Економија
ЕЦБ: Македонскиот банкарски сектор стабилен, добро се справи со кризата
Македонскиот банкарски сектор е стабилен, помогна на адекватен начин Македонија побезболно да се справи со кризата, а македонското Здружение на банкарство е подготвено да стане полноправна члена на Европската банкарска федерација (ЕБФ), кога Македонија ќе стане дел од Европската унија.
Ова беше истакнато на прес конференцијата за време на паузата на состанокот на ЕБФ, кој во петокот се одржува во Скопје, во организација Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија, кое е асоцијативна членка на федерацијата. Извршниот директор на ЕБФ, Гвидо Равоет информираше дека во оваа федерација членуваат околу 5.000 банки од државите на Европската унија, но и од Швајцарија, Лихтенштајн, Исланд и Норвешка, а асоцијативни членки има од Русија па до Балканот.„Се надевам дека ќе ни се приклучите како полноправни членки. Знаеме дека Македонија има политички проблем, иако банкарите не коментираат политички настани, ќе изразиме надеж дека тоа наскоро ќе биде решено и ќе може да ни се придружите“, изјави Равоет.Тој оцени дека македонскиот банкарски сектор е стабилен и дека македонската економија добро се справила со кризата. „Очекуваме во 2014 година со уште поголемо темпо да се одвива развојот на државата, при што банките ќе имаат активна улога“, рече Равоет.Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески истакна дека Македонија има стабилен банкарски сектор, адекватноста на капиталот е на солидно ниво, ликвидноста на банките е добра, а нефункционалните пласмани се на пониско ниво во споредба со другите држави.„Банкарскиот сектор помогна во задржување на сопствената стабилност, но и преку адекватна поддршка на економијата, Македонија да помине низ кризата на побезболен начин“, изјави Ставрески.Тој наведе дека во Македонија во делот на регулативата се применуваат најдобрите меѓународни и европски практики, базелски стандарди и сето она што е регулатива во Европската унија се применува и во земјава.„Имаме стабилен банкарски сектор во кој и кредитната активност, иако се’ уште недоволна, се надеваме дека ќе биде повисока во следниот период, но споредено со другите земји е подобро“, изјави Ставрески. Гувернерот на Народна банка на Македонија, Димитар Богов изрази задоволство што Скопје е домаќин на состанок на ЕЦБ, за што рече големи заслуги има Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија.„Македонскиот банкарски систем ја задржува својата стабилност, а економијата покажува позитивни знаци. Нашите проценки се дека во првиот квартал ќе има закрепнување на македонската економија“, изјави Богов. Тој истакна дека денешниот состанок е добра можност да се разменат искуствата за примена на одредени регулативи, како и да се размени мислење за околу воведување на нови производи и услуги.Претседателот на Здружението за банкарство при Стопанската комора на Македонија, Ѓорѓи Јанчевски изрази задоволство од тоа што на Македонија и била укажана чест да го организира состанокот на ЕБФ, две години откако е примена во оваа федерација.На овој состанок покрај редовната работа што се одвива имаше можност Македонија да биде презентирана пред европскиот банкарски сектор, истакна Јанчевски./крај/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ поскап бензин
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,03% во однос на одлуката од 5.1.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,332%, кај дизелот има намалување за 0,317%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,391% и кај мазутот има намалување за 4,067%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7158%.
Од 13.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,133 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,668 ден/кг и сега ќе изнесува 32,133 ден/кг.
Фото: Depositphotos
Економија
ТАВ Аеродроми: 2025 година се заокружи со 3,5 милиони патници што е 9 отсто зголемување
Во 2025 година, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужија 3,5 милиони патници и 26.500 летови.
Двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид минатата година опслужија 3,5 (3.475.288) патници што е зголемување од 9% во однос на 2024 година.
Во 2025 година двата аеродроми опслужија 26.500 летови, што е за 4% повеќе во однос на истиот временски период, од јануари до декември, 2024 година.
„Успехот што го постигнавме во 2025 година не е случаен. Тој е резултат на јасна стратешка насока, фокусирани инвестиции и силни партнерства. Зголемувањето од 9% на бројот на патници и 4% пораст на летовите на двата македонски аеродроми е директна потврда дека вложувањата во модернизација на инфраструктурата, унапредување на оперативната ефикасност и проширување на мрежата на авиолинии даваат конкретни и мерливи резултати. Дополнително, новите дестинации, континуираната соработка со авиокомпаниите, зголемената побарувачка за патувања и посветеноста на нашите вработени овозможија стабилен и одржлив раст. Овие резултати ја зацврстуваат позицијата на македонските аеродроми како сигурни и конкурентни регионални воздухопловни центри и ни даваат силна основа за уште поамбициозен развој во наредниот период,“ вели Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Само во декември 2025, статистиката на ТАВ Македонија покажува двоцифрено зголемување на процентите на опслужени патници на двата аеродроми од дури 25% во споредба со декември 2024, една година претходно, или преточено во бројки, 294.781 патници.
Во последниот месец од минатата година пак, реализирани се 2,019 летови што е за 7% повеќе од декември во 2024 година.
Стабилен пораст покажува и дневниот пресек на патници во 2025. Скопскиот аеродром дневно во просек опслужуваше 8.786 патници што е за 9% повеќе од 2024 година, а преку
охридскиот, дневно патувале 767 патници што е за 16,3% повеќе споредено со минатата година.
Одделните анализи за двата аеродроми за периодот од јанури до декември покажуваат дека преку Меѓународниот Аеродром Скопје патувале 3.211.419 што е за 8,7% повеќе споредено со истиот период во 2024 година, а додека Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 20% со услужени 263.869 патници.
Истанбул, во сите 12 месеци од 2025 беше најфреквентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје до двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 16,6% пазарен удел. Потоа следуваат Базел Милуз (6,2%), Франкфурт (5,7%), Цирих (4,5%) и Минхен – Меминген (4,2%).
Топ – пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија (25,4% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (23,6%), Швајцарија (10,8%), Италија (5,5%) и Шведска (4,3%).
Од Меѓународниот Аеродром Скопје во моментов летаат вкупно 15 авиокомпании кон 49 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид три авиокомпании летаат до 7 дестинации.
Според најавите на авиокомпаниите, од март годинава, мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома ќе се зголеми, со отворањето на нови авиолинии и нови дестинации. Виз ер ќе почне да лета од Скопје до Неапол и ќе ја врати авиолинијата од македонскиот главен град до Будимпешта, додека од Охрид ќе почне да лета до Милано. Во мај, Аустриан ерлајнс ќе почне да лета од Охрид до Виена, а во јуни охридскиот аеродром ќе ги врати полските туристи во Охрид со отворањето на новата авиолинија од Вроцлав и враќањето на летовите од Катовице.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash

