Економија
Државен делов простор ќе се издава по електронски пат
Аукциите за продажба и давање под закуп на деловен простор ќе се вршат преку електронски пат, на интернет за што е изготвено посебно софтверско решение, специјализирано за оваа намена, информираше во петокот министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски.
Тој појасни дека станува збор за деловен простор кој е во сопственост или даден на користење на фондови, агенции, дирекции, јавни претпријатија, јавни установи, независни регулаторни тела основани од државата и други институции основани од државата. Цел на системот е управување и следење на процесот на продажба и издавање на деловен простор во државна сопственост. Овој процес го опфаќа целиот циклус од аплицирање до продажба или издавање под закуп на деловен простор преку електронска аукција. „Основни функционалности на електронскиот систем e евиденција и преглед на пристигнати барања, креирање на аукција и внесување на објекти што треба да се продаваат или издаваат под закуп, како и валидација на аукцијата од страна на Министерството за транспорт и врски и спроведување на електронска аукција на квалификуваните учесници“, изјави Јанакиески.Тој наведе дека придобивките од воведувањето на овој начин се многубројни. Ќе се засили транспарентноста, се поедноставува добивањето информации и нотификации за целиот на продажба и издавање под закуп на деловен простор, а се обезбедува и анонимност на учесниците во електронската аукција за времетраењето на наддавањето.Освен за наддавачите, повеќекратни придобивки има и за институциите, односно субјектите кои ќе го користат системот, затоа што ќе се овозможи електронска архива на продадени деловни простории и Централизирана база на податоци во врска со продажбата и издавањето на деловен простор, со што ќе се зголеми ефикасноста во работењето и ќе се подобри контролата на целиот процес. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

