Економија
Цените на храната ќе пораснат до 40 отсто

Цените на храната ќе пораснат меѓу 10 и 40 отсто на глобално ниво во следната деценија заради зголемената побарувачка и владите мораат да работат на зголемување на земјоделското производство.Ова се наведува во заедничкиот Извештај на Организацијата за храна и земјоделство(ФАО) и Организацијата за економска соработка и развој(ОЕЦД).
Растот на земјоделското производство е забавен изминатите десетина години, иако потрошувачката е зголемена заради поголемата заработувачка во земјите во развој, изјавија експертите на двете организации на прес конференција на која беше претставен заедничкиот извештај, пренесува АП.
Во извештајот се предупредува дека владите мораат да изнајдат начин да им овозможат на земјоделците пристап до технологија која ги зголемува приносите и ја подобрува преработката за да може што повеќе храна да стига до пазарите.
Двете организации проценуваат дека цените на храната би можеле да пораснат и до 40 отсто во следните десет години, проценувајќи дека цените на месото растат побрзо од цените на зрнестата храна.
Зголемената цена најмногу ќе ги погоди земјите во развој во кои домаќинствата трошат и до 60 отсто од приходите на храна, предупредуваат стручњаците, додавајќи дека заради смалените инвестиции во земјоделството во изминатите неколку децении и растот на производството паднал за околу третина. /крај/он/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ОКТА: Стабилни резултати во првата половина од годината како резултат на стратешкиот и таргетиран одговор на трендовите на енергетскиот пазар

Во вториот квартал од 2025 година, светските нафтени пазари останаа нестабилни, погодени од геополитичките тензии, прилагодувањата на производството на ОПЕК+ и умерен раст на побарувачката. Цената на Брент суровата нафтата накратко надмина 73 долари за барел по израелските напади врз иранската инфраструктура, додека стравувањата од прекини во Ормутскиот теснец создадоа нови ризици околу снабдувањето. Истовремено, зголеменото производство на ОПЕК+ и американското производство на шкрилци сигнализираше презаситеност на пазарот, вршејќи долгорочен притисок врз цените. Инфлацијата и санкциите на ЕУ врз руските деривати ги зголемија трошоците, додека растот на глобалната побарувачка се намали на најниско ниво од 2009 година до денес, поттикнато од силната потрошувачка на земјите во развој, но и стагнацијата во развиените економии. На нашето работење во Република Северна Македонија, оваа динамика влијаеше на зголемување на увозните трошоци и поголема ценовна нестабилност, што наложи примена на агилни стратегии за набавка, со цел заштита на маржите.
Во вториот квартал од 2025 година, обемот на продажба достигна вкупно 294 илјади м³, што претставува пад од 3% на годишно ниво, пред сѐ поради зголемената конкуренција од Албанија на косовскиот пазар. ЕБИТДА во вториот квартал од 2025 година ги надмина резултатите од претходната година за 28%, во услови на повисока продажба на домашен пазар, намалено негативно влијание од вреднувањето на залихите во споредба со истиот период лани и повисоките маржи од тргувањето со енергија. Прилагодената ЕБИТДА изнесуваше 167 милиони денари, што е зголемување од 14% споредено со истиот период лани.
Во првата половина од 2025 година, приходите од продажба изнесуваа 17.779 милиони денари, што претставува намалување од 21% споредено со истиот период минатата година. ЕБИТДА забележа мал раст во споредба со истиот период лани, како резултат на зголемените продажби на домашниот пазар, подобрените извозни маржи, зголемена трговија со електрична енергија со повисоки маржи, како и намаленото негативно влијание од вреднувањето на залихите (56 милиони денари).
Прилагодената ЕБИТДА достигна 305 милиони денари, што претставува раст од 19% споредено со истиот период минатата година.
Добивката пред оданочување се зголеми за 107% на 236 милиони денари.
Во согласност со своите стратешки приоритети и посветеноста на одржливиот развој, компанијата инвестираше 12 милиони денари во проекти за обновливи извори на енергија во текот на првата половина од 2025 година. Ваквите инвестиции ги нагласуваат континуираните напори на компанијата за намалување на емисиите на јаглерод диоксид и забрзување на транзицијата кон почисти извори на енергија, а воедно и остварување на видливи економски придобивки.
ОКТА ја потврди својата посветеност на безбедноста на патиштата и општествената одговорност во вториот квартал од 2025 година, во согласност со нејзината Стратегија за општествена одговорност. Во соработка со Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, компанијата започна две кампањи за подигање на јавната свест, фокусирани на подобрувањето на безбедноста на патиштата. Понатаму, ОКТА донираше дрон опремен со напредна технологија за рано откривање пожари на Јавното претпријатие Национални шуми, зајакнувајќи ја неговата улога во спречувањето на пожари. Иницијативата беше надополнета со едукативна кампања насочена кон подигање на јавната свест за ризиците од невнимание.
Компанијата исто така продолжи да ја поддржува културата преку спонзорирање на повеќе еминентни културни настани. Во текот на вториот квартал од 2025 година, ОКТА остана силно посветена на развојот на младите преку иницијативи во кругот на компанијата, како што се програмата „Учење преку работа“, праксите и програмата за доделување на стипендии.
Обезбедувањето на сигурно и непрекинато снабдување останува врвен приоритет во денешната динамична средина. Преку континуирано следење и проактивен пристап кон управувањето, ОКТА брзо се справува со потенцијалните нарушувања. Во исто време, фокусот на автоматизација и иновации ја подобрува нејзината оперативната ефикасност и отпорност – овозможувајќи ѝ на компанијата да ја задоволи растечката побарувачка, а воедно да придонесе за поширок општествен напредок и долгорочна одржливост.
Преку воведувањето на иновации и адаптабилност, ОКТА не само што обезбедува континуитет, туку и придонесува за подобрување на општеството, поттикнувајќи одржлив напредок и стабилност за сите.
(ПР)
Економија
Славески со ИФЦ: соработка за унапредување на дигиталните финансии и финансиската вклученост

