Економија
МФ: Извештајот на Standard & Poor's е нелогичен, неконзистентен и со многу погрешни факти
Извештајот што во петокот го објави кредитната агенција Standard & Poor’s, со кој за едно ниво беше намален кредитниот рејтинг на Македонија, министерството за финансии излезе со сериозни забелешки за квалитетот на анализата, точноста на податоците и наведените причини за намалување на кредитниот рејтинг .
Како што забележуваат од Министерството за финанси, прво, намалувањето на кредитниот рејтинг се поврзува со намалената проекција за економски раст и заостанати обврски на Буџетот и можност за нивно акумулирање до крајот на годината.
„Ова е многу чудно и неконзистентно објаснување, доколку се има предвид дека во 2012 година Standard & Poor’s го задржа рејтингот на Македонија на исто ниво во услови на негативна стапка на бруто домашниот производ (БДП) и нерешени обврски кон стопанството. А сега во 2013 година кога растот на економијата е позитивен и има први знаци на заздравување, а заостанатите обврски се целосно намирени и долгот е сведен на нула, агенцијата го намалува рејтингот на земјата. Очигледна е неконзистентноста на рејтинг агенцијата“, се вели во писмената реакција на македонското министерство за финансии.
Воедно, потсетуваа дека Македонија е единствена од земјите од југоисточна Европа која го реши проблемот со исплата на обврските кон стопанството, односно дека заклучно со февруари се исплатени сите заостанати обврски, а најавуваат дека ваквите обврски редовно се сервисираат и ќе се сервисираат во иднина.
Се истакнува, исто така, и дека со решавањето на долговите Македонија останува земја со четврто најниско ниво на задолженост во Европа. Што се аргументира со извештаите кои го истакнуваа овај податок од Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), чиишто претставници во април престојуваа во Македонија.
„Во однос на транспарентноста – премиерот, минатата година во септември јавно, пред бизнис заедницата ја презентираше состојбата со долговите како и планот за нејзино надминување. Во десетици јавни настапи после тоа од страна на Министерот за финансии и од Премиерот јавно беа соопштувани податоците колку точно обврски се исплатени и колкав е долгот, за на крајот од февруари тој да се сведе на нула. Тоа не го прави ниедна друга земја и Република Македонија е истакнувана од страна на Светска банка како пример како треба да се реши ова прашање“, се истакнува уште во .дописот на Министерството за финансии.
„Второ, чудно е, да не речеме индикативно, е намалувањето на рејтингот на Македонија годинава кога се случува економско заздравување, за разлика од минатата година кога се соочувавме со тешкотии, а агенцијата Standard & Poor’s го задржа на исто ниво рејтингот. Имено, првиот квартал од 2013 година Македонија имаше раст на индустриското производство од 2,7 отсто (последните два месеца по 4,5 и 4,2 проценти), извршените градежни работи првите два месеца годинава се удвоени на годишна основа, трговијата на големо забележува раст од 6,8 отсто во првиот квартал годинава, додека трговијата на мало раст од 4,4 отсто. Се очекува и натаму да се задржат овие позитивни економски тенденции, особено благодарение на влезот на странски директни инвестиции во земјава, како и најавата на голем број на нови странски компании кои ќе почнат да работат во Македонија“, се потсетува во соопштението.
„Агенцијата со својот извештај неоправдано ја става Македонија во ист кош со земји кои имаат повеќе од 60 отсто државен долг (потсетуваме државниот долг на Македонија е 33 отсто и е значително под пропишаната граница со Маастришкиот критериум)“, истакнуваат од Министерството за финансии.
Забележуваат и дека агенцијата со својот извештај си дозволила и да се меша во внатрешната политика на земјата, зборувајќи за случувањата во Собранието околу носењето на Буџетот за 2013 година и сосема несоодветно зазема страна споменувајќи дека „членови на опозицијата биле отстранети од Собранието за да се избегне дискусија за зголемените расходи на Владата“.
„На тој начин се прејудицираат случувањата од 24-ти декември кои се предмет на испитување на Анкетната комисија, а агенцијата грубо се меша во внатрешната политика на земјата“, реагираат од МФ до каде велат дека сите наброени факти потврдуваат дека станува збор за неконзистентност и нелогичност на извештајот на агенцијата на Standard & Poor’s, иако, како што се нагласува, сите податоци и факти им биле достапни и презентирани.
Претходно во петокот бонитетната агенција Standard & Poor’s објави дека го намалила кредитниот рејтинг на Македонија за долгорочно задолжување во домашна и странска валута од ниво ББ на ББ-, додека потврден е краткорочниот рејтинг со стабилна прогноза, при што се констатира дека транспарентноста на македонските јавни финансии се намалени од почетокот на глобалната финансиска криза а изгледите за економски раст ослабеле. /крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска – Коњановски: Eнергетскиот развој на Битола важен чекор за поефикасна и одржлива општина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на која беа разгледани можностите за продлабочување на институционалната соработка и реализација на заеднички развојни приоритети во наредниот период.
