Економија
СДСМ бара ребаланс на буџетот

Владата рано на есен да направи ребаланс на буџетот, кој ќе мора да содржи намалување на буџетската потрошувачка, со цел буџетскиот дефицит до крајот на годината да не биде поголем од планираните 3,5 отсто, предложи во четвртокот опозициониот СДСМ.
Според потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов кратењето на буџетот не треба да се одрази врз платите и социјалните давачки, кои треба да останат на исто ниво, туку кратење да има кај непродуктивните и непотребните расходи.Тој притоа не прецизираше колку точно пари треба да се скратат, бидејќи опозицијата немала увид во буџетските ставки.„Опозицијата не е во можност да предлага колку точно пари треба да се скратат, затоа што за да предлагате конкретна бројка треба да имаме конкретен приказ на буџетот ставка по ставка, а тоа го немаме. Тие податоци се недостапни, затоа не можеме да кажеме конкретна бројка“, рече Узунов. Оценувајќи дека задолженоста на државата била на граница сериозно да ја загрози иднината на државата, Узунов побара веднаш да се запре задолжувањето заради, како што рече, алиментирање на непотребни и непродуктивни буџетски расходи.Потпретседателот на СДСМ побара и создавање на реални услови за поттикнување на домашните инвестиции, бидејќи, како што кажа, странските инвестиции не претставуваат замена на недоволните домашни (приватни) инвестиции. „Пораст на домашните инвестиции не може да се направи само преку влијаење за намалување на каматните стапки на банкарските кредити. Туку, и на домашните бизнисмени да им се понудат поволни услови како и на странските, а потребни се и редица други мерки“, изјави Узунов. Според него, растот на македонската економија од 2,9 отсто во првиот квартал не бил резултат на позитивни и одржливи придвижувања, туку на енормно трошење на буџетски средства и ниска споредбена основа со првиот квартал на 2012 година. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.