Економија
Од три до пет илјади евра за самовработување
Владата ја задолжи Агенцијата за вработување во петок да објави оглас, за реализација на мерката самовработување со кредитирање која е дел од годинешниот Оперативен план, а за едно вработување се доделуваат од три до пет илјади евра.
На овој повик ќе може да аплицираат невработените лица кои се поделени во две групи и тоа, невработени лица кои се водат во евиденцијата на Агенцијата за вработување најмалку една година и невработени лица кои се водат во евиденцијата на Агенцијата за вработување најмалку шест месеци, но да се млади лица до 27 години; возрасни лица над 55 години и лица кои се водат во евиденцијата на Агенцијата и примаат паричен надоместок по основ на невработеност.
За дејности од помал обем, секое ново отворено работно место во рамките на ново отворен бизнис се финансира со по 3.000 евра, при што се финансираат најмногу до три ново отворени работни места, или најмногу 9.000 евра. Рокот за поврат на повлечените средства изнесува три години, со грејс период од една година, и со каматна стапка од само 1 отсто годишно.
За дејности од поголем обем, основниот кредитобарател за отворање на бизнис се финансира со 5.000 евра, а за секое ново отворено работно место во ново отворениот бизнис се финансира со по 3.000 евра поединечно, при што се финансираат проекти со најмногу пет ново отворени работни места, или во вкупен обем може да се повлечат најмногу 17.000 евра. Рокот за поврат на повлечените средства изнесува 5 години, со грејс период од 1 година, и со каматна стапка од само 1% годишно.
Доколку некое од лицата, кои аплицираат за средствата и се вработуваат во ново отворените работни места, спаѓа во категоријата на невработени лица по основ на технолошки вишок, стечај или ликвидација, при што имаат користено паричен надоместок по основ на невработеност од најмалку 6 месеци и се невработени 3 години, тогаш тие може да добијат и дополнителни стимулативни средства во висина од 1.000 евра по вработен.
Така, доколку се здружат три лица од оваа категорија за основање на бизнис од помал обем, покрај основните 9.000 евра може да повлечат и дополнителни 3.000 евра по овој основ, односно вкупно да повлечат 12.000 евра. Доколку пак се здружат пет лица од оваа категорија за основање на бизнис од поголем обем, покрај основните 17.000 евра може да повлечат и дополнителни 5.000 евра по овој основ, односно вкупно да повлечат 22.000 евра.
Рокот за аплицирање за овие средства, за лицата кои ги исполнуваат условите, ќе биде 10 работни дена од денот на објавувањето. Апликантите ќе треба да пополнат едноставен образец со опис на нивниот бизнис план и пријава и да ги достават до Агенцијата за вработување, а по 45 денови Агенцијата за вработување во соработка со Агенцијата за претприемништво ќе ги разгледа сите поднесоци и ќе направи рангирање, при што со најдобро рангираните апликанти ќе се потпишат договори.
Од владата апелираат сите заинтересирани лица да ја искористат оваа исклучително поволна можност и да се охрабрат за аплицирање за да отворат бизнис и да се вработат./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

