Економија
Македонија 2025 организирана студиска програма во Канада

Неколку македонски извршни директори ќе имаат можност да следат предавања на светски експерти од бизнис сцената, како и да посетат повеќе познати канадски компании.
Ова се предвидува со студиската програма во Торонто, Канада, што во понеделникот ја најави Организацијата Македонија 2025, составена од познати бизнисмени од дијаспората и од Македонија. Македонска делегација составена од извршни директори и претставници на македонскиот бизнис сектор, предводена од Зоран Мартиновски, Член на Одборот на Директори на Македонија 2025, од 8 до 20 јули ќе има можност да посети голем број канадски компании, како и да ги слуша предавањата за извршни директори на Шулих Школата за Бизнис во Торонто, една од десетте најдобри школи за бизнис во светот, се вели во најавата.Македонија 2025 ги покрива школарините на шест македонски извршни директори, кои ќе следат курсеви чии предавачи се експерти од меѓународната бизнис сцена. Заедно со останатиот дел од македонската делегација, ќе имаат можност да посетат неколку канадски компании: Сириус Икс-Ем Канада, Бомбардиер, Телус Интернешнeл, Магна, Мајкрософт Канада итн. За време на посетите на компаниите присутните ќе имаат можност да се запознаат со претставници на врвниот менаџмент и да се запознаат со начинот на работа на големите западни компании.Во меѓувреме претставниците на делегацијата ќе имаат можност да учествуваат на многу бизнис настани, чија главна цел ќе биде остварување на бизнис контакти и поврзување со претставници на дијаспората во Канада како и запознавање со потенцијални инвеститори од Канада. Македонија 2025 како дел од Програмата организира и Коктел на кој ќе учествуваат претставници од Одборот на Директори на Македонија 2025 и голем број угледни бизнисмени од регионот.Македонија 2025 искрено се надева дека оваа можност која им е дадена на македонските претставници ќе им овозможи да воспостават значителни бизнис врски и да се стекнат со меѓународно знаење кое подоцна истите ќе го пренесуваат на своите соработници и колеги, и со тоа ќе се создаваат лидери кои успешно ќе ја водат земјата и ќе придонесат за побрз економски раст и развој, се вели во соопштението на организација. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.