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ја оствари својата прва средба со претставникот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) во земјава, Висар Перани. На средбата се разговараше за можностите за соработка меѓу Народната банка и ИФЦ во повеќе области, вклучително и во рамките на проектот на ИФЦ насочен кон унапредување на дигиталните финансиски услуги и поттикнување на финансиската вклученост во регионот.
Проектот се спроведува во контекст на стратегиските определби на ИФЦ за создавање напреден и одржлив дигитален финансиски екосистем, заради поддршка на иновациите, градење капацитети кај давателите на финансиските услуги и за развој на конкурентна и сеопфатна околина.
Во текот на разговорот, беше истакната важната улога на Народната банка во дигиталната трансформација на финансискиот систем преку современа регулатива и активности што ја поттикнуваат иновацијата. Посебен акцент беше ставен на новата правна рамка во платежната сфера, којашто овозможи отворање на пазарот за нови даватели на услуги и поттикнување на финтек-иновациите.
Гувернерот Славески ја нагласи подготвеноста на Народната банка за унапредување на соработката со ИФЦ, особено во делот на поддршката за давателите на платежните услуги во натамошната интеграција со платните системи на Европската Унија, по членството во СЕПА, како и во развојот на инстант плаќањата и подготовката на новата среднорочна стратегија за развој на платниот систем.
Претставниците на ИФЦ го нагласија значењето на усогласувањето на регулативните рамки со меѓународните стандарди и поттикнувањето партнерства помеѓу банките, финтек-фирмите и приватниот сектор.
Средбата претставува важен чекор кон унапредувањето на партнерските односи меѓу Народната банка и ИФЦ, заради зајакнување на финансискиот екосистем и промовирање на финансиската вклученост, велат од НБРМ.
Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.