Економија
Благо зајакната вработеноста во САД

Американските работодавачи во мај отвориле нешто повеќе работни места од претходниот месец, а стапката на невработеноста благо порасна, покажа извештајот на американското министерство за трговија објавен во петок.
Во минатиот месец во САД биле нето отворени 175.000 работни места, со што темпото на вработување благо забрза во однос на април, кога беа отворени 149.000 работни места.Американското министерство за трговија ги ревидираше податоците за март и април, според кои во двата месеца биле отворени 12 илјади работни места помалку од тоа што беше првично објавено.Стапката на невработеност во мај благо порасна, на 7,6 отсто, од 7,5 отсто колку што изнесуваше во април.Во приватниот сектор вкупно се отворени 178.000 работни места, додека во јавниот сектор се затворени 3.000 работни места. Најмногу вработувања имало во секторот малопродажба, професионални и деловни услуги и во угостителството.Без работа во мај биле 11,8 милиони Американци, што е незначителна промена во однос на април.Состојбата на американскиот пазар на труд во последно време се следи со зголемен интерес, особено од берзите, со оглед дека американската централна банка токму овој показател го добра за критериум за креирање на монетарната политика односно за зголемување или намалување на поттикнувачките мерки.Според проценките на берзите, новиот податок веројатно нема да го поттикне Fed на намалување на програмата за квантитативно ублажување во скоро време./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.