Економија
Околу 550 луѓе се пријавиле за владини раководни функции

До Владата на Република Македонија во рамките на вториот јавен повик доставени се поединечни поднесоци од околу 550 лица, а доколку се земе предвид можноста едно лице да конкурира за повеќе објавени позиции вкупниот број на апликации изнесува над 700, информираше во петок портпаролот на Влада, Александар Ѓорѓиев.
Најголем интерес за пријавување покажуваат за позициите од областа на здравствениот сектор.
„За позициите организациски (економски) директор на универзитетските клиники кои беа дел од јавниот повик, во просек конкурираат по околу 25-35 лица по објавена позиција, интерес во ваков обем е пројавен и за позициите секторски директор за финансии и секторски директор за сметководство и трезор во Фондот за здравствено осигурување, а има добар интерес и за позициите медицински директор на универзитетските клиники, иако заради поспецифичните услови и критериуми кои се бараат од кандидатите тој интерес е помал во споредба со интересот за организациски директор што е и разбирливо и очекувано“, вели Ѓорѓиев.
Добар интерес имало и за позициите директор на Јавното претпријатие за државни патишта и за директор на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, за позицијата член на Управен одбор и секторски директор во МЕПСО, за М-НАВ и други позиции.
Голем интерес има и за раководните позиции од условно кажано регионалните втор и трет ешалон на државната власт кои се особено битни за реализација на владините политики на микро ниво, каде што при овој повик беа застапени подрачни единици од Јавното претпријатие Македонски шуми, од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Управата за имотно правни работи, Управата за матична евиденција, Агенцијата за вработување и други, каде што во просек по единица објавена позиција имаме околу 10-20 поднесоци.
Сега следи разгледување на писмените поднесоци кои ги доставија кандидатите во рамките на вториот повик, а потоа со кандидатите ќе бидат спроведени интервјуа во прва фаза, „при кои што ќе имаме можност непосредно да се запознаеме со кандидатите, да поразговараме за поедини нивни ставови и мислења на определени теми, да разговараме за нивните идеи и проекти за унапредување на реформите во институциите и да стекнеме поконкретен впечаток за нивните способности“.
Потоа следува потесна селекција на кандидатите, кои што откако ќе бидат селектирани, ќе влезат во втората фаза на интервју кое се спроведува од стручни тимови и по која што фаза ќе следува процесот на започнување на изборот или именувањето на раководни позиции почитувајќи ги сите законски постапки и норми.
„Во рамките на првиот јавен повик за пријавување на интерес за ангажман на раководни позиции, комплетно е завршена фазата на разгледување на писмените поднесоци и првата фаза од интервјуата со сите кандидати кои аплицирале. Деновиве продолжува втората фаза од интервјуата со селектираните кандидати, а за дел од позициите кои беа предмет на првиот јавен повик комплетно се завршени сите постапки (разгледување на поднесоци, прва и втора фаза од интервјуа) и во следниот период се чини веројатно да започне или пак да се заокружи процесот на избор или именување на дел од раководните позиции кои биле објавени и за кои се аплицирало“, додаде Ѓорѓиев./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство

Денеска е објавен Јавниот повик 08/2025 за доставување на барање за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка на рурален развој за 2025 година.
Поддршката е наменета за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство, со цел зачувување на руралните подрачја и промовирање на одржливо земјоделство.
Право на поддршка имаат земјоделски стопанства регистрирани согласно Законот за земјоделство и рурален развој во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Висина на поддршката:
• 100% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина еднаква или повисока од 700 метри;
• 60% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина пониска од 700 метри.
Услови за доделување:
• 1 вработено лице на 150 овци;
• 1 вработено лице на 100 кози;
• 1 вработено лице на 50 говеда, но не повеќе од 620.000 денари по вработено лице.
Задржување на истиот број вработени најмалку една година по исплатата.
Барањата со потребната документација потребно е да се поднесат најдоцна до 30.07.2025 година.
Економија
Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот

Македонија влегува во клучна фаза на трансформација на енергетскиот систем, земјата не само што вложува во стабилноста и модернизацијата на сопствената мрежа, туку стана активен играч во регионалното поврзување и енергетската интеграција, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Според неа, со новите интерконектори, стратешките трансформаторски станици и инвестициите во паметна енергетска инфраструктура, државата го поставува курсот кон енергетска независност и улога на регионален енергетски коридор.
Божиновска најави дека во следните денови официјално започнува изградбата на гасниот интерконектор со Грција.
„Интерконекторот е долг 68 километри, ќе пренесува не само природен гас, туку и водород, остварена e заштеда од 12 милиони евра и ќе биде изграден од македонска компанија – директна корист за домашната економија“, рече таа.
Во меѓувреме, додаде Божиновска, Македонија и Србија направија значаен исчекор кон ново енергетско поврзување – минатата недела се потпиша Меморандум за соработка меѓу НОМАГАС и Србијагас за изградба на интерконектор меѓу Клечовце и Врање, со вкупна должина од 70 километри, од кои 23 километри ќе бидат на македонска територија. Во рамки на проектот ќе се изградат и мерни станици од двете страни на границата. Студиите за изводливост и за влијание врз животната средина се веќе во тек, со поддршка од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
„Преку овие две стратешки поврзувања, Македонија се позиционира како нова транзитна точка за природен гас на релација Југ – Север, односно од ТАП гасоводот и ЛНГ терминалот во Александруполис кон Србија и Средна Европа, со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно. Ова е директна поддршка на енергетската диверзификација на целиот регион, со зголемена употреба на гас од различни извори“, рече таа.
Изградбата на 400/110 kV врската Охрид – Елбасан, пак, ќе го заокружи електроенергетското поврзување на Македонија со сите соседни држави – стратегиски проект за цел регион.
„Ова е новата сила на македонската енергетика. Со регионалните интерконектори, Македонија веќе не е само краен потрошувач – станува активен учесник во преносот и стабилноста на енергетиката во Југоисточна Европа. Ова е патот кон сигурна енергија, економска отпорност и стратешка позиција на енергетската карта на Балканот. Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот.“, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севилја

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.