Во фокусот на разговорите беа проектите за енергетска ефикасност како клучен инструмент за намалување на трошоците на локално ниво, модернизација на јавната инфраструктура и создавање поодржлива урбана средина. Соговорниците се согласија дека општините имаат суштинска улога во енергетската транзиција, а државната поддршка мора да се претвори во конкретни и мерливи резултати за граѓаните.
Министерката Божиновска нагласи дека партнерството меѓу централната и локалната власт е предуслов за ефикасна реализација на реформите во енергетиката.
„Енергетската ефикасност е директна инвестиција во квалитетот на живот. Нашата цел е секоја општина да добие реална можност за модернизација, пониски трошоци и одржлив локален развој,“ истакна Божиновска.
На средбата беше договорено продолжување на координираните активности меѓу Министерството и Општина Битола, со имплементација на проекти што ќе донесат долгорочни придобивки за граѓаните и локалната економија.
Економија
(Видео) Тренчевска до власта: Намалете од луксузот и зголемете ја минималната плата на 600 евра
Минималната плата е еден од клучните механизми преку кои државата директно влијае врз животниот стандард на граѓаните, врз пазарот на труд и социјалната кохезија. Нејзината динамика на раст и начинот на усогласување се директно поврзани со борбата против сиромаштијата, намалувањето на нееднаквоста и обезбедувањето достоинствени услови за работа на работниците, рече потпреседателката на СДСМ, Јована Тречевска, на денешната собраниска седница на којашто на дневен ред е предлог-законот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра.
Таа посочи дека Владата во одредени услови мора да носи политички одлуки. Таков бил и случајот со зголемувањето на минималната плата во 2022 година, за време на владеењето на СДСМ, од 15.000 на 18.000 денари, направено во дијалог со работниците и работодавачите.
„Често слушаме дека сегашната Владата остава работодавачите и работниците сами да се договорат, но социјалниот дијалог во државата е трипартиски: во него се вклучени Владата, работниците и работодавачите. Владата не може да биде само модератор, туку е активен учесник и партнер во социјалното договарање, слушајќи ги барањата на работниците и поддржувајќи ги и работодавачите,“ посочи Тречевска.
Таа рече дека во времето кога СДСМ ја предводеле Владата платите тројно се покачиле.
„Минималната плата речиси тројно се покачи, од 8.000 на 22.500 денари, благодарение на добрите политики на СДСМ . Истовремено, како што растеше минималната плата, растеше и просечната плата, од 23.850 денари во 2024 година, скоро до 40.000 денари. Во однос на синдикалната кошничка, таа изнесува 67.382 денари во февруари 2026 година, споредено со февруари лани, што значи зголемување од скоро 1.000 денари. А во однос на 2022 година, таа е зголемена за повеќе од 30.000 денари. Овие аргументи јасно покажуваат зошто треба да се излезе во пресрет на барањата на работниците за минимална плата од 36.000 денари. Предлог-законот дава јасни насоки за финансирање на ова зголемување, преку намалување на луксузните расходи и пренасочување на средствата кон повисока минимална плата,“ рече Тречевска.
Економија
Зголемување на прагот за ДДВ-обврзници и зголемување на повратот преку „Мој ДДВ“, предлага Левица
Пратеничката група на Левица ќе поднесе измени на два закони, со заедничка цел – финансиско растеретување на физичките лица и малите економски субјекти, вклучително семејните бизниси, занаетчиите и регистрираните земјоделци, информираше на денешната прес конференција пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан.
Тој појасни дека предлогот предвидува двојно зголемување на максималниот износ за поврат на ДДВ по физичко лице на тромесечје – од 2.100 на 4.100 денари, како и зголемување на процентот на поврат преку апликацијата „Мој ДДВ“: од 20% на 40% за македонски производи и од 10% на 20% за останатите.
Дополнително, се предлага зголемување на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ-обврзник од 2 на 4 милиони денари годишен промет, со цел да се намали административниот и финансискиот товар врз малите фирми.
„Со оваа мерка сакаме да го растеретиме даночниот товар кој во моментов е непропорционално распределен – на штета на малите бизниси, додека големите компании користат бројни олеснувања и субвенции. Административните трошоци и за УЈП и за малите субјекти често се поголеми од самата даночна обврска. Со овој пакет отвораме суштинска дилема – кој навистина го носи товарот на даночниот систем во Македонија? Нашата цел е јасна: прогресивен и праведен даночен систем. Оттука, и во иднина ќе предложиме други мерки од овој тип за остварување на оваа цел”, рече Исмаил – Хактан.

