Економија
Јапонската економија закрепнува
Јапонската централна банка ја подобри во четвртокот оценката за состојбата во домашната економија, употребувајќи го за прв пат во повеќе од две години изразот „закрепнување“.
Изгледите за јапонската економија се подобрени благодарение на оптимистичкото расположение на компаниите и потрошувачите, констатираше денеска банката, која во април на јавноста и претстави над програма за откуп на обврзници во вредност од повеќе милијарди долари, насочена кон поттикнување на растот и сузбивање на дефлацијата. Јапонската економија започнува умерено да закрепнува“, стои во соопштението на банката, објавено по дводневниот состанок на одборот за монетарна политика.Ова оценка е нешто подобра од претходната кога банката констатирала дека „состојбата во економијата се подобрува“, истакнуваа аналитичарите.„Што се однесува до прогнозата се очекува и умерено закрепнување на јапонската економија, поттикнато со отпорна домашна побарувачка и подобрени странски економии“, стои во извештајот. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Тренчевска до власта: Намалете од луксузот и зголемете ја минималната плата на 600 евра
Минималната плата е еден од клучните механизми преку кои државата директно влијае врз животниот стандард на граѓаните, врз пазарот на труд и социјалната кохезија. Нејзината динамика на раст и начинот на усогласување се директно поврзани со борбата против сиромаштијата, намалувањето на нееднаквоста и обезбедувањето достоинствени услови за работа на работниците, рече потпреседателката на СДСМ, Јована Тречевска, на денешната собраниска седница на којашто на дневен ред е предлог-законот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра.
Таа посочи дека Владата во одредени услови мора да носи политички одлуки. Таков бил и случајот со зголемувањето на минималната плата во 2022 година, за време на владеењето на СДСМ, од 15.000 на 18.000 денари, направено во дијалог со работниците и работодавачите.
„Често слушаме дека сегашната Владата остава работодавачите и работниците сами да се договорат, но социјалниот дијалог во државата е трипартиски: во него се вклучени Владата, работниците и работодавачите. Владата не може да биде само модератор, туку е активен учесник и партнер во социјалното договарање, слушајќи ги барањата на работниците и поддржувајќи ги и работодавачите,“ посочи Тречевска.
Таа рече дека во времето кога СДСМ ја предводеле Владата платите тројно се покачиле.
„Минималната плата речиси тројно се покачи, од 8.000 на 22.500 денари, благодарение на добрите политики на СДСМ . Истовремено, како што растеше минималната плата, растеше и просечната плата, од 23.850 денари во 2024 година, скоро до 40.000 денари. Во однос на синдикалната кошничка, таа изнесува 67.382 денари во февруари 2026 година, споредено со февруари лани, што значи зголемување од скоро 1.000 денари. А во однос на 2022 година, таа е зголемена за повеќе од 30.000 денари. Овие аргументи јасно покажуваат зошто треба да се излезе во пресрет на барањата на работниците за минимална плата од 36.000 денари. Предлог-законот дава јасни насоки за финансирање на ова зголемување, преку намалување на луксузните расходи и пренасочување на средствата кон повисока минимална плата,“ рече Тречевска.
Економија
Зголемување на прагот за ДДВ-обврзници и зголемување на повратот преку „Мој ДДВ“, предлага Левица
Пратеничката група на Левица ќе поднесе измени на два закони, со заедничка цел – финансиско растеретување на физичките лица и малите економски субјекти, вклучително семејните бизниси, занаетчиите и регистрираните земјоделци, информираше на денешната прес конференција пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан.
Тој појасни дека предлогот предвидува двојно зголемување на максималниот износ за поврат на ДДВ по физичко лице на тромесечје – од 2.100 на 4.100 денари, како и зголемување на процентот на поврат преку апликацијата „Мој ДДВ“: од 20% на 40% за македонски производи и од 10% на 20% за останатите.
Дополнително, се предлага зголемување на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ-обврзник од 2 на 4 милиони денари годишен промет, со цел да се намали административниот и финансискиот товар врз малите фирми.
