одредени домашни фактори што влијаат врз побарувачката.
Во третиот квартал од 2025 година, реалниот годишен раст на бруто домашниот производ забрза и од 3,5% во претходното тримесечје се искачи на 3,8%, што е малку повеќе од оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции. Според основното сценарио од октомври, за целата 2025 година се очекува забрзување на економскиот раст којшто би изнесувал 3,5% (3,0% во 2024 година), а во 2026 година, како и на среден рок дополнително би се засилил и би достигнал 4,0%.
На крајот на 2025 година, нивото на девизните резерви достигна 4.920,5 милиони евра и според сите релевантни показатели, обезбедува соодветна поддршка за одржување на стабилноста на домашната валута.
Податоците од монетарниот сектор укажуваат на натамошна солидна кредитна поддршка за економијата и зајакнување на депозитната база на банките. Во четвртиот квартал од 2025 година, годишниот раст на вкупните кредити изнесуваше 13%, при годишен раст и на депозитите од 10%, што е малку над нивото проектирано за крајот на годината.
На седницата, Советот на Народната банка разгледа и други точки поврзани со тековното работење на Банката.

