Економија
ЕК: Продолжување на рецесијата во ЕУ, постапно заздравување идната година
Европската комисија за оваа 2013 година предвидува продолжување на рецесијата во еврозоната со пад на бруто домашниот производ (БДП) од 0,4 отсто, невработеноста би требало да надмине 12 отсто, додека за целата Европска унија се предвидува пад на БДП-то од 0,1 отсто, а раст на невработеноста од 11 отсто.
Европската комисија во петокот ги објави пролетните економски прогнози за периодот 2013 – 2014 година со процени на растот, вработеноста, инфлацијата, буџетскиот дефицит во земјите членки, во земјите кандидати вклучително и Македонија и во големите светски економии, како САД, Јапонија, Кина и Русија.
Што се однесува до состојбата во зоната на единствената европска валута, Европската комисија предвидува заздравување во 2014 година со пораст од 1,2 отсто, а во целата Европската унија растот ќе биде малку поголем, односно 1,4 отсто. Минатата 2012 година падот на БДП-то во еврозоната изнесуваше 0,6 отсто, а во Европската унија – 0.3 проценти.
Германија, најголемата економија во Европа воопшто, во 2013 година ќе стагнира, а следната 2014 година би требало да забележи раст од 1,2 отсто Најголем раст годинава се предвидува во Латвија од 3,8 отсто, во Литванија од 3,1 проценти и во Ирска од 3 отсто.
„Имајќи ја предвид продолжената рецесија, мораме да сториме се` што можеме за да ја надвладееме кризата со невработеноста во Европа. Политиката на Европската унија е насочена на одржлив раст и создавање работни места. Финансиската консолидација продолжува, но со побавен ритам. Истовремено, мора да се интензивираат структурните реформи за да се придвижи растот во Европа”, изјави еврокомесарот за економска и монетарна политика, Оли Рен претставувајќи ги во петокот во Брисел на прес-конференција пролетните прогнози на Европската комисија.
Еврозоната се соочува со послаба внатрешна побарувачка и висока стапка на невработеност, којашто во 2013 година ќе достигне 12,2 проценти, а следната 2014 година незначително ќе се намали на 12,1 отсто. Меѓутоа, според она што го претстави Оли Рен, дел од земјите имаат многу ниска стапка на невработеност, ако што е Австрија од само 4,7 отсто, Германија, со 5,4 проценти, и Луксембург со 5,5 отсто, додека најлоша е ситуацијата во Грција и Шпанија со стапка на невработеноста од по 27 отсто и во Португалија со 18,2 проценти.
Осум земји во еврозоната ќе бидат во рецесија: Кипар со минус 8,7 отсто, Грција со – 4,2, Португалија со – 2,3, Словенија со – 2,0, Шпанија со – 1,5 отсто, Италија со – 1,3, Холандија со – 0,8 и Франција со – 0,1 отсто.
Еврокомесарот Рен изрази очекувања дека економските активности во првиот квартал од 2013 година ќе се стабилизираат, а кон средината на година ќе се направи свртување кон растот, кој следната година би требало да се забрза.
Фискалната консолидација и стабилизацијата на финансиските пазари уште не почнале поситивно да влијаат врз реалната економија. Малите и средните претпријатија во Европа имаат многу различни услови за финансирање, а особено со скапите кредити во послабите економии, што оневозможува подобрување на ситуацијата на пазарот на трудот.
Просечниот јавен долг во еврозоната годинава ќе изнесува 95, отсто, а следната 2014 година 96 проценти. Во Европската унија во целина јавниот долг годинава ќе биде 98,8 отсто, а следната 90,6 отсто, проценува Европската комисија,
Од 27-те земји членки на Европската унија, против 20 од нив во тек е постапка поради претераниот дефицит, бидејќи имаат буџетски дефицит поголем од три процента од БДП, колку што е договореното ограничување во Унијата. Еврокомесарот Оли Рен изјави и дека трите кандидати кои имаат најголеми шанси да биде кон нив прекината постапката се Латвија, Романија и Литванија, коишто би можел да имаат дефицит под три отсто оваа и следната година./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.