„Со оваа мерка сакаме да го растеретиме даночниот товар кој во моментов е непропорционално распределен – на штета на малите бизниси, додека големите компании користат бројни олеснувања и субвенции. Административните трошоци и за УЈП и за малите субјекти често се поголеми од самата даночна обврска. Со овој пакет отвораме суштинска дилема – кој навистина го носи товарот на даночниот систем во Македонија? Нашата цел е јасна: прогресивен и праведен даночен систем. Оттука, и во иднина ќе предложиме други мерки од овој тип за остварување на оваа цел”, рече Исмаил – Хактан.
Економија
Алкалоид со раст на консолидираните продажби од 10 %, извоз од 221,6 милиони евра и инвестиции од 18 милиони евра во периодот јануари – декември 2025 гoдина
Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – декември 2025 година продажбите достигнуваат 13.837.976.447 денари, што е за 3 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 20.899.116.085 денари, што е за 10 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 20 % во споредба со минатата година. Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 35 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 19 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 18 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Шведска и Австрија, каде што се зголемени 4-пати, потоа во Холандија, каде што се зголемени 3-пати, како и во Јужна Африка и Казахстан каде што продажбите се зголемени 2 пати. Потоа следуваат оние во Финска (раст од 53%), Ирска (раст од 35 %), во Португалија (раст од 32 %), Грција (раст од 23%), Ерменија (раст од 22 %), Полска (раст од 18 %), во Германија (раст од 14 %), итн.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 23 %, препаратите ОТЦ со 18 %, невролошките препарати со 12 %, кардиолошките препарати со 11 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 6 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст од 11 % кај сегментот фармација, додека во Сегментот хемија, козметика и билкарство се на исто ниво во споредба со остварените во истиот период од 2024 година.
Инвестиции
Во согласност со долгорочната развојна стратегија, односно со 20-годишниот инвестициски развоен план, во последните неколку години се изградени нов погон за производство на полуцврсти фармацевтски форми, нов погон за пакување лекови, нов магацински простор за складирање суровини, како и нов погон за производство на цврсти форми (фармацевтски препарати), најзначајната инвестициска активност. Во таа насока, а со цел соодветно зголемување на капацитетите и во Контрола на квалитет – фармација, во 2025 беше пуштена во употреба новата микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет која има капацитет да изведува околу 20.000 различни микробиолошки анализи годишно, a во неа работи 21 високостручно лице.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – декември 2025 година изнесуваат 1.112.882 илјади денари.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 3.393.013.158 денари, бележи зголемување од околу 18 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.984.231.174 денари и е зголемена за 17 %.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 3.594.356.875 денари и бележи раст од 20 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.795.766.435 денари е зголемена за 7 %.
Одговорност кон локалната заедницата
Во рамки на својот континуиран придонес кон заедницата, АЛКАЛОИД АД Скопје заедно со капитално поврзаните друштва лоцирани во земјата во 2025 година оствари значајни економски влијанија преку редовна исплата на даноци и други давачки кон државата во износ од 1.965.720 илјади денари, вложувања во своите вработени во износ од 2.119.678 илјади денари, исплата на дивиденда во износ од 784.441 илјади денари, поддршка преку донации, спонзорства и стипендирање во износ над 226.953 илјади денари како и соработки со над 1.950 домашни добавувачи со остварен промет од 3.231.879 илјади денари. Овие показатели ја потврдуваат долгогодишната ориентација на компанијата кон одговорно работење, стабилен развој и силна поддршка на домашната економија и пошироката заедница.
Вработени
Во периодот јануари – декември 2025 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 54 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2025 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 44.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 3.018 вработени, од кои 2.234 се во земјава, а 784 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – декември 2025 година се движеше од 24.000,00 до 31.099,00 денари или просечно 27.468,23 денари за една акција, што претставува раст од 22,76 % во споредба со просечната цена на акцијата во истиот период од 2024 година. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со Друштвото и на генералниот тренд на движење на глобалните и на регионалните берзи. На 31.12.2025 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.464 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 35,8 милијарди денари.
На 1 април 2025 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2024 година во износ од 901.752 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2025 година започна исплатата на дивидендата во износ од 630 денари бруто, односно 567 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2024 година е поголема за 16,67 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2023 година.
Бизнис-план за 2026 година
Бизнис-планот за 2026 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2025 година, предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 7 % на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2025 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит во однос на 2025 година.
Бизнис-планот за 2026 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2026 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, продолжи и во 2025 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од глобална трговска војна може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти.
Очекуваме во 2026 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти.
ПР

