Економија
Груевски препорачува ширење на пазарот кон Азија, Африка и Америка
Бизнисмените да го прошират пазарот на Азија, Африка и Америка, препорачува премиерот Никола Груевски, затоа што европскиот сè уште е во криза, по денешниот традиционален годишен појадок со членовите на Сојузот на стопански комори.
„Освен што Владата прави максимални напори за привлекување инвеститори, освојување нови пазари, ценам дека постои уште простор, самите компании, бизнисмени да покажат уште поголема активност за изнаоѓање нови пазари и барање нови контакти за продажба на нивните производи, за комуницирање со други компании од различни држави. Мислам дека освен што треба да останат фокусирани на европските пазари, како што се и до сега, би било добро да се осврнат и на другите пазари, како што е азискиот кој и не е во криза, но и другите, американскиот пазар, пазарот во Африка, којшто е посебно интересен за западноевропските инвестициони фондови во последните месеци“, рече Груевски.
Им забележа на компаниите за малата заинтересираност за проширување на пласманот на нивните производи, затоа што како што рече, Владата понудила да носи претставници на повеќе компании во Хрватска, Унгарија и Албанија, но за сите земји се јавиле не повеќе од пет фирми.
Груевски заклучи дека ако за земјите од регионот со кои најмногу трговски соработуваме има толку мала заинтересираност, тогаш не очекува некој да се пријави за една посета на пример на Бразил или на Казахстан.
Од друга страна пак, претседателот на Сојузот на стопански комори, Златко Калеников, рече дека пред извесно време токму Сојузот однесе 30 компании во Катар и Бахреин, но признава дека постои летаргичност за проширување на бизнисите кон други пазари кај компаниите.
Сојузот на стопански комори во понеделник, на деловниот појадок испорача 77 барања за воведување нови мерки, кои ќе го стимулираат пазарот за кои Груевски рече дека внимателно ќе бидат разгледани и сè она што е остварливо ќе биде прифатено.
„Главното барање на Сојузот на стопански комори беше како до поголем стопански раст. Ние имаме проектиран раст на БДП од 2 отсто, имаме 3 отсто инфлација проектирани за 2013 година и имаме кредитен раст од 5 отсто. Без кредитен раст меѓу 8 и 10 отсто на номинален раст на БДП од 5 отсто, ние не можеме да постигнеме значителен раст во 2013“, рече Калеников.
Затоа побарале од владата да седнат и да го разгледаат ова прашање, бидејќи банките се приватни и не може да влијаат на нив, па дали тоа ќе биде конкурентен модел преку докапитализација со 20 и 30 милиони евра на Македонската банка за поддршка и развој кој ќе може широко да кредитира или нешто друго, останува да се разговара.
„Тука маневарскиот простор на Владата е ограничен, бидејќи тоа е пред сè во ингеренции на Централната банка и банките, но она што Владата го правеше и го прави е обезбедување на кредитни линии коишто се со екстра поволни услови и се со субвенционирана камата.Најавивме денеска дека од последната транша од 100 милиони евра, кредитна линија од ЕИБ, во значаен дел е веќе искористена“, рече Груевски, кој додаде дека по трошењето на последните 20 милиони евра кои останале, веднаш ќе поднесат барање за друга.
На деловниот појадок, исто така, било договорено, вакви средби да не се случуваат само еднаш годишно, туку на три месеци еднаш претставници на одредени стопански гранки, членки на ССК, да присуствуваат на Економскиот совет на владата, каде побрзо и навремено ќе може да се изнесуваат проблемите и да се бара решение за нив, што од Владата и било прифатено. Крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

