Економија
Вработување преку повеќе огласи

Јавен оглас до невработени лица за вработување со субвенционирање, субвенционирање на вработување на деца без родители и родителска грижа, како и јавни огласи за кредитирање на невработени лица и кредитирање на правни субјекти – микро и мали претпријатија, се новите мерки за зголемување на невработеноста од Агенцијата за вработвање.
Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, ги повика сите заинтересирани невработени лица, но и заинтересирани работодавачи внимателно да ги погледнат огласите и доколку се пронајдат во некоја од мерките да аплицираат.
Рокот за пријавување е до 20-ти мај 2013 година.
Јавниот оглас за невработени лица за вработување со субвенционирање се однесува на две категории евидентирани невработени лица, и тоа: првата категорија се лица коишто потешко се вклучуваат на пазарот на трудот, како што се корисниците на социјална парична помош, родители со четири и повеќе малолетни деца, лица на возраст од 30 до 49 години, лица под суспендијарна заштита, млади брачни двојки со или без деца до 45 годишна возраст, возрасни лица од 50 до 59 години, корисници на паричен надоместок по основа на невработеност, долгорочно невработени (над една година евидентирани во Агенцијата за вработување) млади лица до 29 годишна возраст.
Финансиската поддршка за работодавачите за вработување на невработени лица од наведените целни групи опфаќа исплата на бруто плата во износ од 13 илјади денари месечно за едно невработено лице за период од шест месеци, со обврска работодавачот да го задржи на работа најмалку уште 12 месеци, односно вкупно 18 месеци.
Втората категорија се евидентирани невработени лица од неколку други ранливи групи, како што се жртви на семејно насилство, бездомни лица, поранешни корисници на дрога, родители на деца на улица, самохрани родители, Роми, осудени лица по отпуштање од казнено поправна установа и други.
Финансиската поддршка за работодавачите за вработување на овие лица опфаќа исплата на бруто плата во износ од 14 илјади денари месечно за едно невработено лице и три илјади денари месечно по лице како партиципација на трошоците за прилагодување на лицето во работниот процес за период од шест месеци, со обврска работодавачот да го задржи лицето на работа најмалку уште 12 месеци, односно вкупно 18 месеци.
Во вториот оглас кој е наменет за ангажирање на лицата коишто имаат статус на деца без родители и родителска грижа, финансиската поддршка за работодавачите за вработување на лицата со ваков статус, предвидува нивно стимулирање преку обезбедување на плата во висина на минимална плата, и тоа: 100 отсто во првите 12 месеци, а во следните 12 месеци 100 отсто од износот на минималната плата во нето износ и 50 отсто од придонесите за задолжително социјално осигурување пресметани во минимална плата.
Младите лица до 27 години кои биле корисници на паричен надоместок по основ на невработеност и во моментот на поднесување на барањето за кредит имаат користено паричен надоместок најмалку 6 месеци, како и лицата на возраст над 55 години може да добијат кредитни средства под следните услови:
За дејности од помал обем за секое новоотворено работно место по 3.000 евра при што ќе се финансираат проекти со најмногу три работни места, односно до 9.000 евра;
За дејности од поголем обем за кредитобарателот 5. 000 евра, а за секое новоотворено работно место по 3000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу пет работни места, односно до 17.000 евра.
Рок на враќање на средствата е три години со вклучен грејс период од една година за кредит до 9.000 евра, односно пет години со вклучен грејс период од една година за кредит над 9.000 евра.
Четвртиот оглас се однесува на Проектот за кредитирање на правни субјекти – микро и мали претпријатија за отворање на нови работни места. Кредитот изнесува 3.000 евра во денарска противвредност по едно новоотворено работно место со максимален износ до 9.000 евра за три новоотворени работни места. Правниот субјект којшто ќе го вработи невработеното лице има обврска да го задржи на работа најмалку 36 месеци од денот на засновање на работниот однос или на негово место да вработи друго невработено лице од евиденцијата на Агенцијата за вработување во спротивно треба предвреме да го врати кредитот во целост.
Ристовски апелираше до сите евидентирани невработени лица, како и до компаниите што се заинтересирани да ги користат овие субвенции да ги поднесат своите апликации во 30 те Центри за вработување во Република Македонија./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство

Денеска е објавен Јавниот повик 08/2025 за доставување на барање за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка на рурален развој за 2025 година.
Поддршката е наменета за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство, со цел зачувување на руралните подрачја и промовирање на одржливо земјоделство.
Право на поддршка имаат земјоделски стопанства регистрирани согласно Законот за земјоделство и рурален развој во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Висина на поддршката:
• 100% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина еднаква или повисока од 700 метри;
• 60% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина пониска од 700 метри.
Услови за доделување:
• 1 вработено лице на 150 овци;
• 1 вработено лице на 100 кози;
• 1 вработено лице на 50 говеда, но не повеќе од 620.000 денари по вработено лице.
Задржување на истиот број вработени најмалку една година по исплатата.
Барањата со потребната документација потребно е да се поднесат најдоцна до 30.07.2025 година.
Економија
Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот

Македонија влегува во клучна фаза на трансформација на енергетскиот систем, земјата не само што вложува во стабилноста и модернизацијата на сопствената мрежа, туку стана активен играч во регионалното поврзување и енергетската интеграција, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Според неа, со новите интерконектори, стратешките трансформаторски станици и инвестициите во паметна енергетска инфраструктура, државата го поставува курсот кон енергетска независност и улога на регионален енергетски коридор.
Божиновска најави дека во следните денови официјално започнува изградбата на гасниот интерконектор со Грција.
„Интерконекторот е долг 68 километри, ќе пренесува не само природен гас, туку и водород, остварена e заштеда од 12 милиони евра и ќе биде изграден од македонска компанија – директна корист за домашната економија“, рече таа.
Во меѓувреме, додаде Божиновска, Македонија и Србија направија значаен исчекор кон ново енергетско поврзување – минатата недела се потпиша Меморандум за соработка меѓу НОМАГАС и Србијагас за изградба на интерконектор меѓу Клечовце и Врање, со вкупна должина од 70 километри, од кои 23 километри ќе бидат на македонска територија. Во рамки на проектот ќе се изградат и мерни станици од двете страни на границата. Студиите за изводливост и за влијание врз животната средина се веќе во тек, со поддршка од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
„Преку овие две стратешки поврзувања, Македонија се позиционира како нова транзитна точка за природен гас на релација Југ – Север, односно од ТАП гасоводот и ЛНГ терминалот во Александруполис кон Србија и Средна Европа, со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно. Ова е директна поддршка на енергетската диверзификација на целиот регион, со зголемена употреба на гас од различни извори“, рече таа.
Изградбата на 400/110 kV врската Охрид – Елбасан, пак, ќе го заокружи електроенергетското поврзување на Македонија со сите соседни држави – стратегиски проект за цел регион.
„Ова е новата сила на македонската енергетика. Со регионалните интерконектори, Македонија веќе не е само краен потрошувач – станува активен учесник во преносот и стабилноста на енергетиката во Југоисточна Европа. Ова е патот кон сигурна енергија, економска отпорност и стратешка позиција на енергетската карта на Балканот. Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот.“, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севилја

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.