Економија
Словенија најдобра, Македонија на четврто место по квалитет на услуга

Македонија втора година по ред е на последно место по дополнителна продажба и заблагодарување на купувачите, покажа најновото истражување за квалитет на услуга.
Во Македонија вкупниот резултат за квалитет на услуга е подобрен во споредба со претходната година, меѓутоа се уште не можеме да се вратиме на високото второ место кое беше постигнато во 2011 година. Старите навики тешко се искоренуваат, па така повторно сме последни по дополнителна продажба и заблагодарување на купувачите.
Иако Македонија се наоѓа на истото, четврто место, како и лани, вкупниот резултат за квалитет на услуга бележи пораст од 67,70 отсто на 70,95 отсто, односно за 3,25 процентни поени. Оваа година Словенија повторно се враќа на првото место со 76,74 отсто, додека Хрватска падна за една позиција, на второ место со 75,85 отсто. Пред Македонија се наоѓа и Србија со 72,32 отсто, додека на дното на табелата се Црна Гора и Босна и Херцеговина со 66 отсто односно 65,80 отсто.
Најчесто поздравуваат Хрватите (83,96%), а најмалку Црногорците (61%). Во Србија се најдобри во утврдување на потребите (75,50%), додека во Босна и Херцеговина се најслаби во оваа категорија (53,33%). Во Црна гора вработените најдобро ги познаваат производите кои ги продаваат (100%), додека во Босна и Херцеговина овој резултат е најслаб (81,88%). Дополнителни производи најмногу се нудат во Словенија (50,52%), додека најмалку во Македонија (38,30%). Во заблагодарувањето на купувачите се најдобри Хрватите (86,39%), а најслаби Македонците (60%).
Најдобри резултати во Македонија се постигнати во автомобилските салони со над 80 отсто исполнетост на стандардите. На второ место е туризмот и угостителството, следени од банките на трето и телекомуникациските провајдери на четвртото кои забележаа резултати од 80 отсто и пониски.
Под 70 отсто е услугата на бензинските станици и во малопродажните објекти, додека супермаркетите се стандардно најслаби во поглед на услугата со под 60 отсто.
Истражувањето е спроведено од 17 мај до 22 јуни 2013 година, од SWOT Research во соработка со агенциите за Mystery shopping од регионот, петти пат по ред.
Целта на ова истражување е да се подигне свеста за важноста на квалитетот на услугата, како и да се истакнат најдобрите во регионот.
Истражувањето беше спроведено во шест земји од регионот, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија.
Во рамки на проектот, тајните купувачи посетија вкупно 800 различни објекти – автомобилски салони, туристичко – угостителски објекти, банки, малопродажни објекти, телекомуникациски компании, бензински станици и супермаркети. При посетите, се обрнуваше внимание на петте основни елементи на добра услуга: поздрав, утврдување на потребите/желбите на купувачите, познавање на производот, нудење дополнителен производ и заблагодарување за посетата. Според англискиот збор GUEST (гостин) за Greet, Understand, Explain, Suggest, Thank.
Во последните пет години како се спроведува GUEST истражувањето, може да се забележи дека вкупните резултати за квалитет на услуга се движат од 65% до 80%. Со текот на годините, забележителен е благ пораст во свесноста за важноста да се пружи добра услуга на купувачите./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши од Струга: Инвестираме 40 милиони евра за граѓаните да останат и напредуваат дома

Денеска во Струга, Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување ја одржаа јавната презентација на Оперативниот план за вработување 2025. Настанот привлече голем интерес кај граѓаните, бизнисите и локалните институции, а главниот фокус беше ставен на мерките што директно ја засилуваат вработеноста и ја стимулираат економијата.
На презентацијата присуствуваше и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој порача дека Владата вложува во граѓаните – нивните идеи, капацитети и амбиции.
„Не нудиме празни ветувања, туку конкретни мерки, средства и поддршка. Оперативниот план е алатка за секој кој сака да започне, да се дообучи или да се вработи. Целта е јасна – да создадеме можности тука, дома“, истакна министерот Дурмиши.
Планот за 2025 година предвидува инвестиција од 40 милиони евра, насочена кон повеќе од 10.000 граѓани, а oд Министерството велат дек досегашниот одѕив покажува дека мерките веќе го даваат посакуваниот ефект.
Мерката за практикантство обезбедува вклучување на 1.352 млади лица до 29 години, од кои 40 преку онлајн практикантство. Секој учесник ќе добива месечен надомест од 12.000 денари во период од три месеци.
„Субвенционираното вработување за микро, мали и средни претпријатија веќе има над 2.000 апликации – доказ за високиот интерес на приватниот сектор да учествува во креирање нови работни места“, велат од Министерството.
Се додава и дека финансиската поддршка за започнување сопствен бизнис е успешно затворена со над 6.000 апликации, а во тек е селекцијата на корисниците, додека мерката 3.1 – Обука кај познат работодавач и понатаму останува една од најефикасните алатки за вработување.
„Овие бројки не се само статистика – зад секоја апликација стои приказна, надеж и одлука да се направи чекор напред. Нашата задача е да ја поддржиме таа одлука со реални алатки“, додаде министерот Дурмиши.
Настанот во Струга е дел од поширока теренска кампања, со која Министерството и Агенцијата за вработување ги претставуваат мерките директно пред граѓаните. Следуваат презентации во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност.
Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.