Економија
Moody's го намали кредитниот рејтинг на Словенија во ѓубре
Меѓународната агенција за одредување суверени кредитни рејтинзи Moody’s го намали во вторникот кредитниот рејтинг на Словенија за две нивоа, од Баа1 на Баа2, вбројувајќи на меѓу ризичните должници, односно рејтингот „ѓубре”, поради ситуацијата во нејзините банки и влошувањето на јавните финансии, со изгледи „негативни”, што значи дека не се исклучува можноста на среден рок рејтингот да биде намален.
Агенцијата оценува дека неизвесноста во поглед на финансирањето во Словенија „ги зајакнува изгледите дека на Словенија ќе и` биде потребна надворешна помош”.
Агенцијата Moody’s така даде построги оцени од другите бонитетни агенции, како Fitch Ratings и Standard & Poor’s кои суверениот кредитен рејтинг на Словенија го оценија со нивото А-, што се смета уште за ткн „инвестициска категорија” резервирана за сигурните должници.
Одлуката Moody’s ги принуди словенечките власти брзо да се откажат од емисијата на државните обврзници со коишто имаа намера да соберат 2,2 милијарди евра со рок на достигнување од пет и десет години. Така што словенечкото министерство за финансии ја блокираше таа операција и пред официјалното објавување на оцената од Moody’s, со објаснување дека се очекува „можна одлука во поглед на рејтингот” на земјата.
Според словенечкиот деловен дневен весник Finance, емисијата сепак наишла на добар прием кај инвеститорите, кои наводно изразиле двојно поголем интерес од понудата.
Од Moody’s објаснуваат, пак, дека главната причина за намалување на словенечкиот кредитен рејтинг е ситуацијата во банкарскиот сектор. Сметаат дека постои „многу голема веројатност” дека на банките ќе им биде неопходна државна инјекција од капитал бидејќи квалитетот на кредитите кои ги одобриле континуирано се влошува од 2012 година,
Moody’s и проценува проблематичните долгови на словенечките банки на околу 20 отсто од вкупните неисплатени кредити на крајот од минатата година. Смета дек ана словенечкиот банкарски систем му е потребна инјекција од капитал од 8 до 11 отсто од словенечкиот бруто домашен производ (БДП).
Агенцијата е загрижена и поради лошата состојба на словенечките јавни финансии, истакнувајќи дека словенечкиот долг пораснал од 22 отсто од БДП-то во 2008 година на 54,1 отсто во 2012 година, како и дека во 2013 година би требало да го мине прагот од 60 отсто, По спасувањето на банките, долгот би можел да порасне на 70 до 75 отсто, од БДП-то.
Освен докапитализацијата на банките, Словенија е доволно ликвидна да издржи до крајот на годинава, сметаат аналитичарите на Moody’s./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

